Македонскиот јазик воведен на веб-страницата на Општина Пустец во Република Албанија
Со воведувањето на македонската верзија на веб-страницата, Македонците во Албанија ќе можат да добиваат информации од локалната самоуправа на својот мајчин јазик и да комуницираат со локалните институции
Општина Пустец го прифати барањето нејзината официјална веб-страница да биде достапна и на македонски јазик, покрај на албански, по иницијатива на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, што се смета за значаен чекор кон унапредување на јазичните права на македонското национално малцинство во Република Албанија.
Со воведувањето на македонската верзија на веб-страницата, Македонците во Албанија ќе можат да добиваат информации од локалната самоуправа на својот мајчин јазик и да комуницираат со локалните институции. Оваа иницијатива се очекува да придонесе за поголема институционална транспарентност, почитување на јазичната и културната разновидност и доследно спроведување на националните и меѓународните стандарди за заштита на правата на националните малцинства.
Друштвото претходно се обратило до градоначалникот на општината, како и до претседателот и членовите на Општинскиот совет, а поднело и жалба до комесарот за заштита од дискриминација и до народниот правобранител на Република Албанија.
Македонското друштво „Илинден“ од Тирана изразува посебна благодарност до комесарот за заштита од дискриминација за постапувањето и поддршката при разгледувањето на барањето за пристап до официјалните информации на македонски јазик. Друштвото ѝ се заблагодарува и на Општина Пустец за прифаќањето на барањето и за преземените чекори за воведување верзија на веб-страницата на македонски јазик.
Според Друштвото, овој резултат, со добивање на македонската верзија на официјалната веб-страница, е потврда дека истрајното залагање пред институциите за почитување на правата на Македонците во Албанија може да донесе конкретни промени.
Македонското друштво „Илинден“ од Тирана очекува општината целосно да ја исполни преземената обврска и ќе продолжи да се залага за заштита и унапредување на националниот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Република Албанија.
Македонците во Албанија остварија значаен чекор за унапредување на нивните права со достапноста на официјалната веб-страница на Општина Пустец и на македонски јазик, но треба да се нагласи дека тие сѐ уште се соочуваат со низа предизвици поврзани со зачувувањето на јазикот, културниот идентитет и опстанокот на традиционалните населени места. Иако македонското малцинство е официјално признаено, претставниците на заедницата постојано укажуваат дека се потребни дополнителни напори и поголема институционална поддршка за унапредување на правата и можностите на Македонците во Албанија.
Во регионите каде што традиционално живее македонско население, Голо Брдо, Преспа, Гора, Врбник и Поле, жителите како најзначајни проблеми ги посочуваат ограничените можности за образование на мајчин јазик, економската состојба и иселувањето на младите. Едно од најважните прашања останува образованието на македонски јазик. Иако во одредени средини постои можност за изучување на македонскиот јазик, од заедницата се бара проширување на наставата и создавање услови секое дете со интерес и припадност кон македонската заедница да може да го изучува својот мајчин јазик.
Јазикот е темелот на секој идентитет. Без можност младите да го изучуваат и користат својот јазик, постепено се губи врската со културното наследство и традицијата – истакнуваат претставници на македонските здруженија во Албанија.
Покрај прашањата поврзани со јазикот и образованието, значаен предизвик претставува и економската состојба. Недостигот од работни места и ограничените перспективи за младите придонесуваат за миграција кон поголемите градови и кон странство. Овој процес директно влијае врз демографската слика на населените места каде што живее македонско население.
Жителите на Пустец, односно на македонската заедница во Албанија, во повеќе наврати јавно и низ механизмите на законски утврдените процедури им обрнуваат внимание на јавноста и на институциите дека постои хроничен недостиг од јавни инвестиции во регионите каде што живее македонската заедница. Иако областа е сместена во срцето на националниот парк Преспа и поседува извонреден природен и културен потенцијал, патиштата остануваат дотраени, а инфраструктурните проекти – недовршени или само на хартија. Оваа борба за инвестиции всушност е борба за достоинство. Заедницата во Пустец инсистира дека нејзиниот идентитет не смее да биде причина за занемарување. Тие се дел од албанското општество и бараат еднаков третман.
И покрај многубројните предизвици, легитимните македонски здруженија, како и партијата Македонска алијанса за европска интеграција, продолжуваат активно да работат на зачувување и промовирање на македонскиот фолклор, традиција, јазик и културно наследство.
Преку различни културни, образовни и општествени иницијативи, тие настојуваат да ја одржат жива врската меѓу новите генерации и историските корени, поттикнувајќи ги познавањето и почитувањето на културниот идентитет и наследството. Иднината на Македонците во Албанија, според нив, зависи од создавањето подобри услови за живот, обезбедувањето можности за образование на мајчин јазик и отворањето перспективи за младите генерации.
Истрајното залагање за правата на Македонците носи конкретни промени
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
