Изложба „Градски костими“ во музејот на Стерјо Спасе во албанското село Глобочани

По повод 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите, вчера во музејот на Стерјо Спасе во село Глобочани, општина Пустец беше поставена изложбата „Градски костими“, чиј автор е Наде Геневска Брачиќ, етнолог советник.

Изложбата е реализирана во рамки на проектот „SMART4YOU2″ а во соработка на НУ „Завод и музеј“ – Битола и Директоратот за културно наследство – Корча, како дел од партнерството кое што го сочинуваат и Општина Битола, Општина Пустец и Младинскиот културен центар од Битола.

Проектот „SMART4YOU2″ се имплементира во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија, и е ко-финансиран од страна на Европската унија и Министерството за локална самоуправа, стои во објавата.

На отворањето на изложбата се обратија градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, директорот на Директоратот за културно наследство Аманада Чичи, директорот на НУ „Завод и Музеј“ – Битола, д-р Мери Стојанова и авторот на изложбата Наде Геневска Брачиќ.

На изложбата присуствуваа поголем број на посетители кои со огромен интерес ја проследија изложбата и дискутираа околу поединечни облековни елементи и костими кои претставуваат значаен дел од македонската традиција и култура, посочуваат од македонската амбасада во Тирана.

Advertisement