Македонски весник “Илинден“: Г-дине Огненовски, пред сѐ, ви честитам на успешно завршениот процес на пререгистрација на партијата ДЕМОКРАТИ. Сега, кога и официјално имате уште четири години пред вас, ќе нѝ откриете ли што се плановите за следниот период на партијата ДЕМОКРАТИ?
Г-дин Јорго Огненовски: Ви благодарам. Да, точно така. Имавме законска обврска да го продолжиме работењето на политичката партија ДЕМОКРАТИ, кое успешно го реализиравме со помош на нашето членство и симпатизерите. Еве, уште еднаш да се заблагодарам на сите оние кои веруваат во нас и нашата работа. Што се однесува до нашите планови, тоа се истите планови кои ги кажувавме при основањето во 2018 година и од нив нема отстапување.
Македонски весник “Илинден“: Сакате да кажете дека немате никаква нова идеја или нов приод кон актуелните состојби во Македонија?
Г-дин Јорго Огненовски: Сакам да кажам дека нашите идеи од 2018 година не се реализирани, а од нивната реализација зависат и позитивните измени во македонската држава. Овде, пред сѐ, мислам на потребата од тоа Македонија да биде една изборна единица, со отворени листи, следи потребата од преиспитување на законите за финансирање на политичките партии, потоа избор на сериозни лица во обвинителската и судската власт, потоа досегашната пракса на фалсификување на изборни резултати да биде најстрого казнувана, исто како и корумпираните политичари. Сигурно ќе речете дека корупцијата ја има на секое ниво во државата и секако, ќе бидете во право. Но, ние сметаме дека доколку Македонија добие сериозен јавен обвинител, а не марионета како досега, секој ќе се колеба да преземе незаконски дела кои би биле неисплатливи. Ова се само неколку од нашите планови кои со години ги поддржуваме дури и кога други ги застапуваат, но кај актуелните пратеници во македонското Собрание не гледаме подготвеност за гласање на закони за било какви промени. Денешната политичка агонија во Македонија е единствената состојба која најмногу им одговара на единствената партија СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ и нејзините приврзоци. Од време на време ќе се чуе некој глас од одредени приврзоци, ама сѐ завршува на глас во празно бидејќи доколку некои од приврзоците навистина сакаат промени, сѐ што треба да направат е нивните претставници да излезат од Собранието. Како што гледате тоа не се случува, што значи дека повременото кревање на глас е само глумење на демократија или став за небаре грижа за нормално живеење.
Македонски весник “Илинден“: Претпоставувам последново се однесува на некои глуви гласови за измена на Изборниот законик, но можете ли да нѝ објасните што би менувале во законската регулатива за финансирање на партиите, бидејќи според мене, ова прашање најлесно и без никакви проблеми поминува на седниците во Собранието.
Г-дин Јорго Огненовски: Во Република Македонија пред 18 години бил донесен Закон за финансирање на политичките партии (Службен В. на Р.М. бр:76/2004 од 27.10.2004). Иако влегол во сила на 04. 11. 2004 година, се применувал дури од 01.01.2005 година. Според информациите од Собранието на РМ овој закон претрпел бројни измени и тоа во 2006; два пати во 2008; во 2009; во 2011; во 2012; во 2013; во 2018; и во 2020 година. Што ви зборува тоа? Тоа зборува дека во Законот за финансирање на политичките партии се менувала висината на државните средства кои политичките партии кои ќе ги добиваат зависно од тоа колкав процент на гласови ќе добие една партија на парламентарните избори во Македонија. Се менувале и начините за водење на евиденција за финансиите на партиите, нивната достапност до јавноста. И тука сега можам да зборувам за три одделни подпрашања, во ова прашање. Првото е фалсификувањето на изборните резултати кое сите го гледаат и докажуваат, само е невидливо за јавниот обвинител во државава. Во време на избори, Државната изборна комисија, доделува соодветни средства за секоја партија според некои правила кои секогаш се во полза на оние „неменливите“. ДИК како извршител на изборниот процес, покрај другото, има и задача да ги анулира гласовите од условно речено, помалите партии и со тоа им овозможи на „големите“ партии, кои ние ги именуваме како една, заедно со приврзоците да добиваат поголема сума на државни пари со кои се однесуваат расипнички. Истовремено, народот од кој ги влечат средствата, го замајуваат со 18. 000,00 денари минимална плата, при што не ги изедначуваат останатите плати процентуално според зголемувањето на минималецот.
Второто подпрашање е висината на средствата, со кои ние како народ им овозможуваме на челниците на партиите на кои ДИК им обезбедила добивање на енормни народни средства. Висината на средствата е прашање за кои, наводните, политички опоненти секогаш се најпријателски расположени. Така, законски политичките парии, благодарение на ДИК, имаат пари да потплаќаат телевизии и новинари за целосно изолирање на телевизискиот простор само за нивните активности, потоа на тв-каналите создавање на привид дека постојат само СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ, секако со приврзоците, на македонската политичка сцена. Сите други политички субјекти само попатно или воопшто не се спомнуваат. Секако, штедро платените новинари секогаш ќе ви кажат дека таква е уредувачката политика на куќата. Секако, знаејќи ја моќта на телевизијата како медиум со фактот што таму се протежира само црно-белиот свет, македонските жители немаат можност да видат или дознаат дека постојат ДЕМОКРАТИ, чија основна цел е македонската држава да стане нормално, па и пристојно место за живеење. Тоа значи, дека секое работно место треба да биде достапно за лица кои се соодветно едуцирани за работата која се очекува да се заврши и државата да има добивка од постигнувањата. Оваа ретка прилика да проговорам за ставовите и работата на политичката партија ДЕМОКРАТИ ја користам да ви се заблагодарам за ова интервју, но и да се заблагодарам на новинарите кои спорадично ќе одделат една емисија за нашата работа. Тоа е само еден сегмент од користењето на народните средства за народот да се залажува и да му се создава „реалност“ каква што сакаат владеачите. Третото подпрашање од ова прашање се однесува на користењето на вработувањето како начин за дополнително корумпирање и финансирање на политичките партии. Непотребните, дури и штетни вработувања во македонската администрација не е ништо друго туку еден подмолен начин да се обезбедат гласови за „својата“ партија платени со државни пари. Ако кон ова се додадат и средствата кои „нашите“ директори на јавни претпријатија, треба да ги испумпаат од претпријатијата и да ја „нахранат“ партијата, јасно е дека финансирањето на партиите не е само она што го пишува во Законот, туку во тоа има енормен криминал кој само јавните обвинителства во Македонија не го гледаат. Затоа, ДЕМОКРАТИ постојано пишуваат и се залагаат за избор на лица со дигнитет како јавни обвинители, судии итн.
Македонски весник “Илинден“: Дури и јас често се прашувам зошто ДЕМОКРАТИ не реагираат на значајни случувања во државава или светски случувања кои исклучително влијаат на македонската политичка сцена. Ако немате достапност до телевизиските куќи, можете да ги користите интернет можностите, но мислам дека малку ве има и таму.
Г-дин Јорго Огненовски: Веќе спомнав дека во Македонија, како и секаде во светот, телевизијата го има приматот во информативниот свет. Ние таа привилегија ја немаме да бидеме секој ден на малите екрани, како некои дежурни ликови од „единствената“ партија СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ и нивните приврзоци. Но, мислам дека не сте во право бидејќи ние како ДЕМОКРАТИ постојано ги користиме алатките кои нѝ стојат на располагање за промовирање и објаснување на нашата работа. Секако, најчесто сме сред народот низ Македонија, имаме реализирано бројни средби со земјоделци, сопственици на мали и средни бизниси и секаде го слушаме истото. Партијата СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ перманентно ги уништува сите производствени гранки во државата. Македонските жители најмногу од сѐ се жалаат на неплаќањето на завршените работи кон државата и рекетот кој им се изнудува од „партиски“ рекетари. Доколку би биле партија што ги плаќа новинарите да трчкаат по неа, сигурно многу повеќе ќе нѐ има во медиумите. Но, ДЕМОКРАТИ ги има таму каде што се најпотребни, иако за телевизиите нивните средби со народот се невидливи.
Македонски весник “Илинден“: Г-дине Огненовски, за Македонците низ светот многу е важно да нѝ кажете како вие, како политички субјект гледате на актуелните состојби со Бугарија?
Г-дин Јорго Огненовски: Ние и по ова прашање сме се изјасниле, ама еве и во оваа прилика да повторам. ДЕМОКРАТИ уште при формирањето на 11 август 2018 година проговорија за штетноста на Договорот со Бугарија. Тоа беше документ кој беше многу сериозно анализиран од нашите членови, при што, уште во 2018 година бевме гласни за штетноста на тој документ. Исто така, ДЕМОКРАТИ реагираа веднаш по објавата за формирањето на Комисијата за историски и образовни прашања и укажаа на тоа дека таа ќе биде само алатка која ќе им служи на политичките партнери во Договорот, за да го подготвуваат за срамно и понижувачко сценарио. Неодамна како ДЕМОКРАТИ објавивме видео од настап на бугарски историчари кои сметаат дека не е коректно да се настапува со лажни информации од страна на Бугарија, потоа објавивме и тоа дека одредени лица во Европскиот парламент укажуваат на крајно арогантното и понижувачко однесување на Бугарите во однос на Македонија и.тн. Нашата намера беше да покажеме дека, за разлика од продавачите на македонската историја и уценувањата кои ги трпиме од страна на Бугарија, сепак постои и здраво ткиво и во Бугарија и во Европа кои можат да помогнат во решавање на наметнатиот проблем со Бугарија. Според тоа, кога веќе нешто го оценувате за штетно, очекувате да кажете и како би го решиле проблемот кој ѝ е меѓународно подметнат на Македонија. Според ДЕМОКРАТИ, решение за ова срамно наметнато прашање со Бугарија е раскинување на Договорот, испраќање на известување до Европската Унија дека го замрзнуваме барањето за прием во нејзините институции. Итно создавање на услови за активирање на сите стопански капацитети и максимална финансиска помош на земјоделците и малите и средни претпријатија. Се разбира, треба да зборуваме и за сите оние кои учествувале во процесите на подготовка и реализација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија од 2017 година, како и реализаторите на Конечната спогодба со Грција, позната како Преспански договор од 2018 година. Тоа се лица кои се сметаат за извршители на велепредавство кон македонскиот народ и држава, нивните „заработки“ и имот треба да се конфискуваат и да се казнат согласно важечките законски прописи за соодветното дело.
Македонски весник “Илинден“: Нели сметате дека тоа е многу сериозно обвинување, а докажувањето на делата ќе биде догогодишен и тежок за процес во кој треба да се докаже кривичното дело? Од друга страна, имате и граѓани кои сметаат дека нивната работа е многу позитивна бидејќи нѝ обезбедува отворање на преговори со Европската Унија.
Г-дин Јорго Огненовски: Ако го ставиме на кантарот на правдата нивното ангажирање во разнебитувањето на македонската држава, тогаш негативноста е неспорна. Но, тоа е работа на правниците, а дали ќе биде процесот долг или не, нема никаква важност. Еве и денес, после шест години од наводната власт на СДСМ, сѐ уште се водат процеси за тешки криминали на членови на ДПМНЕ. Неодамна видовме и една срамна спогодба со еден од најголемите криминалци во ДПМНЕ, кој сега издржува казна во некој хотел. Вакви срамни договори нема да има, а правдата нема да зависи од волјата на малкумина продавачи на достоинството на судската власт. Што се однесува до оние кои се воодушевуваат од распродавањето на македонската историја само за да добијат некакви си скенирања или отворање на патот кон Европската Унија, може да се потсетат дека Турција со децении се осовременува и економски јакне, а истовремено со децении преговара за влез во ЕУ. Да не спомнувам други држави кои го одат трнливиот пат кон европската иднина, додека Бугарија и Романија преку ноќ ги „завршија“ преговорите. При таква непринципиелна политика на ЕУ, со постојано земање на кредити и живот со туѓи пари, државата нема иднина. Од друга страна, ниту една држава не опстојува само со една можност, напротив сериозен политички врв има резервен план. Секогаш има излез од секаква состојба, а според нас, излезот на Македонија во овој момент е целосен ангажман на секој од нас во економското заздравување на македонското стопанство. Ќе биде тешко, но ќе биде исплатливо.
Македонски весник “Илинден“: Сведочиме дека меѓународните односи секојдневно се влошуваат од почетокот на руско-украинската криза, која директно влијае на финансиската, и општата состојба во Европа и во Македонија. Каков е ставот на ДЕМОКРАТИ во однос на овие случувања?
Г-дин Јорго Огненовски: Ќе кажам дека никој од нас не посакува или не поддржува воени дејствија, од многу причини кои верувам секому се блиски. Ние многупати објавувавме слики од Украина со лични желби за поскоро прекинуање на воените дејствија. Но, тоа не зависи од нас. Не треба да сте член или симпатизер на ДЕМОКРАТИ да забележите дека македонските власти се однесуваат кон овој вооружен судир небаре им се работи за нивен судир. Ако земеме предвид дека Македонија не е членка на Европската Унија и дека Украине не е членка на НАТО, логично е да се прашате зошто македонските власти толку сервилно постапуваат кон барањата на европските држави за македонско ангажирање во овој судир, кога истите Европјани нам нѝ сервираат бришење на националната историја и бришење на нашите македонски корени. И што добивме од сервилноста на оние кои вршат највисоки функции во македонската држава? Добивме енормни цени на енергенсите, добивме неконтролабилни цени на прехрамбените производи, добивме дополнителен страв кај населението од немоќта да се предвиди преживувањето на претстојната зима со приходи од 18.000,00 денари минимална плата. И сега пак ќе прашате што со оние кои ракоплескаат на секоја постапка на функционерите? Таквите ликови не живеат од минимална плата, тие се сериозно платени за да објаснуваат и да го убедуваат народот дека треба да партиципира во „светскиот мир, додека на истиот народ му се брише историјата, тие платеници ќе живеат богато сѐ додека ја одржуваат во живот партијата СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ, а платениците крваво се борат за таа што подолго да живее.
Македонски весник “Илинден“: Г-дине Огненовски, за крај, има ли нешто што не ве прашав, а сметате дека е важно да го прокоментирате?
Г-дин Јорго Огненовски: Би им порачал на македонските жители дека е дојдено време кога треба да се направат сериозни проценки бидејќи секојдневието нѐ бомбардира со бројни информации, состојби и ситуации. За сите нив треба да се информираат што е можно подобро, да проценуваат кому ќе веруваат, кого ќе поддржуваат или кого ќе следат. Во изминативе години, во неколку наврати објаснувавме за негативностите од работата на актуелната власт, но и повикувавме на граѓанско организирање против нив. Ретко наидувавме на одѕив, бидејќи народ со горчливо искуство како овој во Македонија, не верува никому. Сепак, продолжуваме со засилени директни средби со населението во селата и градовите низ Македонија со верба дека многу скоро ќе го победат стравот кој го имаат од уценувачите и ќе застанат свои на своето, бидејќи народот е сопственик на државата, а не политичарите.
Македонски весник “Илинден“: Ви благодарам за одвоеното време и ви посакувам успеси во работата.
Г-дин Јорго Огненовски: Ви благодарам и јас вам за дадената можност поопширно да ги објаснам ставовите и размислувањата на политичката партија ДЕМОКРАТИ. Поздрав и секое добро.
Македонски весник “Илинден“