Грчкиот Парламент ги изгласа законите за граничните премини кај Маркова нога и Мајден

По околу 90 минутна расправа на пленарна седница, во речиси празната сала на во грчкиот парламент и по обраќањето на 10 пратеници и говор алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу, со гласовите од Сириза, Река и Демократска алијанса, грчкиот Парламент ги изгласа нацрт законите за Договорите за отворање на нови гранични премини кај „Маркова Нога-Герман“-Преспа и Мајден меѓу Македонија и Грција.

Нова демократија, Златна зора и Сојуз на централисти беа против, додека пак Комунистичката партија гласаше воздржано.

За двата предлог закона, присутните пратеници во Парламентот, на две посебни електронски гласања, го изразија нивниот став, кој се броеше како став на партиите.

Анагностопулу во обраќањето истакна дека отворањето на граничните премини било барање на локалното население.

Отворањето на граничниот премин „Маркова Нога-Герман“-Преспа е важно за регионот на Преспа и ќе го јакне локалната економија, како и зајакнувањето на врските меѓу Македонците во овој регион pподелени во Албанија и Грција.