Галичник душата на Мијачијата

Познатите македонски иконописци: Макарија, Јаков и Кузман Фрчкоски, легендарниот пејач Александар Сариевски, авторот на првата печатена македонска граматика Ѓорѓија Пулевски, преродбениците Партенија Зографски и Панајот Гиновски, еден од најавтентичните македонски сликари Лaзар Личеноски… овие луѓе се само дел од великаните кои се родиле и чекореле низ тесните улички на Галичник, а истовремено нивниот генијален дух ги осветлил македонските, но и пошироките европски културни центри.

Со овие зборови легендарниот македонски писател и поет Петре М. Андреевски го опишува Галичник, селото кое е срце и душа на целиот мијачки регион, а е од огромно значење и за цела Македонија поради својата историска улога како културен центар за време на македонската преродба од XIX век. Навистина нема друго село или населба во Македонија од кадешто произлегле толку значајни историски личности кои се вградиле во нејзиниот цивилизациски развој.

Познатите македонски иконописци: Макарија, Јаков и Кузман Фрчкоски, легендарниот пејач Александар Сариевски, авторот на првата печатена македонска граматика Ѓорѓија Пулевски, преродбениците Партенија Зографски и Панајот Гиновски, еден од најавтентичните македонски сликари Лaзар Личеноски… овие луѓе се само дел од великаните кои се родиле и чекореле низ тесните улички на Галичник, а истовремено нивниот генијален дух ги осветлил македонските, но и пошироките европски културни центри. За центарот на своевидното „Мијачко царство“, Галичник пишува и македонскиот поет и публицист Радован Павловски.

„Малубројна по наталитет, многубројна по дух и школувана интелигенција, Мијачијата има преродбенички епицентар во Галичник. Од трите еднопросторни и духовни царства, Мијачијата јазично, етнички, народно и индивидуално материјално и духовно, од своето славно писмено и усмено, фолклорно и уметничко (современо) творештво е најславно, најпрочуено – тоа е простор за кој постојано, и во војна и во мир, сакале да го освојат-присвојат, останало Мијачкото царство, хомогено, изворно, автентично. Понекогаш љубоморно завидно самото на себе, а камоли на други! Галичник. Ремек дело на градителската Мијачка рака: куќи-кули. Пред градот, град, пишува Павловски, кој го сместува Галичник во самиот врв на местата во Македонија кои ја задолжиле со своето огромно културно-историско наследство.

Галичник е сместен на падините на планината Бистра, во самиот центар на регионот познат како Мијачија. Самото место е туристичка атракција поради неговата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи од кои запира здивот.

Првата варијанта за потеклото на името „Галичник“ вели дека тоа е изведено од името на реката Галик која тече близу до Солун. Втората варијанта вели дека тоа е наречено Галичник по големиот број на „диви кокошки“ – галици, кои живееле на месноста над сегашната црква Св. Петар и Павле, која има јужна диспозиција.

Иако почетокот на XX век Галичник го дочекал со околу 3.000 жители, а во своите најпросперитетни денови имал дури и над 4.000, сепак според последниот попис од 2002 година, денес во Галичник има само 3 постојани жители. Но од она што можевме да го забележиме за време на нашата посета таму, за време на викенд селото врие од луѓе, од оние кои го напуштиле своето родно село, како и од туристите кои за првпат го откриваат ова откинато парче рај на земјата.

Во Галичник има што да се види преку целата година, а особено за време на летниот период, кога се случува и познатата „Галичка свадба“, културна манифестација на која пиштат зурлите и ечат тапаните на тешкото, со сиот подземен и надземен екот кон каменот на Бистра и небесниот свод.  Иако сега живеат само тројца постојани жители, на Петровден има повеќе од 5.000 посетители и туристи кои доаѓаат да ја гледаат оваа Галичка свадба.

Галичник за љупобитниците и гостите ги нуди и галичкото овчо бело сирење и кашкавал, галичките фолклорни носии, трите музеи Меморијален музеј на Ѓорѓија Пулевски“, „Музеј на културното наследство на Галичник“ и приватниот музеј на Гапе Ажиевски… но тоа ќе  ни остане за некоја друга прилика.

Го напуштаме Галичник со искрена желба за повторна и поблиска средба во иднина. А дотогаш тој ќе си остане она што и отсекогаш бил – исконско македонско село, бит на целиот Мијачки регион, место кое ви ја полни душата и ви го доближува автентичиот македонски начин на живот, карактеристичен за едни подзаборавени времиња./www.ohrid24.mk

Advertisement