Изложба на Васил Стерјовски “Македонците во САД – вековен идентитет во континуитет”

Еден од најголемите поборниците за правата на Македонците во Албанија и заштитата на македонскиот идентитет, Васил Стерјовски, во Штип ќе ја претстави  својата изложба насловена “Македонците во САД-вековен идентитет во континуитет”.

За МИА тој рече дека изложбата содржи многу документи од архивите на САД за македонската посебност од крајот на XIX и почетокот на XX век. Изложбата е во рамките на настанот по повод одбележувањето на 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија и 73 години од крајот на граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, додава Стерјовски.

Според него  овој значаен настан е организиран од здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип, во соорганизација со локалната самоуправа на општина Штип  и ДПС Лисец од Штип. Настанот и изложбата ќе се одржат на 8-ми септември 2022 година (четврток) со почеток во 10:30 часот, во дворот на македонската православна црква “Св. Константин и Елена” во населбата “Балканска” во Штип, Македонија, рече тој.

Стерјовски е лидер на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, претседател на македонското друштво “Сонце” и поранешен пратеник во албанскиот парламент, прв пратеник Македонец, кој јавно ја декларира својата етничка припадност.

Advertisement