Германија: Двајца мртви и седум повредени во напад со нож во воз

Германската полиција го уапси лицете кое прободе повеќе луѓе во регионален воз на северот на земјата. Две лица им подлегнаа на повредите, а седуммина се повредени. Маж на возраст меѓу 20 и 30 години е уапсен на железничката станица како осомничен за нападот со нож врз патници во регионален воз во Германија. Мотивите за нападот, засега, се нејасни. Полициски извори за агенцијата ДПА изјавиле дека осомничениот претходно не привлекувал внимание со екстремистичко однесување и сметаат дека лицето можеби страда од ментална болест.

Нападот се случил додека возот патувал од Кил кон Хамбург на северот на Германија. Нападот започнал околу 15 часот, пред пристигнувањето на возот на станицата Брокстед, каде осомничениот бил уапсен по физичка пресметка со полицијата. Тој бил лесно повреден и бил префрлен во болница. Тројца од повредените се во тешка состојба, додека четворица минале со полесни повреди.
„Ова е навистина страшно. Сите сме во целосен шок и ужаснати дека вакво нешто се случи“, изјави министерката за внатрешни работи на покраината Шлезвих-Холштајн, Сабине Ситерлин-Вак. „Најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. На повредените им посакуваме брзо и целосно закрепнување“, соопшти германскиот железнички оператор Дојче Бан.

Advertisement