Германија: Предвремена пензија за бившиот шеф на тајната служба

Поранешниот шеф на тајната служба Ханс-Георг Масен е испратен принудно во пензија. Првично тој требаше да биде специјален советник на министерот за внатрешни работи, Хорст Зехофер. Сојузниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер на прес-конференција во Берлин соопшти дека го замолил сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер да го преземе овој чекор поради „неприфатливите формулации“ на Масен во негов говор. Досегашниот заменик на Масен, Томас Халденваг привремено ја презема функцијата шеф на тајната служба, додека да биде најден наследник.

Во својот проштален говор пред своите поранешни соработници, но и публика од редовите на тајните служби од странство, Масен зборувал за постоење леворадикални сили кај Социјалдемократската партија, наивни во поглед на миграциската политика. Масен пред своите европски колеги во Варшава во октомври изјавил дека неговите изјави поврзани со инцидентите во Кемниц, биле добредојдена можност за провоцирање распад на големата владина коалиција во Германија. Говорот на Масен со недели бил присутен на веб-страницата на Службата за заштита на уставниот поредок.

„Овој говор содржи неприфатливи формулации“, изјави Зехофер, според него, со тоа е уништена неопходната доверба за меѓусебна соработка.

Шефот на тајната служба на Германија ѝ дал информации на АфД?

Масен се најде на мета на критики по едно неговото интервју за булеварскиот весник „Билд“, на крајот на август, по настаните во Кемниц, во кое тој изразува сомнеж дека во градот имало „лов“ на мигранти. Неговата изјава беше спротивна на изјавите на повеќе очевидци, меѓу нив и новинари, како и спротивно на изјавите на канцеларката Ангела Меркел и предизвика двонеделна коалициона криза во владата. СПД бараше Масен да биде отпуштен, но Зехофер сакаше да го задржи. На 23. септември партиските раководства се усогласија Масен да премине како специјален советник во Министерството за внатрешни работи./www.dw.com

Advertisement