Историска посета на Митрополитот Петар на Мала Преспа во 1991 година (ВИДЕО)

Историски моменти што не смеат да бидат заборавени! Постојат настани кои не се само дел од историјата, туку претставуваат сведоштво за непокорниот дух, верата и истрајноста на еден народ. Денес, за првпат, весникот „Македониум“ ја објавува оваа драгоцена архивска снимка од историската посета на Преспанскиот митрополит г. Петар на Мала Преспа, непосредно по падот на комунистичкиот режим во Албанија, за Велигден – 5 мај 1991 година.

Оваа единствена снимка ја направил Гоце Петровски, кој бил дел од овој историски настан и успеал да овековечи моменти од повторното духовно будење на Македонците во Мала Преспа. На снимката се гледа како Преспанскиот митрополит г. Петар ги поздравува Македонците во Пустец и служи света велигденска литургија во објектот кој некогаш бил православна црква, а за време на комунистичкиот режим на Енвер Хоџа бил претворен во културен дом.

Тоа беше симболичен миг во кој верата повторно се врати таму каде што со децении беше насилно замолчена. Со објавувањето на оваа снимка, весникот „Македониум“ придонесува за зачувување на историската меморија и за пренесување на вистината до идните генерации, за никогаш да не се заборават годините на прогон, но и радоста од повторно стекнатата слобода.