
Република Македонија веќе неколку време е исправена пред големи предизвици, при што се доведени во прашање нејзината безбедност, интегритет, уставниот поредок и, уште повеќе нејзиниот суверенитет и опстанок. Последните настани во нашата Татковина го окупираат фокусот на домашната и на светската јавност. Македонија е под силен и бескруполозен внатрешен и даворешен притисок на политички стуктури и центри на моќ, при што се заговара нејзино редефинирање, што значи менување на Уставот, државните симболи, химната и наметнување двојазичност, а тоа, пак, значи поткопување на темелите на државноста на Република Македонија. Македонскиот јазик е еден од најсилните атрибути на македонската државност. Во таа смисла, таткото на современиот македонски јазик, големиот Блаже Конески, зборувајќи своевремено за цинизмот на нашите балкански соседи, вели дека доколку го уништат нашиот јазик, „ќе уништат нешто големо“. Некој, не случајно, рекол: – Додека живее јазикот, ќе живее и нацијата. Најстрашно од се крајната цел на сето ова е менување на исконското и древното име на нашата Татковина Македонија, а тоа пак со себе повлекува бришење на нашиот македонски идентитет и во Татковината и насекаде каде што не има.
Следејќи ја будно и со загриженост севкупната состојба во Република Македонија, Генералното собрание на Американско-канадската Македонска Православна Епархија, на своето редовно заседание, што се одржа на 13-ти мај 2017 година во МПЦ „Свети Климент Охридски“-Торонто, Канада, од име на Македонските православни цркви во Епархијата и македонската дијаспора во САД и Канада, ја донесе следнава
Р Е З О Л У Ц И Ј А
1. Апелираме до сите релевантни фактори, политички партии и невладини организации во Република Македонија, до политичките лидери и до сите чинители на општествениот живот, придржувајќи се на Уставот, начелата на демократијата и владеењето на правото, раководени од принципот на братољубие и човекољубие, да покажат доблест, да ги надминат личните и теснопартиските интереси во служба на општото добро – зачувувањето на мирот, слободата, стабилноста, територијалниот интегритет и името на Република Македонија. Тоа е од посебно значење не само за нашата држава туку и за поширокиот регион.
2. Нашите македонски браќа и сестри во Татковината – да си ја сакаат Македонија како своја Мајка, да се сплотат и да не дозволат поделби и, не дај Боже, меѓусебно крвопролевање, обезбедувајќи соживот и почитувајќи ја слободата на сите околу нив, без оглед на нивната национална, верска и политичка припадност. Да не заборавиме дека Македонија е лулка на христијанството во Европа. Светиот апостол Павле, откако по покана на оној Македонец го посеа семето на Евангелието, потоа во своето послание им напиша на филипјанинте, односно на Македонците: „Бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов и бидете еднодушни и едномислени; не правете ништо од честољубие или за празна слава… не грижете се секој само за себе, туку и за другите!“ (Фил. 2, 2 – Така, приоритет на сите Македонци, покрај верата во Евангелието, нека ни биде Македонија.
3. Припадниците, пак, на останатите етнички заедници, посебно на албанската, да се заложат за меѓуетнички соживот и да покажат неопходна почит и лојалност кон Република Македонија како кон своја држава, и водејќи сметка за нејзиниот унитарен карактер, да го почитуваат државотворното достоинство на македонскиот народ, зашто, ние Македонците, се` што имаме е – Македонија! Друга држава немаме!
4. Претставниците на меѓународната заедница во државата, не само декларативно и, уште повеќе, од позиција на моќ, туку принципиелно и прагматично да се заложат во праведно разрешување на политичката криза, почитувајќи го суверенитетот и интергритетот на Република Македонија, не поддржувајќи иредентизам и големодржавнички апетити и безусловно да помогнат за нејзиното скорешно прифаќање во евроатланските организации.
5. Медиумите во Република Македонија, информирајќи ја македонската и светската јавност за состојбите, во духот на новинарската етика, должни се објективно и непристрасно да ја информираат јавноста. Излегувањето од кризата, во голема мерка зависи и од нивната совесна работа. Слободата, пак, на информирањето подразбира – одговорност, благовременост и точност.
Уште еднаш, апелираме до сите: Не дозволувајте крвопролевање во Македонија, не дозволувајте распад на Македонија, не делете го древниот македонски народ! Македонци, заради Македонија, каде и да сте: сплотете се, не делете се! Ако други не` делеа, сами да не се делиме! Уште повеќе, не тргувајте со Македонија! Македонија е скапо платена и нема цена. Резолуцијава ќе се достави до сите релевантни фактори во Република Македонија
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden