Политичка криза во Германија: Шулц поднесе оставка од Социјалдемократската партија (ВИДЕО)

Мартин Шулц вечерва соопшти дека си поднесува оставка од позицијата претседател на Социјалдемократската партија на Германија (СПД). СПД закажа вонреден партиски конгрес за избор на нов претседател на 22 април, кога ќе се избира наследникот на Шулц. До тогаш партијата ќе ја води градоначалникот на Хамбург, Олаф Шолц.

Според партиски извори, најсериозен кандидат за нов претседател на СПД е претседателката на парламентарната група, Андреа Налес. СПД имаше најслаби изборни резултати на изборите минатиот септември, по што Шулц најави дека нема да влезат во нова коалиција за широка влада со конзервативците на Ангела Меркел. Сепак по неуспехот на Меркел да формира влада, Шулц го промени ставот и реши да започне преговори за нова владина коалиција.

Социјалдемократите постигнаа договор со конзервативниот блок, за кој на внатрепартиски референдум треба да се изјаснат околу 460 илјади членови на СПД. Шулц беше критикуван од истакнати членови на СПД околу договорот со ЦДУ и кадровските решенија, па тој се повлече од предвидената позиција министер за надворешни работи.

 

Advertisement