Германија веројатно е во рецесија, вели централната банка

Германија веројатно во моментов е влезена во рецесија, бидејќи надворешната побарувачка е слаба, потрошувачите остануваат претпазливи, а домашните инвеститори се воздржани поради високите трошоци за задолжување, објави централната банка Bundesbank во редовниот месечен извештај за најголемата европска економија објавен во понеделникот.

Германија се мачи откако руската инвазија на Украина во 2022 година ги зголеми енергетските трошоци, а нејзината огромна, тешка за индустријата економија сега е во четвртиот квартал по ред со нула или со негативен раст, што ѝ тежи на целата еврозона.

„Сè уште нема закрепнување за германската економија. Производството би можело повторно благо да се намали во првиот квартал од 2024 година. Со вториот последователен пад на економското производство, германската економија технички би била во рецесија“, се вели во извештајот на Bundesban.

Оваа слаба изведба покрена прашања во врска со одржливоста на германскиот економски модел и критичарите тврдат дека голем дел од нејзината тешка индустрија зависна од енергија сега се преоценува од меѓународните пазари и бара економска трансформација.

Владата, сепак, ги отфрли мрачните проекции, тврдејќи дека тоа е само „совршена бура“ како комбинација од високите енергетски трошоци, слабата кинеска побарувачка и забрзаната инфлација што привремено го кочи растот, но фундаментално не ја доведува во прашање економската стратегија.

Но, од Bundesbank тврдат дека засега ќе продолжи слабоста на германката економија. Странската индустриска побарувачка се намалува, а заостанатите нарачки се намалуваат. Компаниите, исто така, се воздржуваат од инвестициите, делумно затоа што трошоците за финансирање остро се зголемија откако Европската централна банка (ECB) ги зголеми каматните стапки на рекордно високо ниво за да се справи со инфлацијата, соопшти централната банка.

Високиот раст на номиналната плата, исто така, влиј ае на фирмите, а штрајковите во клучните сектори, како што е транспортот, исто така би можеле да влијаат на растот во кварталот.

Нарушувањето на превозот во Црвеното Море, сепак, нема да има значајно влијание бидејќи има многу резервен капацитет во превозот и затоа што трошоците за товар се само мал дел од вкупната цена на стоката, се вели во извештајот на Bundesbank.

Иако изгледите се слаби, банката вели дека не очекува големо влошување на пазарот на трудот, кој досега беше изолиран од состојбите во економијата, а Германија не се соочуваше со широка, продолжена рецесија.

„Слабата фаза во германската економија која трае од почетокот на руската агресивна војна против Украина на тој начин ќе продолжи“, додаваат од банката.

Advertisement