
Фото: Бигорски Манастир Св. Јован Крстител
Постои една ноќ во која пустината проговорува. Постои едно раѓање по коешто старечките усни, занемени со месеци, повторно се отвораат – не за да прозборат, туку за да воспеат. Таква е оваа ноќ: ноќта во којашто нашата света Бигорска обител го празнува своето торжество – раѓањето на чесниот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов свети Јован, оној од кого никој поголем нема меѓу родените од жена.
Зашто и пред да го види светот, тој веќе Го позна Светлото: уште од утробата на својата мајка заигра пред доаѓањето на Спасителот, како што јагнето игра пред пролетното сонце. А кога се исполнија деновите, и неплодната Елисавета роди, тогаш и онемениот Захарија ја најде својата реч – и првиот збор на разврзаниот јазик не беше прекор за молкот, туку благослов кон Бога. Ете го целото таинство на овој ден: неплодноста расцутува, молкот пее, а во пустинскиот предел се зачнува оној глас што наскоро ќе извика над Јордан: „ Пригответе го патот Господов и исправете ги патеките Негови“. Светилник пред незаодното Сонце, пријател на Женикот кој се радува на гласот Негов – таков ни е најмилиот Претеча, таков ни е и празникот.
И како што некогаш кон него, во пустелијата, излегуваше сиот народ околу пределите на Јордан, така и сега, во оваа благословена ноќ, кон бигорската пустина се собра множество православни, за да го прослави раѓањето на Крстителот со едно срце и едни усти.
И токму според неговиот благослов, се отслужи многучасовно бдение – молитвено течение во кое часовите како да ја изгубија својата мера, а срцата се собраа во една единствена благодарност кон Бога и кон Неговиот славен Претеча. Во тивката величественост на богослужението, под духовната грижа и молитвено раководство на нашиот Старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, и со љубовното учество на братството, на нашите мили гости од Света Гора, Грција и Романија, и на собраниот народ, Бигорската обител повторно се покажа како дом на молитвата и пристаниште на радоста. Над бигорската карпа, во домот на Чесниот Претеча, се почувствува она благодатно единство на Црквата, во кое секој гостин, секој поклонник и секој молитвеник станува дел од едно големо славословие, обвиено со мир, достоинство и духовно веселие.
А на нашата голема радост, на оваа слава слезе и благословот на Царицата Мајка преку нејзината преблагословена Градина. Имено, за сеноќното бдение допатуваа: почитуваниот светогорски старец Антипа со својот собрат о. Теодосиј, нашиот драг брат во Христа, архимандритот Матеј, исто така од Градината на Пресвета Богородица, заедно со почитуваните отци, архимандритот Продром од митрополијата на Карпениси и архимандритот Филарет од митрополијата на Тива, како и почитуваниот протопрезвитер о. Темистокле од храмот на свети Елевтериј во Атина и почитуваниот јероѓакон Хризостом од Света Гора. Со искрено жалење беше примена веста дека, и покрај претходната најава и нашата радосна надеж за неговото присуство, Преосвештениот епископ Ексамилиски г. Епифаниј не беше во можност да допатува, поради непредвидени здравствени причини.
Посебна и навистина историска чест и голема духовна утеха за нашата монашка заедница беше присуството на цивилниот управител на Света Гора Атонска, а воедно и архонт на Вселенската Патријаршија и на Александриската Патријаршија, г. Алкивијадис Стефанис, кој допатува заедно со о. Антипа. Неговото доаѓање претставува настан од особено значење, зашто првпат во нашата обител, а и во нашите краишта, стапна толку високо лице поврзано со свештената Атонска држава, со нејзиното вековно устројство, духовно достоинство и живо монашко предание. Во неговата посета како да се препозна еден мост на љубов и почит меѓу Бигорскиот манастир и Света Гора, меѓу гората на Претечата и Богородичната Градина, меѓу нашата света обител и онаа света земја што со векови е срце на православното монаштво. Ликуваше обителта со светогорски дух, та се чинеше дека и самиот Атос, со своите облагодатени старци, чувари и благочестиви служители, дојде на гости кај Претечата – монашка пустина да ѝ се поклони на друга монашка пустина.
Пред самиот почеток на бдението, најнапред со свое топло и срдечно слово се обрати нашиот Старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, поздравувајќи ги со љубов и почит високите гости:
Ваше превосходство, почитуван цивилен управител на Света Гора и архонт на Светата Христова Велика Црква и на Александриската Патријаршија, господине Алкивијадис Стефанис,
Ваши високопреподобија и преподобија,
Сечесни отци и возљубени браќа и сестри во Господа,
Во оваа благословена вечер, кога Духот Божји нè воведува во сеноќното бдение за светлото и радостотворно Рождество на свети Јован Претеча и Крстител Господов, срцето на нашата свештена Бигорска обител се исполнува со особена благодарност, умиление и духовно веселие. Зашто оваа ноќ не е само уште едно собрание на молитва, туку таинствено продолжение на онаа радост што започнала во домот Захариев и Елисаветин, кога, по многу молитви, молчење, солзи и очекување, се роди гласот на Словото, светилникот на Сонцето, Претечата на Спасителот.
Свети Јован е оној кој стои на границата меѓу старото и новото, меѓу сенката и исполнувањето, меѓу копнежот и јавувањето. Тој е пустиножителот кој ја направи пустината храм, молчаливецот кој стана најсилен глас, подвижникот кој не задржа ништо за себе, туку целиот свој живот го претвори во покажување кон Христа: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема врз Себе гревовите на светот“. Затоа и оваа наша Обител, која од своето основање живее под неговиот закрилнички благослов, вечерва со особено трепетно чувство Му благодари на Бога за сите Негови добрини и промислителни дарови.
А еден од тие дарови, несомнено, е и ова благословено продолжение на радоста што Дародавецот Господ ни ја подари во овие свети денови. Откако вчера ја имавме честа и благословот во нашата Обител да го пречекаме нашиот драг и секогаш сакан отец и брат во Христа, архимандритот Матеј, заедно со почитуваните отци архимандритот Продром од митрополијата на Карпениси и архимандритот Филарет од митрополијата на Тива, а исто така и нашиот драг отец протопрезвитер Темистокле од Атина и нашиот драг јероѓакон Хризостом од Света Гора, денес ни се дарува уште една непроценлива радост: вашето присуство меѓу нас, почитуван господине Алкивијадис Стефанис. За нашата монашка заедница тоа претставува голема духовна утеха, многузначајна посета и навистина историска чест. Првпат во оваа света Обител, а можеме да кажеме и во овие наши краишта, стапнува едно толку високо лице, непосредно поврзано со свештената Атонска држава, со нејзиното вековно устројство, со нејзиното духовно достоинство и со живото монашко предание што таму, како неизгасливо кандило, гори повеќе од илјада години.
Вашето доаѓање, заедно со нашиот драг брат во Христа, ценетиот светогорски старец Антипа, ние го доживуваме навистина како едно големо и благословено знамение. Во него препознаваме еден мост на љубов, почит и духовно сродство меѓу Бигорскиот манастир и Светата Гора Атонска; меѓу гората на Претечата и Богородичната Градина; меѓу нашата смирена обител, сместена во овие планински пазуви, и онаа света земја што со векови е срце на православното монаштво, училиште на покајанието, работилница на молитвата и на светоста, и тивко светилиште на вселенското Православие.
За Вашата посветеност и љубов кон Света Гора, почитуван господине Стефанис, сме слушале со почит и од старецот Антипа, како и од други светогорски отци. Но, по Божја промисла, имавме можност и лично да се увериме во таа Ваша љубов, во тој искрен жар за Градината на Пресвета Богородица, кога го слушавме Вашиот говор на симпозиумот посветен на блаженоупокоениот старец Емилијан Симонопетриски, одржан во Атина, на 9 мај годинава. Таму јасно почувствувавме дека Вашата служба кон Света Гора не е само должност што произлегува од доверената одговорност, туку и внатрешна приврзаност, почит и духовна љубов кон нејзиното свето предание.
Света Гора никогаш не била само географски простор. Таа е духовна состојба, литургиски здив, благодатна тајна на Црквата. Таму, под покровот на Пресветата Владичица наша Богородица, и под благословот на Првопрестолната Вселенска Патријаршија, народите ги губат своите разделби не затоа што престануваат да бидат тоа што се, туку затоа што стануваат она што се повикани да бидат: едно тело во Христа, едно срце во молитвата, една душа во покајанието, едно свето причастие во Чашата Господова. Токму таму, во Атонското предание, особено јасно се открива и длабоката смисла на ромејството: не како тесна етничка или политичка припадност, туку како наднационален, црковен и духовен идентитет на православните, како начин на постоење во кој различните народи, јазици и култури се собираат во една вера, една Литургија и една соборна свест. Сите јазици и народи, низ вековите таму учеле дека вистинската припадност не ја укинува татковината, туку ја осветува; не го понижува народот, туку го воздигнува кон соборноста на Црквата.
Монасите кои се хранеле од тој светогорски дух, кога се враќале во своите земји, не носеле со себе идеологија, туку мир; не носеле човечка гордост, туку благодатно смирение; не носеле поделби, туку искуство на единство. Така било низ вековите, а така беше и со нас. Блаженоупокоениот старец Георгиј Капсанис, игуменот на Григоријатска света обител, во едно време мошне тешко, неблагопријатно и оптоварено со политички и општествени предрасуди, ги отвори портите на своето срце за неколку монаси од нашата земја. Тој не гледаше на нас низ призмата на земните поделби, туку со очите на Црквата, со погледот на духовниот отец, кој во секој човек го бара образот Божји и можноста за воскресение.
Од него ние го примивме не само светогорското гостопримство, туку и едно духовно завештание. Кога дојде времето да се вратиме во нашата татковина, тој нè благослови и нè опомена дека манастирите треба да бидат отворени за секого; дека народот е жеден за живо монаштво; дека обителите не смеат да бидат затворени тврдини, туку прегратки на Црквата, места каде што човекот повторно се наоѓа себеси во Бога. Старецот имаше можност да ги познава овдешните прилики, и затоа неговиот збор за нас не беше далечна поука, туку пророчка насока, татковски благослов и темел за делото што потоа, по милоста Божја, започна да се гради.
И еве, денес, по три десетлетија, кога оваа Обител со пожртвуваност и љубов се труди да биде отворен дом за секој човек, болница за ранетите души, пристаниште за младите, утеха за старите, сведоштво за верата и љубовта Христова во средина често испитувана од разни тешкотии, Вашето присуство меѓу нас го доживуваме како признание на тој светогорски благослов. Не како признание на наши човечки заслуги – зашто сè што е добро е од Бога – туку како сведоштво дека семето посеано со молитвите на светогорските отци, со солзите на нашите претходници и со покровот на светиот Претеча, навистина донело некаков плод.
Затоа, почитуван господине Стефанис, од сè срце ви благодариме што благоволивте да бидете вечерва со нас. Вашето присуство е огромна чест за нашата Обител, но и радост за сите што ја љубат Света Гора и во неа гледаат духовна мајка, која ненаметливо, без врева, без земна власт и без суета, векови наназад го чува најдлабокото достоинство на православниот човек: молитвата, покајанието, послушанието, литургиското единство и љубовта кон Христа.
Огромна благодарност и до вас, возљубен старче Антипа, што со своето светогорско присуство ја збогатувате оваа вечер и ни го донесувате она благоухание на Атонската пустина, каде што молчењето зборува, каде што ноќта станува светлина, каде што човекот, соголен од сè, се облекува во благодатта Божја.
Од сè срце им благодариме и на членовите на хорот „Нектариј Протопсалт“ од Букурешт, коишто, заедно со својот духовен водач возљубениот отец Јован, со љубов и голема пожртвуваност допатуваа нарочно од далечната Романија, за со своето молитвено и умилително псалмопение да ја збогатат нашата манастирска слава и ова свето бдение. Нивното присуство вечерва е уште едно сведоштво дека источното православно пеење ги надминува границите и јазиците, и дека во заедничкото славословие сите ние стануваме еден хор пред лицето Божјо.
Нека ова сеноќно бдение биде една наша заедничка благодарност кон Бога, една наша молитва кон светиот Јован Претеча, една наша љубовна прегратка кон Света Гора и една наша смирена молба за единство на сите православни. Нека Претечата Господов, којшто не бараше ништо за себеси, туку целиот се предаде на Христа, нè научи и нас да живееме не за својата слава, туку за славата Божја; не за раздори, туку за мир; не за себеси, туку за Црквата Божја.
Добредојдовте во домот на свети Јован Крстител. Нека ви биде благословено ова бдение, нека ви биде мирна молитвата и нека сите заедно, во оваа света ноќ, го почувствуваме нежниот допир на Божјата благодат. Амин.
На ова обраќање од Старецот, со исто така голема чест, достоинство и искрена благодарност и љубов, возврати цивилниот управител на Светата Гора Атонска, г. Алкивијадис Стефанис:
Ваше Преосвештенство, епископе Антаниски, свет игумене на Свештената обител на Чесниот Претеча, г. Партениј, благословете!
Ви благодарам многу за Вашите убави зборови, но би сакал да истакнам дека честа е моја што сум овде. Многу одамна сакав да дојдам во вашиот манастир, бидејќи имав слушнато толку многу исклучително убави зборови за Вас.
Што најнапред да споменам? Возобновувањето од пепелта на ова прекрасно место? Исклучителните резби на иконостасот? Светата икона? Вашата духовност и начинот на кој ги раководите младите?
Нека Ве чува Светиот Бог, за да продолжите да принесувате и да служите на ова прекрасно место!
Две нешта би сакал да кажам и со тоа ќе завршам, свети Старче.
Првото: ме восхити достоинственоста, верата и благоговението на верните кои се овде во храмот. И најважно од сè, начинот на кој тие ја изразуваат својата љубов кон Вас.
И второто: со радост видов овде деца од Атонијадата, кои дојдоа и разговараа со мене. Ние на Света Гора сме многу горди на децата од Атонијадата кои се одовде, и им честитаме на родителите за прекрасните созданија што ги донеле на свет.
Исто така се радувам, Старче, бидејќи гледам овде многу монаси, почитувани монаси од Света Гора. Значи, навистина чувствуваме дека сега сме на Света Гора. Впрочем, и Вие самиот сте светогорец.
Завршувајќи, сакам да го кажам следново: кога сум на Света Гора, ме прашуваат кој ми е омилен манастир, а јас одговарам дека сите дваесет манастири ми се омилени. Отсега ќе велам дека дваесет и еден манастир ми се омилени, додавајќи ја и оваа света Обител овде.
Старче мој, Вашиот благослов. Ве сакам многу!
Бдението го разубави и онебеси прекрасното византиско пеење на хорот „Нектариј Протопсалт“ од Букурешт, кои нарочно за бигорската слава, заедно со нивниот духовен предводник, благочестивиот презвитер Јован, го изодија долгиот пат од Романија, за да го положат својот дар – гласот свој – пред нозете на „Гласот кој вика во пустината“. А заедно со нив, одекнуваше и убавото пеење на нашите браќа, со хорот „Митрополит Козма Пречистански“, та во едно единствено славословие се сплотија и далечното и блиското, и туѓото и домашното, зашто во Христа нема веќе ни далечно ни туѓо.
Така, во домот на Чесниот Претеча, оваа благословена ноќ остана како светло сведоштво дека Црквата најдлабоко говори тогаш кога се моли, дека пустината станува рај кога во неа се слуша славословие, и дека радоста на Христовиот пријател, свети Јован, и денес ги собира срцата во мир, благодарност и љубов.
Благодарение на пожртвуваниот тим од „2С Студио“, сеноќното бдение беше пренесувано во живо на официјалниот YouTube-канал и Facebook-профил на Бигорскиот манастир, за што им изразуваме искрена благодарност. Со благодарност ги спомнуваме и Александар Пауновски, Јани Патче и Јован Ангелески, кои со љубов, труд и професионална грижа се погрижија ова духовно торжество да остане забележано во убави и достоинствени визуелни сведоштва./bigorski.org.mk
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden