Ирак: Бара поништување на курдскиот референдум 

Ирачката влада инсистира референдумот за независност на курдскиот регион да биде прогласен за неважечки, очигледно отфрлајќи ја понудата на регионалната влада на Курдистан за суспендирање на резултатите од гласањето за да се олесни дијалогот со Багдад.„Нема да прифатиме ништо друго освен поништување и почитување на Уставот, соопшти денеска ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади. Курдската влада на 24 октомври предложи „итен прекин на огнот“, „замрзнување“ на резултатите од референдумот за независност и „почнување отворен дијалог со федералната влада врз основа на ирачкиот устав“.

Курдите на 25 септември со огромно мнозинство изгласаа независност, но Багдад го прогласи референдумот за нелегален. На референдумот му се спротивставија и Иран и Турција, како и повеќето западни влади. Ирачките сили, заедно со шиитските милиции, кои се поддржани од Иран, минатата недела ја презедоа контролата врз провинцијата Киркук, која е богата со нафта, како и други области кои беа под контрола на Курдите по поразот на Исламската држава во тој регион.

Advertisement