Европските земји вршат притисок врз Германија да не ги затвора нуклеарките

Расте притисокот врз германската влада, кој доаѓа не само од опозицијата, туку и од европските партнери, да ја продолжат работата на преостанатите три нуклеарни централи поради недостигот на гас.

„Од германската влада се бара да ја продолжи работата на нуклеарните централи, а тоа го бараат не само опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ, туку и неколку партнери од Европската унија“, пренесува агенцијата ДПА, повикувајќи се на до извори во Европската комисија.

Најпрво, источните членки на Европската унија, како Унгарија, Романија, Словачка, но и соседна Франција, бараат од германската влада да ја продолжи работата на нивните нуклеарни централи поради критичната состојба со природниот гас.

Во Германија 15 отсто од електричната енергија се уште се добива од електраните кои користат гас.

„Ако Германија сака да заштеди гас, треба да ја продолжи работата на преостанатите три нуклеарни централи, или уште подобро: нека ги рестартира трите електрани што ги затвори минатата година“, рече словачкиот министер за економија Ричард Сулик.

Според неговите информации, со работата на шесте германски нуклеарни централи би биле заштедени 15 милијарди кубни метри гас, што е половина од количината што ЕУ сака да ја заштеди според новопостигнатиот договор.

Слична изјава даде и унгарскиот премиер Виктор Орбан, критикувајќи ја Европската комисија за одбивањето да ја принуди Германија да ги рестартира своите нуклеарни централи.

Во Германија се уште работат три нуклеарни централи, кои според постоечкиот закон, донесен за време на владеењето на Ангела Меркел и по катастрофата со нуклеарната централа во Фукушима, треба да престанат со работа најдоцна до крајот на годинава. .

Експертите веруваат дека трите нуклеарни централи кои престанале да работат минатата година можат повторно да се приклучат на мрежата во рок од неколку недели без никаков проблем.

„Не зборуваме за години, туку за недели. Сите исклучени единици се технички во совршена состојба“, изјавил за дневниот весник „Билд“ шефот на Федералната канцеларија за техничка исправност, Јоаким Булер.

Во социјалдемократско-зелено-либералната коалициска влада, пред сè, партијата на Зелените остро се противи на продолжување или рестартирање на нуклеарните централи. Како компромис се споменува продолжување на работата на електраните до потрошување на нуклеарното гориво што е во залиха. Тоа би можело да потрае до мај следната година за да работат постојните електрани.

Зелените целосно ја исклучуваат набавката на ново гориво за нуклеарните централи. Дополнително, се истакнува дека новото гориво би било достапно дури од пролетта следната година.

Министерот за економија и енергетика, Роберт Хабек (Зелени), смета, како и социјалдемократските членови на владата, дека продолжувањето на работата на нуклеарните централи ќе придонесе за заштеда од само 0,7 отсто од гасот. Нуклеарните централи кои се уште работат произведуваат околу 6 отсто од електричната енергија за потребите на Германија.

Европската комисија нагласи дека нема да се меша во конфликтот за германските нуклеарни централи, посочувајќи дека учеството на поединечните извори на енергија во вкупната потрошувачка е работа на земјите-членки.

Advertisement