Интервју со Катерина Тодороска, носител на кандидатската листа на полтичката партија Демократи во ИЕ 1

Македонски весник „Илинден“: На предвремените парламентарни избори во Македонија во 2020 год. политичката партија ДЕМОКРАТИ прв пат учествува на избори со свои листи. Како ја оценувате досегашната кампања?

Катерина Тодороска: Политичката партија ДЕМОКРАТИ е формирана на 11 август 2018 година како граѓанска опција. Ние не сме наследници на ниту една друга партија, ниту сме партија која била формирана со средства на дијаспората. Уште помалку сме партија која е формирана од поранешни пратеници, советници во македонската Влада, не сме реформатори на некоја партија. Така што, ние немаме багаж од било каков вид на нешто поранешно. Нашата автохтоност е нашиот најголем адут, поткрепен со граѓанскиот елемент. На овие избори прв пат се појавуваме пред македонските граѓани со листи во кои имаме кандидати со сериозно приватно и професионално искуство, но и 15 млади кандидати кои допрва треба да го стекнат животното искуство. Кога говориме за кампањата треба да потсетиме на фактот што во изминатите две години нам, како на политичка партија ДЕМОКРАТИ, нѝ беа затворени сите медиуми за наша презентација, со чесни исклучици. Нашата цел, во овој предизборен период, беше да се претставиме пред македонските граѓани во кампања во која некои медиуми, согласно законските прописи, се задолжени да вршат презентација на сите политички субјекти. Но, не е така. Сепак, граѓаните видоа дека сега постои автохтона партија која не е приврзок и не мисли да биде приврзок на било која друга партија, а во која членуваат лица од сите етнички заедници во државава.

Македонски весник „Илинден“: Велите дека медиумите ви биле затворени во текот на изминативе две години. Колку во предизборието се смени таа состојба?

Катерина Тодороска: Многу малку. ДЕМОКРАТИ, како партија имаа можност да се претстават на Собранискиот канал на МРТ, на МТВ, на Слободна ТВ, на 24вести и на неколку локални телевизии. Секако, имаме своја реклама во платениот дел на телевизиите. Но, ако погледнтете дека претставници на политичката партија ДЕМОКРАТИ немате сретнато на ниту една дебата на пример на Сител, на Канал5, на АлфаТВ, на АЛСАТ и други национални телевизии, јасно ви е дека ние сме непожелни за соговорници. И сето тоа поради тоа што имаме што да кажеме, што да понудиме и што да прашаме. Од друга страна тоа ни дава за право да коментираме дека дел од телевизиите се под директна контрола на долгогодишните владеачи со државава.

Македонски весник „Илинден“: Вашата партија е граѓанска, а вашиот став кон еднонационалните партии е многу дециден дека таквите партии само ги разделуваат граѓаните по многу основи. Од друга страна, слушаме многу радикални изјави на албанските етнички партии во Македонија со жестока реторика. Како вие, како ДЕМОКРАТИ ги оценувате нивните изјави, почнувајќи од тоа за прв Албанец премиер?

Катерина Тодороска: ДЕМОКРАТИ е партија која се стреми во Македонија да воведе пракса на професионализам во сите сфери на живот. Така и во функциите. Доколку успееме во нашата намера, нам нема да ни биде важно кој е премиер, кои се министри, директори. Нивната работа е да ја менаџираат државата според сите светски стандарди и за тоа треба да добијат месечен надоместок. Ништо повеќе. Во Македонија дозволивме политичарите да станат, благо кажано богови, кои смеат да се закануваат, да уценуваат, да малтретираат. При тоа, нивното безчестие да не смее никој да го пријави или казни. Радикализмот кај еднонационалните партии го има и кај македонскиот и кај албанскиот блок.Тоа се партии кои својот опстанок го гледаат во практикување и поттикнување на емотивниот набој кај својата етничка групација фрлајќи анатеми кон оние другите. Позадината е веќе видена, заедничка и здружна меѓуетничка работа во интерес на нивниот личен економски просперитет. Мојата професионална преокупација ми дозволува многу од моето време да поминувам со Албанци, на кои исто како и мене, веќе им е смачено да бидеме делени заради нечии профити. Од сето ова произлегува сублимиран одговор. Нам не ни пречи да биде Албанец премиер на Македонија, дури и да е од редовите на ДЕМОКРАТИ. Нам ни пречи секое цепкање и секое внесување зла крв меѓу Македонските граѓани заради зачувување на нечии фотелји.

Македонски весник „Илинден“: Според досегашните изјави на претставниците на ДЕМОКРАТИ, вашата партија се залага за итно спровдување на попис во Македонија, иако таква една статистичка операција е предвидена за 2021 година.

Катерина Тодороска: Реално, ние не веруваме во ниту една најава на досегашните владеачи во Македонија. Јалови се нивните ветувања и предвидувања. Долги години наназад се ветува дека ќе се направи попис во Македонија, но никому од тие вадетели, не му одговара да се осознаат реалните цифри за бројноста на населението. Со пописот ќе ја видиме реалната слика на „работата“ на владетелите, ќе дознаеме колку жители има во Македонија, но и ќе се потврди фактот дека од Македонија се имаат отселено најмалку 500.000 жители. Така што, истиот избирачки список кој со децении е непроменет и љубоморно чуван, ќе треба да се исфрли од употреба и да се сведе на реална цифра на гласачи, која нималку не им конвенира на долгогодишните владеачи. Исто така, владеачите си осмислија „битка„ за една изборна единица. Едни небаре бараа да се воведе една изборна единица на цела територија на Македонија, другите небаре не даваа, третите небаре нешто негодуваа и така со месеци го занимаваа македонскиот граѓанин со нивната взаемна играрија до понижување. Затоа пак, експресно се договорија за прекројување на една изборна единица, што беше операција еднаква на прогласувањето на една изборна единица. И ред други нивни активности, нам ни даваат за право да се сомневаме во било каква нивна изјава. Така што, да попис е предвиден за 2021 год., но многу работи досега биле предвидени, ама никогаш не биле остварени. ДЕМОКРАТИ сметаат дека после спроведувањето на пописот, ќе располагаме со пореални цифри за бројноста и реалната имотна состојба на населението, после што можат да се прават пореални проценки за економијата, здравството, правото, образованието, социјалата и сите други сегменти во државата.

Македонски весник „Илинден“: Во вашата предизборна Програма, има повеќе точки кои се однесуваат на инвалидните лица. Мислите ли дека досега не се посветува внимание за потребите на овие наши граѓани?

Катерина Тодороска: Ние сме партија отворена за граѓани кои имаат исти цели како нас, а тоа е создавање на функционална држава во која сите ќе ги имаме истите права, но и обврски. При средбите со граѓани кои имаат одреден инвалидитет, независно дали е тоа вроден или стекнат, слушнавме трагични судбини кои не нѐ оставија рамнодушни. Поразителни се податоците за висината на материјалната помош што ја добиваат овие лица за нега од трето лице и другите услови за нивно непречено реализирање на секојдневните потреби. Од таа причина, со домаќинско работење и трошење на народните пари, сметаме дека има простор за драстично зголемување на материјалната помош за сите лица со инвалидитет, но и за оние кои се со посебни потреби.

Македонски весник „Илинден“: На предвремените парламентарни избори 2020 година, според информациите од ДИК, свои кандидатски листи за пратеници имаат доставено неколку коалиции, но и самостојни партии. Мислите ли дека македонскиот избирач нема да биде збунет со понудата на партии и дека ќе може слободно да ги избере луѓето за кои верува дека ќе бидат вистински народни пратеници? Како ДЕМОКРАТИ имате ли некои посебни очекувања од резултатите од гласањето?

Катерина Тодороска: Понудата е голема, ама изборот е мал. Како што веќе реков, граѓаните ќе можат да проценат дали да гласаат за оние партии чии претставници ги гледаат на дебати на телевизии кои клонираат кон некоја од досегашните владеачки партии, во секое време и на секое место. ДЕМОКРАТИ, најмалку ќе ги видат на телевизиските екрани и во сериозни дебати, така што, повеќе од јасно е дека оваа политичка опција е најнепожелната за долгогодишните владеачи. Така што, оние граѓани на кои им е доста од долгогодишните празни ветувања од веќе видените ликови, кои со децении се богатат од потта на народот, имаат опција, а тоа се ДЕМОКРАТИ. Така што, овој пат нема да имаат можност да кажуваат дека немале избор. Само треба да го направат вистинскиот. Во спротивно ќе ги трпат последиците, по сопствена вина. Во однос на тоа што очекуваме како резултат од овие избори, ние говоревме и порано. Доколку граѓаните сметаат дека ним им се потребни чесни пријатели и претставници во македонскиот Парламент, тогаш се добредојдени да гласаат за ДЕМОКРАТИ и да го заокружат бројот 2 на гласачкото ливче.

 

Македонски весник „Илинден“

Advertisement