Холандија прва, Македонија осма на Евровизија 2019

Холандија победи на Евровизија, а Тамара Тодевска и го донесе највисокиот пласман на Македонија досега, 8-то место. Македонија вечерва, по седум години пауза беше дел од финалето на Евровизија  со Тамара, чија песна „Горда“ успешно ја помина втората полуфинална вечер во четвртокот. Тамара пееше осма по ред во финалето, а нејзини придружни вокали беа Антониа Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев.

Македонија доби 12 поени од Австрија, Велика Британија, Албанија, Молдавија, Србија и долго време беше на првото место на табелата. Гласањето на жирото го заврши на второ место со само 2 поена зад Шведска. На крајот, по гласовите на публиката, заврши на осмото место.

„Горда“ е дело на Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, автори на музиката и аранжманот , а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска. Спотот го режираше Чедо Поповски.

Финалето почна така што ланската победничка Нета, „слета“ на сцената, по што се емитуваше нејзина снимка од авионот, во која на симбличен начин ја повика цела Европа да ѝ се придружи на патување низ музиката. Потоа на сцената продефилираа сите учесници од 26 земји, налик на изборите на изборите за мис на убавина, а водителот на сите им посакуваше добредојде на нивните јазици. Прва настапи Дана интернешл, победничката на Евровизија во 1998, како и некои од израелските претсавници низ годините на Евровизија. Израел досега четири пари има победено на Евровизија.

Ова беше прв настап на Македонија во финалето од 2012 година, кога нè претставуваше Калиопи со песната „Црно и бело“. Најдобриот пласман досега го држеше Елена Ристеска, која беше 12-та со песната „Нинанајна“ на натпреварувањето во Грција во 2006 година. Тамара по вторпат учествува на Евровизија, но во 2008 во Белград настапи заедно со Врчак и Адријан Гаџа.

 

Advertisement