Излезе монографија за Бигорскиот манастир – иконата на Бистра

Пред празникот Велигден, од печат излезе монографијата „Иконата на Бистра, закрилник на православието“, единаесетто книжевно дело на Киро Кипроски, доајен на македонското новинарство и публицист, долгогодишен новинар на весникот „Нова Македонија“ од 1968 година. Издавач е Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ – Ростуше. Монографијата e посветeна на 25-годишнината од возобновувањето на монашкото братство во Бигорскиот манастир, а по повод прославата на големиот јубилеј 1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир, што се одржа на крајот на минатата година.

Кипроски како ревносен хроничар ги бележи сите настани и случувања за подемот на монашкото братство во Бигорскиот манастир и на сестринството во Раичкиот манастир „Св. Ѓорѓија Победоносец“, за враќањето на богослужбите и литургиите во црквите и манастирите, за обновувањето на постојните цркви и манастири и изградба на нови црковни градби во регионот на Долна Река и Мијачијата. Во предговорот на монографијата, митрополитот г. Тимотеј вели дека на големиот јубилеј на Бигорскиот манастир, Киро Кипроски ни ја подарува оваа скапоцена монографија.

Со голема љубов и посветеност кон манастирот, мошне успешно низ многубројни новинарски текстови и фотографии ги следи две и полдеценискиот развој и растеж на славната Обител и сето тоа собрано во книга дава голем придонес за поновата историја на ова древно македонско духовно светилиште. Делото е единствено, исклучително, автентично неповторливо.

Зошто го велам ова? Затоа што, колку што мене ми е познато, во нашата држава и пошироко не е отпечатена книга од автор хроничар, кој ги бележи буквално сите позначајни случувања и процеси од многу плодниот манастирски живот и со своето новинарско перо истите тие ги овековечува – вели тој во предговорот. Игуменот на Бигорскиот манастир, Парениј, пак, во предговорот во текстот насловен „Предисловие“ забележува дека овие умствени писателски и новинарски творби на нашиот особен пријател и соработник, најпосле се собрани во овој прекрасен зборник, со наслов што пренесува моќна порака.

Оваа книга, всушност, претставува своевиден современ летопис на Бигорскиот манастир за последните триесетина години, време преисполнето со настани и дејствија, дотолку повеќе што во тој период се паѓа возобновата на монашкиот живот и на Обителта воопшто – вели тој. Писателот Александар Прокопиев пишува рецензија на монографијата насловена „Исцеление на душата“.

Авторот Кипроски имал своевидна среќа да ги бележи и пренесува искуствата од животот на манастирот во последниве неколку децении. Имено, во манастирската хроника низ столетијата со постојани историски премрежиња, се издвојуваат два периода кога бигорскиот храм доживува духовен, градителски и уметнички процут: едниот од 1807 година, со доаѓањето за игумен на архимандритот Арсениј, по потекло од Галичник, и вториот, од 1995 година, со замонашувањето на сегашниот епископ Партениј. Нивната грижа за манастирот, нивното целосно вживување во неговото чување, доградба, надградба, разубавување се за огромен восхит. Кипроски, со фактот што токму во овој период е сведок и запишувач и фотограф на манастирскиот живот, се соочил со клучни настани во неговиот развој.

Ја илустрираме неговата соживеаност со манастирот со фрагменти од тешките мигови по пожарот од 30 септември 2009 година, кога настрадаа североисточното и северозападното манастирско крило. Но и во тие траурни деноноќија, не изостануваа пожртвуваната сечовечка солидарност и помош – вели Прокопиев. Промоцијата на монографијата е планирана за средината на јуни во Бигорскиот манастир./www.novamakedonija.com.mk

Advertisement