Изложба на носии од Дебарско и Реканско во Бигорски Манастир

Почитувани верници, пријатели на Бигорскиот Манастир и љубители на македонскиот фолклор, ве известуваме дека на денот на манастирската слава, Иванден, 7 јули, недела, по завршувањето на празничното богослужение, во манастирската галерија ќе биде отворена изложба на древни традиционални носии од дебарското-реканската етнографска целина.

Оваа изложба е плод на повеќегодишната соработка на бигорскиот старец и игумен, Архимандрит Партениј, со ансамблот „Македонија“, предводен од неговиот уметнички менаџер, проф. д-р Владимир Јаневски.

На изложбата ќе бидат претставени носии на Мијаците од областите: Река, Азот и Железник, како и носии од Дебарско Поле, Голо Брдо, Дебарски Дримкол и Горна Река. Станува збор за најстари носии, коишто хронолошки можат да се следат од 17 до 19 век.

Најголем број од носиите ќе бидат невестински, но ќе има и момински. Како посебна занимливост, ќе бидат претставени две најстари горни облеки од Горна Река и од Мијаците од Крушево.

Advertisement