Бруто домашниот производ (БДП) на Германија во вториот квартал годинава остана непроменет во однос на првиот, но во однос на истиот период лани, според сезонски прилагодените податоци, е намален за 0,2 отсто, објави државниот завод за статистика Дестатис.
По слабиот зимски период, личната потрошувачка се стабилизираше во вториот квартал. Иако најголемата европска економија излезе од рецесија, резултатот – ова е првата проценка – сепак е полош од прогнозите на аналитичарите кои, според странските новински агенции, очекуваа раст на БДП од 0,3 отсто.
Истовремено, Дестатис ги коригира податоците за првиот квартал годинава и последниот квартал од минатата година. Во првите три месеци од годинава падот на БДП беше 0,1, а не 0,3 отсто, а во последните три месеци од минатата година беше 0,4, а не 0,5 отсто.