Илија Дигалов (1890, В’мбел, Костурско – 26 ноември 1922, Глобочени, Мала Преспа) македонски револуционер, деец на ВМОРО

Илија Дигалов (1890, В’мбел, Костурско – 26 ноември 1922, Глобочени, Мала Преспа) македонски револуционер, деец на ВМОРО, костурски и преспански војвода.

Илија второ одделение учел во грчко училиште, а други две години во бугарско. Уште од млади години бил курир на ВМОРО. За време на Балканските војни е комита во четата на Васил Чакаларов. По Балканските војни станува подофицер на грчката армија, но дезертира и станува војвода на чета во Костурско и Преспанско – дејност, која продолжува и по Првата светска војна. По 1918 година е во Бугарија, каде прави обиди да го продолжи образованието.

Во крајот на 1919 година со помошниците Алија Ибраим од Пласница, Кичевско, и Стојан Георгиев од Стење, Преспанско, Илија Дигалов заминува за Македонија и дејствува во Горна Преспа. Во пролетта 1920 година дејствуваат во Кичевско, а во летото – во Охридско. Зимата 1920-1921 година ја поминуваат во Албанија, а во пролетта дејствуваат во Преспа. Со другарите Дигалов ја обновува мрежата на ВМРО. Организира јатаци и казнува предавници.

Во 1921 година тргнува за Бугарија, но е предаден и по битка во Мариово е ранет. Се крие кај јатаци во Прилепско. По нова битка покрај Вардар се враќа и се повлекува во Албанија. Дејствува во Костурско, а потоа преку Албанија минува во Преспа, каде дејствува до зимата.

Пролетта 1922 година ја продолжува дејноста во Горна Преспа, во мај се префрла во Костурско, а потоа ги организира селата во Мала Преспа, кои во тоа време се под Грција. Во септември 1922 година Дигалов заедно со четворица свои комити е предаден на грчките власти од кметот на Глобочени – Пандо Тушков (Шушков) за 20000 драхми. Загинува заедно со другарот Стојан Георгиев во борба со грчка жандармерија.

Advertisement