Гордана Силјановска кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија

 

Професорката Гордана Силјановска е претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори. За неа, на партиската конвенција во Струга гласаа 408 од вкупно регистрираните 519 делегати.

„Ви благодарам, изненадена сум. Македонија е во женски род, можеби доаѓа време на жените. Ако некој добил поддршка од силна партија, мора да се држи до она што е најважно, а тоа е правна држава и само така може во ЕУ. Тие се на ред да ѝ пружат рака на Република Македонија оти секогаш сме биле дел од Европа. Претседателот е овластен предлагач на амандмани и затоа како претседател ќе формирам тело експертско меѓународно тело, како да направиме европска држава по европски стандарди. Ќе речат сум била во редот на средни националисти. Власта треба да е од народот и за народот“, изјави Силјановска откако беше избрана за претседателски кандидат.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 21 април, а евентуалниот втор круг на 5 мај. Попладнето во обраќањето до делегатите пред гласањето, Силјановска кажа дека доколку биде избрана за претседател на државата ќе формира тим од експерти по меѓународно-јавно право за да се отвори прашањето за името кое според неа се уште не е затворено. Силјановска рече дека ќе иницира намалување на привилегиите на претседателот откако ќе му заврши мандатот и намалување на бројот на министерства.

„Со ВМРО-ДПМНЕ неколку пати ни се споија патиштата и размислувањата како за Договорот од Преспа, Законот за јазици. Затоа решив како независен кандидат са барам поддршка од оваа партија” рече Силјановска. Влатко Ѓорчев освои 80 гласови од делегатите и иако поразен најави дека ќе ја поддржи Силјановска и стои на располагање да ѝ помага во кампањата.