
Германија планира да воведе построги гранични мерки за да ја запре нелегалната миграција, а воедно најавува и построги услови за добивање германско државјанство.
Според германските медиуми, на лицата кои веќе имаат германско државјанство и јавно повикуваат на воведување калифат или шеријатски закон би можело да им биде одземено државјанството. Истото би важело и за странски државјани или за лица со двојно државјанство осудени за антисемитски злосторства, објавува порталот Fenix-magazin.de.
Канцеларијата на ЦДУ во Брисел наводно планира да усвои резолуција на претстојната партиска конференција во Штутгарт со која ќе им се овозможи на барателите на азил кои влегуваат во Европската Унија од безбедни трети земји веднаш да бидат вратени на надворешните граници на ЕУ, без дополнителни процедури и контроли.
Во предлогот, кој го видоа германските медиуми, се наведува дека таквата практика бара правно обврзувачка регулатива на ЕУ. Враќањето на нелегалните мигранти на надворешните граници на ЕУ треба да се регулира со дополнителен протокол кон Европската конвенција за човекови права.
Целта на овие мерки е да се надмине постојната судска пракса во врска со Европската конвенција за човекови права, која, според предлагачите, во моментов го отежнува или оневозможува спроведувањето на ефикасни мерки за заштита на надворешните граници на ЕУ.
Исто така, се предвидува значително заострување на условите за добивање германско државјанство. Кандидатите ќе мора да имаат напредно познавање на германскиот јазик, да живеат без социјална помош најмалку пет години, да имаат законски престој во земјата најмалку седум години и да немаат криминално досие. Нивото на познавање на јазикот ќе мора да се докаже со официјален сертификат, но и со дополнителен усен тест на лице место, со цел да се спречи злоупотреба и купување лажни јазични сертификати.
Дополнително, предлогот предвидува дека лицата чии барања за азил се одбиени, како и бегалците од земјите каде што завршиле граѓанските војни, постојано ќе бидат лишени од правото на престој во Германија, наведува Нова.рс./www.slobodenpecat.mk
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden