Фатри Фетаху: Горд сум од тоа што сум-Македонец, Бугарија да престане да бара нација и народ таму кадe што нема

Горд сум од тоа што сум и што преставувам-Македонец. Не се срамам и не се кријам, тоа јавно и јасно сум го кажувал и го кажувам. Тоа во нас го всадиле нашите родители а ним нивните и како светост го пренесуваме од генерација на генерација, изјави за Македонски весник Илинден, Фатри Фетаху, дипломиран економист, жител на село Требиште, областа Голо Брдо.

Фетаху, кој е познат активист за правата на Македонците и претседател на огранокот за Голо Брдо на македонското друштво „Илинден“- Тирана во име на жителите на областа порачува дека е „време да се каже доста на провокациите и притисоците од страна на Република Бугарија и да престане да бара нација и народ таму кадe што нема“.

Ја повикуваме Бугарија да не ја злоупотребува тешката економска позиција на регионот населен со чисто етнички Македонци, што не и доликува на една држава која е земја членка на ЕУ. Делат пасоши и уценуваат Македонците да се попишат Бугари. Ја прашуваме Бугарија што ќе делеше и со што ќе уценуваше доколку Албанија или Македонија беа членки на ЕУ? Да им кажеме: нема што да нудат, револтирано нагласува Фетаху.

Гордо, вели тој, не само јас туку и сите ние кажуваме дека сме Македонци.

Ние сме Македонци, сме биле Македонци и ќе останеме Македонци, порачува Фетаху во име на жителите на Голо Брдо.

До падот на тоталитарниот режим, во 22 населени места во областа населението броело над 35 илјади Македонци од двете конфесии, иако, додава, никогаш не се делат по верска основа, едноставно кажуваат Македонци, како и мал процент Албанци, но поради миграцијата денеска има  помалку од 10 илјади жители./Вера Тодоровска

Advertisement