Игнорирајќи го македонското малцинство во регионот го дезавуираме нашиот идентитет во матицата

Збунетост предизвикува фактот што Македонија заседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а нашиот министер е токму претседавач на оваа меѓународна организација и ништо не презема за заштита на македонското малцинство во соседните држави, кое е предмет на агресивна асимилација. Имено, ОБСЕ преку политички дијалог има цел да обезбеди стабилизација на регионот преку демократски средства и демократско владеење, вклучувајќи и активности што се насочени кон почитување на човековите и малцинските права. Оттука не е јасно зошто македонската дипломатија и македонското министерство за надворешни работи не го искористија заседавањето со ОБСЕ за да укажат на бугарските активности во Република Албанија кои ги прекршуваат Виенската конвенција, но и човековите права на Македонците бидејќи им се оневозможува слободно да се изјаснат на пописот во Албанија.

Македонската дипломатија да не ги заборава Македонците во Албанија, Бугарија, Грција, Србија…

Пописот на населението и домаќинствата во Република Албанија официјално заврши, но контроверзиите и понатаму продолжуваат, поради постојаниот притисок од страна на бугарските државни институции и приватни фондации врз македонското малцинство да се попише како бугарско. Досега повеќе здруженија и организации на Македонците во Албанија посочија дека за време на пописот директно се вршат притисоци од бугарската амбасада во Тирана, а имало и закани од здруженија и поединци што директно се финансираат од бугарскиот државен буџет. Аналитичарите и експертите нагласуваат дека македонското министерство за надворешни работи е пасивно и потребна е поголема проактивност од страна на македонската дипломатија. Особено недоумица предизвикува ставот на првиот човек на македонската дипломатија, односно Бујар Османи, министерот за надворешни работи, за контроверзиите околу пописот на населението во Албанија, велат нашите соговорници. Ако се земе предвид дека официјална Бугарија преку својата амбасада во Тирана директно се меша во внатрешните работи на друга држава, со што ја прекршува Виенската конвенција, но и човековите права на Македонците во Република Албанија бидејќи им се ускратува правото за слободно изјаснување на пописот, досега македонската дипломатија требаше соодветно да реагира, велат нашите соговорници.

Соговорниците со кои се консултиравме ни посочија дека бугарската држава, но и другите структури што се финансиски поддржани од Софија подолг период спроведуваат кампања што има цел да ги претстави Македонците во Република Албанија како бугарско малцинство. Во изминативе неколку години имаше повеќе сигнали што укажаа дека бугарската амбасада во Тирана, како и одделни поединци и бугарски здруженија дејствуваат со разни средства и методи во македонските средини во Албанија, па оттука македонското министерство за надворешни работи и македонската дипломатија биле соодветно запознаени со овие активности, но не реагирале соодветно, велат нашите соговорници.

Дека македонското министерство за надворешни работи требаше да реагира потврдува и антимакедонската кампања на Виктор Стојанов или активностите на бугарскиот амбасадор Ивајло Киров, кој во екот на пописот ги убедуваше Македонците во Голо Брдо и во Мала Преспа да се изјаснат како Бугари. Активностите на македонската дипломатија во екот на пописот на населението во Албанија беа ограничени само на една изјава на Бујар Османи во која ги повика Македонците слободно да ги изразат својата волја и убедување на споменатиот попис, меѓутоа немаше никакви активности меѓу македонското малцинство, велат аналитичарите со кои се консултиравме за оваа проблематика. Кога претставниците на македонското малцинство јавно излегоа и укажаа на бугарските притисоци и закани, Бујар Османи рече дека никој не може да им прави притисок, ниту може да влијае како ќе се попишат тие и во однос на тоа како се чувствуваат.

Во однос на пописот во Република Албанија, како што знаете, јас имав во неколку наврати јавни настапи. Прво, МНР со соопштение ги повика сите Македонци да се попишуваат така како што се чувствуваат затоа што никој не може да им прави притисок, ниту може да влијае како ќе се попишат тие и во однос на тоа како се чувствуваат. Се разбира дека имавме комуникации и со албанските власти, нашата амбасада е активна во тој дел, не само со општините, не само со македонското национално малцинство, туку и со Владата и се надевам дека секој граѓанин го искористил своето право и се попишал така како што се чувствува – рече Бујар Османи за притисоци oд Бугарија во однос на тоа како ќе се попишат Македонците на пописот.

Претставниците на македонското малцинство од Република Албанија со кои разговараме велат дека ако се земат предвид постојаните бугарски закани и притисоци, изјавата на македонскиот министер за надворешни работи предизвикува вознемиреност бидејќи останува нејасно чии интереси брани Бујар Османи.

Аналитичарите и експертите исто така нагласуваат дека уште поголема збунетост предизвикува фактот што Македонија заседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а нашиот министер е токму претседавач на оваа меѓународна организација. ОБСЕ преку политички дијалог има цел да обезбеди стабилизација на регионот преку демократски средства и демократско владеење, вклучувајќи и активности што се насочени кон почитување на човековите права. Оттука не е јасно зошто македонската дипломатија и македонското министерство за надворешни работи не го искористија заседавањето со ОБСЕ за да укажат на бугарските активности во Република Албанија, кои ја прекршуваат Виенската конвенција, но и човековите права на Македонците бидејќи им се оневозможува слободно да се изјаснат на пописот во Албанија.

Нашите соговорници исто така ни укажаа дека Македонија како матична држава на целиот македонски народ, без разлика на неговото место на живеење или раѓање, мора да ги заштитува сите Македонци, вклучувајќи ги и оние што живеат во Република Албанија. Македонското министерство за надворешни работи мора да преземе соодветни активности бидејќи официјална Софија настојува преку разни средства и методи, вклучувајќи и закани, да го асимилира македонското малцинство во Република Албанија, рекоа експертите со кои говоревме.

За оваа проблематика, аналитичарот Сотир Костов вели дека спроведениот попис на населението во Република Албанија, кај нашиот сосед, покажа дека апсолутно Република Македонија како држава, односно дека македонската власт не води грижа за нашите сонародници Македонци што живеат во Албанија. Бесрамно ги препуштивме во канџите на бугарскиот шовинизам и екстремен национализам, но и експанзионистичка и асимилаторска политика на Република Бугарија. Не смееме да заборавиме дека ги поткупуваа со пасоши и им вршеа директни закани, сѐ само со цел да се изјаснат како Бугари. Секаква активност од наша страна како држава изостана, тоа е срам, особено за нашата дипломатија, кога во моментот се фали со заседавањето на ОБСЕ, а првиот дипломат Османи ништо не презема во насока на заштита на човековите права на Македонците во Република Албанија слободно да се попишат како што се чувствуваат – рече Сотир Костов./ Д.Ст./https://novamakedonija.com.mk/

 

Advertisement