Илир Мета останува во притвор, Специјалниот суд ja одби понудената кауција

Специјалниот суд против корупција и организиран криминал го отфрли барањето на поранешниот албански претседател Илир Мета, кој побара домашен притвор и итно ослободување, нудејќи и кауција од 50 милиони леки (над 50 илјади евра).

Мета, кој денеска го прославува 57-от роденден не присуствуваше на рочиштето, туку само неговиот адвокат Кујтим Чакрани.

Ги замолив судиите да му подарат слобода на денот на неговиот роденден. Нашата битка не завршува тука, ќе продолжиме, ќе чекаме и на одлуката на Уставниот суд. Мета не се појави денеска, ја изгуби довербата во судот, сака само соочување по суштината. Ги презентирав моите барања, изјави адвокатот Чакрани.

Тој е обвинет за корупција, перење пари и прикривање на имот, но адвокатот се надева дека еден ден ќе биде ослободен.

По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК), Мета, кој е актуелен лидер на опозициската Партија на слободата, беше уапсен на 21 октомври 2024 година, од кога е во затворски притвор.

Шеф на албанската држава беше во периодот од 24 јули 2017 – 24 јули 2022 година.