I. Вовед
Општа политичка и општествена рамка на делувањето на МАЕИ во 2025 година
Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствен автохтон политички и национален субјект на Македонците во Албанија, и во 2025 година имаше исклучително динамична, активна и содржајна година, посветена на заштитата, афирмацијата и унапредувањето на правата, идентитетот и културното наследство на македонската заедница.
II. Хуманитарни, образовни и социјални активности
Грижа за најмладите и поддршка на заедницата
Годината започна со хуманитарни и образовни активности. По повод божиќните празници, МАЕИ во соработка со „Патриотско друштво“ од Скопје организираше акција за децата во Мала Преспа, при што беа донирани новогодишни пакетчиња и книги на македонски јазик. Слична акција беше реализирана и на крајот на декември 2025 година, кога МАЕИ, во соработка со „Ротари клуб“ од Битола, им додели новогодишни пакетчиња на децата од основното училиште „Отпорот на Горичени“ во Општина Пустец, носејќи радост и насмевки кај најмладите.
III. Политичка и институционална борба за правата на Македонците во Албанија
Средбата во Корча и координацијата со македонските парламентарни партии
Тргнувајќи од сложената и чувствителна положба на Македонците во Албанија како автохтоно население, кои континуирано се соочуваат со предизвиците од агресивната бугарска политика на бугаризација и асимилација, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) на 8 февруари 2025 година организираше средба во Корча, Република Албанија, со македонските парламентарни политички партии.
Целта на средбата беше претставниците на парламентарните политички партии од власта и од опозицијата во Република Македонија детално да се запознаат со крајно незавидната положба на Македонците во Албанија, како и со сериозните последици од агресивната бугарска политика на асимилација, која во значителна мера се спроведува со директна или индиректна поддршка од институциите на Република Албанија.
На средбата, од страна на МАЕИ, учествуваа претставници од регионите Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник, како и од градовите Корча, Подградец, Елбасан и Тирана, со што беше обезбедена сеопфатна и автентична слика за состојбите на македонското национално малцинство низ целата територија на Албанија.
IV. Предлог-стратегија за долгорочна поддршка на Македонците во Албанија
Институционални, дипломатски и развојни механизми
Во рамките на средбата, МАЕИ презентираше Предлог-стратегија чија цел е дефинирање на долгорочни мерки и активности за поддршка на македонското национално малцинство во Албанија, преку институционални, дипломатски, културни и економски механизми. Меѓу клучните барања содржани во стратегијата се: формирање Совет за поддршка на македонското малцинство како тело во рамките на Владата на Република Македонија, кое ќе ги координира активностите за заштита и унапредување на правата на Македонците во Албанија, како и создавање Фонд за поддршка на македонските здруженија во Албанија, со цел финансиска поддршка на организациите што работат на зачувување на македонскиот идентитет, култура и јазик.
Предлог-стратегијата е замислена да послужи како основа за изработка на долгорочен план, кој ќе вклучува годишни програми за заштита и унапредување на правата на македонското национално малцинство во Албанија. Дополнително, во стратегијата се бара и отворање Генерален конзулат на Република Македонија во Корча, кој би претставувал директен канал за комуникација со Македонците од регионот и значајна институционална поддршка за решавање на нивните секојдневни проблеми.
Предлог-стратегијата на средбата во Корча беше поддржана од сите присутни претставници на македонските парламентарни политички партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ, Демократски сојуз и Левица. За особено поздравување е одлуката на Владата на Република Македонија, која го зеде предвид барањето на МАЕИ и донесе одлука за отворање Генерален конзулат на Република Македонија во Корча во 2026 година.
V. Односи со институциите на Република Македонија
Средби на највисоко државно ниво
На 5 февруари, делегација на МАЕИ беше примена од претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, во Скопје, каде што се разговараше за актуелната положба, предизвиците и перспективите на Македонците во Албанија. Исто така, за време на официјалната посета на претседателката Силјановска-Давкова на Албанија, во Македонската амбасада беше одржана средба меѓу делегација на МАЕИ и претседателката, при што повторно беа отворени клучни прашања од интерес за македонската заедница.
Делегација на МАЕИ во македонската амбасада оствари средба и со македонскиот заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски.
Претседателот на МАЕИ оствари и средба со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија, Тимчо Муцунски, кого детално го информираше за состојбата и проблемите со кои се соочуваат Македонците во Албанија, како и за потребата од континуирана институционална поддршка.
VI. Национални, културни и историски чествувања
Зачувување на македонската историска и културна меморија
Во текот на годината, делегација на МАЕИ учествуваше во Велес на семакедонското одбележување на роденденот на Гоце Делчев, настан на кој присуствуваа Македонци од повеќе балкански држави. На оваа свеченост, претседателот на МАЕИ имаше свое поздравно обраќање, истакнувајќи ја важноста на заедништвото и националното единство.
МАЕИ достоинствено ги одбележа сите позначајни датуми поврзани со историјата на македонскиот народ и на Македонците во Албанија. По повод 4 февруари – денот на раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, како и на 4 мај – денот на неговото убиство, делегација на МАЕИ положи свежо цвеќе пред бистата на Гоце Делчев во Пустец.
На 24 мај, Денот на македонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, МАЕИ организираше свечена манифестација во музејот на Стерјо Спасе во село Глобочени, Општина Пустец, со што уште еднаш ја потврди својата заложба за зачувување на македонскиот јазик, писменост и култура.
По повод националниот празник Илинден, претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, учествуваше на традиционалниот илинденски пикник во Торонто, организиран од организацијата „Обединети Македонци“, каде што имаше и свое обраќање до македонските иселеници. Истовремено, делегација на МАЕИ, предводена од потпретседателот Ефтим Митревски, учествуваше на семакедонската средба по повод Илинден во Трново.
На 14 август, по повод денот на раѓањето на истакнатиот писател од македонско потекло Стерјо Спасе, делегација на МАЕИ положи свежо цвеќе пред неговата биста во село Глобочени.
МАЕИ положи свежо цвеќе пред бистата на Гоце Делчев во Пустец и по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, а делегација на партијата учествуваше и на свечениот прием организиран од Македонската амбасада во Тирана.
VII. Верски активности и меѓурелигиски соживот
Почитување на духовната разновидност на македонската заедница
Во текот на целата година, делегации на МАЕИ редовно присуствуваа на приемите на Митрополијата на Корча по повод Велигден и Божиќ, како и на свечената литургија по повод востоличувањето на новиот митрополит на Корча. Исто така, делегација на МАЕИ учествуваше и на приемот организиран од Муфтијата на Корча по повод празникот Рамазан Бајрам. Претставниците на МАЕИ редовно земаа учество и во верските празници на Македонците од православна и исламска вероисповед, промовирајќи меѓурелигиски соживот и почит.
Во рамките на активностите на МАЕИ, по покана на партијата, во официјална посета на Општина Пустец престојуваше Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи од Република Македонија. Посетата имаше за цел непосредно запознавање со состојбата на македонската заедница, идентификување на тековните предизвици, како и согледување на постигнатите резултати во сферата на духовниот, образовниот и општествениот развој.
За време на посетата беа остварени средби со претставници на МАЕИ, на локалната самоуправа, со раководството на средното училиште во Пустец, како и со свештеникот отец Алексо Темелко. Посебно внимание беше посветено на прашањата поврзани со зачувувањето и унапредувањето на православната вера, како и на македонскиот културен и духовен идентитет во Општина Пустец.
По повод големата трагедија што се случи во Кочани, Република Македонија, каде во пожар животот го загубија 63 лица, Македонската алијанса за европска интеграција во Пустец организираше комеморативна церемонија во чест на жртвите. На плоштадот „Гоце Делчев“, пред црквата „Свети Архангел Михаил“, граѓаните на Пустец со едноминутно молчење и палење свеќи оддадоа почит на загинатите, додека свештеникот отец Алексо Темелко упати молитва за покој на нивните души и за брзо закрепнување на повредените.
VIII. Медиумско присуство и јавна комуникација
Афирмација на македонското прашање во албанската јавност
Во текот на 2025 година, претставници на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) активно учествуваа во повеќе емисии на националните и локалните албански телевизии, како и преку интервјуа, изјави и реакции во печатените и електронските медиуми. Преку овие јавни настапи, МАЕИ континуирано ги отвораше и актуелизираше сите клучни прашања поврзани со положбата, правата и предизвиците на Македонците во Албанија, афирмирајќи се како единствен автентичен политички претставник на македонската заедница.
IX. Конкретни политички резултати и иницијативи
Намалување на цената на „Зелениот картон“
МАЕИ во 2025 година покажа и конкретна политичка ефикасност преку иницијатива покрената на прес-конференција, со која јавно побара намалување на цената на осигурителната полиса „Зелен картон“ на 50 евра годишно. Албанските институции го прифатија барањето на Македонската алијанса за европска интеграција, по што цената на „Зелениот картон“ беше намалена од дотогашните 400 евра на само 50 евра годишно.
Партијата ја изрази својата јавна благодарност до Агенцијата за финансиски надзор, која го зема предвид аргументираното барање на МАЕИ и го одобри намалувањето на цената на оваа осигурителна полиса за патничките возила. Оваа одлука донесе значителни финансиски олеснувања за граѓаните, а особено за жителите на окрузите Корча и Пешкопеја, кои имаат силни семејни, економски и културни врски со Република Македонија и често патуваат преку државната граница.
X. Соработка со малцинствата и македонската дијаспора
Регионално и меѓународно поврзување
Во текот на 2025 година, МАЕИ ја продолжи и ја продлабочи соработката со другите политички и граѓански претставници на малцинствата во Албанија, со заедничка мисија за унапредување на статусот, правата и институционалната заштита на малцинствата во земјата. Паралелно, партијата интензивно ги продолжи контактите и соработката со Македонците од соседните земји, како и со организациите на Македонците во иселеништвото, градејќи мрежа на солидарност и заедничко делување.
Делегации на МАЕИ редовно учествуваа на културни, политички и национални активности на Македонците во Грција, Бугарија и Србија, со што се зајакнаа меѓусебните врски и се унапреди заедничката борба за зачувување на македонскиот идентитет во регионот. Во исто време, претставници на Македонците од соседните земји и од македонското иселеништво активно присуствуваа и на настаните организирани од МАЕИ во Албанија. Делегација на МАЕИ заедно со преставници на Македонците од соседните земји на Македонија, во Скопје, учествуваше на прославата на роденденот на доктор Лефтер Манче со потекло од Егејска Македонија и голем подржувач на Македонците на Балканот и пошироко.
Посебно значајно е учеството на делегација на МАЕИ на тркалезната маса во Тренинген, Швајцарија, посветена на положбата на Македонците во соседните земји на Македонија, организирана од Македонскиот национален совет – Швајцарија.
Исто така, претседателот на МАЕИ учествуваше на традиционалниот илинденски пикник во Торонто, во организација на организацијата „Обединети Македонци“, каде што беа остварени значајни контакти со Македонското ислеништво и беа разменети идеи за понатамошна заедничка соработка.
XI. Парламентарни избори 2025 година во Албанија
Политички контекст, изборна стратегија и кампања
МАЕИ учествуваше на парламентарните избори што се одржаа на 11 мај 2025 година, во услови на изразено неповолен и дискриминирачки изборен систем за малите партии и партиите на националните малцинства.
Претходно, по иницијатива на МАЕИ, политичките партии на Македонците, Власите, Ромите и Египќаните поднесоа заедничко барање до Собранието на Република Албанија, во рамките на расправата за Изборната реформа. Барањето се однесуваше на воведување загарантирани пратенички квоти за националните малцинства, со цел нивно правично и ефективно политичко претставување. За жал, ова барање беше одбиено и од партиите на власта и од опозицијата, со што повторно се потврди отсуството на политичка волја за унапредување на малцинските права во Албанија.
Иако важечкиот изборен законик, заснован на регионален пропорционален модел, системски ги маргинализира малите партии и практично оневозможува парламентарно претставување на малцинствата, МАЕИ донесе принципиелна и одговорна одлука да учествува на изборите. Целта беше јасна, активно учество во изборниот процес, зголемување на видливоста на македонското прашање и артикулирање на барањата на Македонците во албанското општество и институции.
Во пресрет на изборите, МАЕИ водеше разговори со двете најголеми политички партии, од власта и од опозицијата. Во почетната фаза ниту една од нив не прифаќаше вклучување на претставник на МАЕИ на своите кандидатски листи. По повеќемесечни преговори, на крајот беше постигнат договор за соработка со Социјалистичката партија на Албанија, предводена од премиерот Еди Рама.
Договорот за соработка во име на МАЕИ го потпишаа потпретседателот на МАЕИ, Ендрит Фетаху и Нико Пелеши, координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија. Согласно договорот, на отворената листа во изборната единица Корча, МАЕИ доби можност да има свој кандидат.
Особено значајна беше содржината на договорот, кој вклучуваше посебни одредби за унапредување на правата и условите за живот на македонското малцинство. Социјалистичката партија се обврза на поддршка и гарантирање на правата на македонското малцинство во Албанија, во согласност со меѓународните стандарди и законските обврски на државата, како и на приоритетни инвестиции во инфраструктурата, образованието, водоснабдувањето, канализацијата и други витални сектори во областите со македонско население, Преспа, Голо Брдо и Гора, со цел подобрување на квалитетот на животот на жителите.
Дополнително, Владата предводена од Социјалистичката партија се обврза да ја поддржува и унапредува наставата на македонски јазик, онаму каде што постојат законски и институционални услови. Од особена важност е фактот што за прв пат една партија од власта официјално ги призна Гора и Голо Брдо како области со македонско население, надминувајќи ја дотогашната ограничена позиција на официјална Тирана, според која Македонци постоеја исклучиво во Општина Пустец (Мала Преспа) и селото Врбник во Деволската област.
МАЕИ за свој кандидат на отворената листа на Социјалистичката партија во изборната единица Корча го предложи претседателот на партијата, Васил Стерјовски. Со почетокот на изборната кампања, за прв пат досега, против кандидатот на МАЕИ се вклучија и бугарски медиуми и структури од Бугарија, како и поединци и групи инсталирани во албанските партии и меѓу дел од Македонците во Албанија.
Преку дезинформации и невистини, како што се тврдењата дека претседателот на МАЕИ поседува српско државјанство или дека МАЕИ е проект на Белград насочен против бугарската нација, се водеше организирана кампања за дискредитација, со јасна цел, нарушување на угледот на МАЕИ во албанското општество и слабеење на политичкото организирање на Македонците. Дел од Македонците кои соработуваат со бугарските структури активно работеа против кандидатот на МАЕИ, лобирајќи за албански кандидати од сите партии, освен за кандидатот на единствената македонска партија во Албанија.
И покрај силните притисоци, кандидатот на МАЕИ водеше достоинствена и културна кампања, остана доследен на своите принципи и беше исклучително присутен во албанските медиуми, каде преку бројни интервјуа ја презентираше програмата на МАЕИ за унапредување на правата на Македонците и другите малцинства во Албанија.
Особено забележителен беше настапот на Васил Стерјовски на завршниот изборен митинг на Социјалистичката партија, кој беше директно пренесуван од сите национални медиуми. Пред околу 10.000 присутни, во присуство на премиерот Еди Рама, Стерјовски јасно ги истакна барањата на Македонците во Албанија, предупреди на притисоците за асимилација од страна на Бугарија и дел од својот говор го одржа и на македонски јазик. Дополнителна поддршка за кандидатурата на Стерјовски беше дадена и преку видео-порака од европратеничката Ана Миранда од Шпанија.
Без оглед на конечниот изборен резултат, МАЕИ преку учеството на овие избори ја постигна својата стратешка цел, да биде јасно видлива во албанското општество, да биде присутна во албанските медиуми и отворено да ги артикулира политичките, културните и идентитетските барања на Македонците во Албанија, потврдувајќи се како легитимен и автентичен претставник на македонската заедница.
XII. Меѓународни и европски активности
ЕФА, ОН и европски институции
Во текот на 2025 година, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) беше особено активна на европско и меѓународно ниво, континуирано барајќи поддршка од европските и светските институции за унапредување на правата и условите за живот на Македонците во Албанија, како и за спротивставување на агресивната политика на Бугарија насочена кон асимилација и негирање на македонскиот идентитет.
Европската слободна алијанса (ЕФА), на своето Генерално собрание одржано на 10 мај 2025 година во Нант, Франција, усвои резолуција за заштита на македонскиот идентитет во земјите членки на Европската унија и земјите кандидати. Резолуцијата беше поднесена од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и ОМО „Илинден“ – Пирин.
Во рамките на Собранието беше разгледан и извештајот „Минимални стандарди за малцинствата во ЕУ“ (2018/2036(INI)), при што беше нагласен фактот дека Македонците претставуваат автохтоно население на територијата на Бугарија и Албанија, со посебни културни и јазични карактеристики, кои одржуваат долгорочни и лојални врски со државите во кои живеат и се доволно репрезентативни, иако бројчено помали од мнозинското население.
ЕФА остро ја осуди бугарската политика на асимилација и дискриминација на македонското малцинство во Бугарија, како и политиката на етничко таргетирање на Македонците во Албанија, насочена кон вештачко создавање бугарско малцинство преку масовно доделување и продажба на бугарски државјанства на граѓани на Албанија. Во резолуцијата се осудуваат и напорите за асимилација преку институционален притисок, финансиски поткупи и злоупотреба на членството на Бугарија во Европската унија.
Понатаму, ЕФА ја осуди употребата на ова неодамна создадено „малцинство“ за политичко уценување на Албанија и за легитимирање на асимилацијата на македонското малцинство, како и правните постапки, поддржани од бугарската држава, против Македонската алијанса за европска интеграција, со цел замолчување на политичкиот глас на Македонците во Албанија. Воедно беше осудено и издавањето лажни сертификати за бугарско потекло од страна на одредени албански општини, иако тие немаат законска надлежност за издавање такви документи, со цел добивање бугарски пасоши преку коруптивни практики.
Европската слободна алијанса побара од Бугарија да се откаже од своите условувања поврзани со европската интеграција на Македонија, кои се спротивни на Копенхашките критериуми, да ја укине блокадата за пристапување на Македонија во Европската унија и да им ги обезбеди на Македонците во Бугарија истите права што ги бара за Бугарите во Македонија, врз основа на принципите на правда и еднаквост. Дополнително, ЕФА побара Бугарија веднаш да ја запре агресивната политика кон македонското малцинство во Албанија и, заедно со Грција и Албанија, да ја потпише и целосно да ја спроведе Европската повелба за регионални или малцински јазици, вклучително и активна поддршка на македонскиот јазик и култура.
Во рамките на меѓународните активности, од 26 до 28 ноември 2025 година, претседателот на МАЕИ учествуваше во Женева на Форумот за малцински прашања, организиран од Специјалниот известувач на Обединетите нации за малцински прашања. На овој форум, претседателот на МАЕИ имаше две официјални обраќања: едно на средбата на претставниците на малцинствата со Специјалниот известувач за малцински прашања и едно на главната пленарна сесија на Форумот.
Во своите обраќања, претседателот на МАЕИ ги истакна клучните проблеми и потреби на Македонците во Албанија, укажа на систематската бугарска пропаганда и обидите за асимилација и побара меѓународна поддршка за унапредување на правата на македонското малцинство. Специјалниот известувач на ОН за малцински прашања изрази поддршка за изнесените барања и јасно ја осуди политиката на Бугарија насочена кон асимилација на Македонците во Албанија.
Исто така, претседателот на МАЕИ во рамките на своите овластувања за преставување на МАЕИ, на европско и меѓународно ниво во 2025 година, имаше средби со Специјалниот известувач на ОН за малцински прашања, проф. Николас Леврат, европратеничката Ракел Гарсија Хермида- Ван дер Вале, подпреседателот на Европската слободна алијанса (ЕФА), Керем Оглоу, Ана Јунгнер-Нордгрен, претседателка на европската Мрежа за промоција на лингвистичка разновидност со седиште во Брисел, претседателката на Федерална унија на европски националности (ФУЕН), Оливиа Шуберт, претседателката на Фондација Копиетерс, Антонија Лучијани како и учествуваше на онлајн состаноците на работната група за јазични и малцински права при Европската слободна алијанса (ЕФА), каде на сите состаноци ги извести за положбата на Македонците во Албанија.
XIII. Односи со албанските институции и дипломатски мисии
Институционален дијалог и застапување
Во текот на 2025 година, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во Албанија спроведе интензивни активности преку бројни средби со државните институции на локално, регионално и централно ниво, како и со дипломатските претставништва и меѓународните мисии акредитирани во земјата.
На централно ниво, претставници на МАЕИ остварија официјални средби со министерот за внатрешни работи на Република Албанија, Ервин Хоџа, со претседателката на албанското Собрание, Елиса Спиропали, како и со нејзиниот наследник на функцијата претседател на Собранието, Нико Пелеши. Дополнително, беа одржани средби и со Кастриот Робо, политички советник на Претседателот на Република Албанија, како и со други високи претставници на државната администрација. Во фокусот на средбите беа прашања поврзани со улогата и положбата на македонската заедница во Албанија во контекст на процесот на европска интеграција и нејзиниот придонес во градењето на соживотот, дијалогот и општествената стабилност. Посебен акцент беше ставен на актуелните предизвици и потреби на македонската заедница во однос на институционалната застапеност, образованието, културата и локалниот развој.
Делегации на МАЕИ исто така остварија средби со претставници на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, со претставници на Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства со седиште во Хаг, со амбасадорот на ОБСЕ во Албанија, како и со амбасадорите на Романија, Хрватска, Шпанија и Германија. Во рамките на овие активности беа одржани средби и со претставници на Амбасадата на Република Македонија во Албанија и други дипломатски мисии.
По покана на Одделението за антидискриминација при Советот на Европа, претседателот на МАЕИ учествуваше на регионалниот семинар на тема „Зајакнување на одговорот на полицијата кон омразата врз етничка и верска основа“, организиран од Единицата за соработка против дискриминација при Советот на Европа. Семинарот се одржа во Драч, Република Албанија.
Во своето излагање на семинарот, претседателот на МАЕИ нагласи дека во раниот период на демократските процеси во Албанија, по падот на комунистичкиот режим во почетокот на 1990-тите години, националните малцинства честопати биле перципирани како закана за државата. Во тој контекст, при формирањето на државната полиција и армија, припадниците на македонското, како и на другите малцинства, биле исклучени од безбедносните структури. Денес, во услови на демократско општество, од суштинско значење е македонското малцинство, како и другите малцинства во Албанија, да бидат соодветно и правично застапени во редовите на Државната полиција. Таквата застапеност не само што го зајакнува институционалното претставување, туку и ја зголемува довербата на граѓаните во државните институции, придонесувајќи кон побезбедно, поинклузивно и постабилно општество. Дополнително, беше потенцирано дека во Општина Пустец, како општина со доминантно македонско население, раководителот на полициската станица треба да биде од редовите на македонската заедница, со цел обезбедување правична застапеност, подобра комуникација со граѓаните и градење на взаемна доверба меѓу институциите и локалното население.
Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во Општина Пустец учествуваше на јавната трибина организирана од Комесарот за заштита од дискриминација, под мотото „Не чекај дискриминацијата да се случи – спречи ја“, со поддршка на Советот на Европа и Европската унија. Трибината беше организирана по повод одбележувањето на 15-годишнината од усвојувањето на Законот за заштита од дискриминација во Република Албанија.
Во своето обраќање, претседателот на МАЕИ нагласи дека Комесарот за заштита од дискриминација претставува клучна институција задолжена за гарантирање на еднаквите права на сите граѓани и за спречување на секоја форма на дискриминација. Сепак, тој укажа дека за македонската заедница во Албанија оваа институција во повеќе наврати не успеала да ја изврши својата функција на независен, непристрасен и ефикасен начин. И покрај бројните претставки поднесени од македонската заедница, особено оние поврзани со случаи на дискриминација извршена од носители на јавни функции, Комесарот, според изнесеното, применувал селективен пристап и не ги разгледувал овие случаи со потребната сериозност. Беше истакнато дека дискриминацијата врз националните малцинства не смее да се толерира и дека институцијата мора да покаже институционална храброст и професионалност при истражување на секој случај, без политички, етнички или други влијанија.
Како еден од најсериозните пропусти беше посочено и неделувањето на Комесарот во однос на отворените обиди на Република Бугарија за асимилација на македонската заедница во Албанија. За време на пописот на населението во 2023 година, беше укажано дека постоела организирана интервенција од бугарската држава со цел влијание врз процесот на самоидентификација на Македонците. МАЕИ реагираше во повеќе наврати, како преку медиумите, така и со официјални дописи до надлежните институции, барајќи институционална заштита од ваквиот притисок. Сепак, и покрај сериозноста на овие наводи, Комесарот за заштита од дискриминација не презеде конкретни чекори за нивно истражување и спречување.
Во оваа насока, беше истакнато дека институција која не обезбедува еднаква заштита на правата на сите граѓани, независно од нивната етничка или политичка припадност, ја губи својата доверба и легитимитет. Комесарот за заштита од дискриминација, беше нагласено, мора да делува како независен, храбар и принципиелен орган, посветен на обезбедување вистинска еднаквост за сите заедници во Албанија, вклучително и македонската.
XIV. Борба против дискриминацијата и заштита на достоинството
Институционални реакции и јавни извинувања
Во текот на 2025 година, МАЕИ активно реагираше и на конкретни случаи на дискриминација во Албанија. По поднесените претставки до Народниот правобранител, Министерството за надворешни работи на Република Албанија упати официјално извинување за употребата на навредливиот и несоодветен термин „Славомакедонци“ за македонското малцинство, употребен од страна на амбасадорката на Албанија во Република Бугарија.
Дополнително, по жалбата поднесена од МАЕИ до Комесарот за заштита од дискриминација, и познатиот албански бизнисмен Ѓерѓи Луца јавно се извини за употребата на навредлив термин упатен кон Македонците од Општина Пустец. Овие случаи претставуваат значаен пример дека институционалната реакција и принципиелното делување можат да придонесат кон заштита на достоинството и правата на македонската заедница во Албанија.
Во текот на 2025 година, Македонците во Албанија се соочија со нов сериозен предизвик поврзан со обидите за ограничување на употребата на македонските национални симболи. Во повеќе наврати, претседателката на Комитетот за национални малцинства, Константина Бежани, како и други членови на Комитетот, упатија барања Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), македонските здруженија и Општина Пустец да не го користат Сонцето од Кутлеш како симбол, со образложение дека станува збор за „грчки симбол“.
МАЕИ јасно укажа дека Сонцето од Кутлеш со години легално се користи од македонските организации и институции во Албанија, во согласност со важечкото албанско законодавство и без прекршување на ниту една законска одредба. Во врска со овие притисоци, МАЕИ ги информираше надлежните албански институции, како и дипломатските претставништва на странските мисии во Албанија, укажувајќи на недозволивоста на ваквите обиди за ограничување на културното и идентитетското изразување на македонската заедница.
XV. Апел за самоидентификација на Македонците во Албанија
Законско право и национална одговорност
Во истиот период, Македонската алијанса за европска интеграција упати јавен апел до Македонците во Република Албанија да се самоидентификуваат како Македонци, врз основа на постојната законска рамка и соодветната одлука на албанската влада, во рамките на тековниот процес на официјална самоидентификација.
Во апелот се наведува дека, согласно Законот „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“ од 2017 година и владината одлука „За утврдување на критериумите, документацијата и постапките за собирање на податоци за идентификација на лицата кои припаѓаат на националните малцинства“, секој граѓанин има неотуѓиво право слободно и без притисок да се самоидентификува како припадник на официјално признаено национално малцинство.
МАЕИ ги повика сите Македонци во Албанија без двоумење да го искористат ова законско право, преку пополнување на соодветните формулари за самоидентификација и нивно доставување до Комисијата формирана при Министерството за внатрешни работи, согласно утврдените процедури. Во апелот беше нагласено дека самоидентификацијата не претставува само индивидуално законско право, туку и чин на граѓанска и национална одговорност, кој го зајакнува колективниот глас на македонската заедница и создава основа за сигурна иднина на идните генерации.
XVI. Принципиелна неутралност на МАЕИ кон изборните процеси во Република Македонија
Повик за трајна државна грижа за Македонците во Албанија
Во врска со локалните избори што се одржаа во Република Македонија, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ доследно и принципиелно се придржуваше до ставот за целосно немешање во внатрешните изборни и политички процеси во Република Македонија. Овој став произлегува од одлуката на Централниот комитет на МАЕИ, како највисок орган на партијата, донесена на состанокот одржан во Корча на 5 август 2024 година, и формално утврдена во усвоената Декларација.
Во делот што се однесува на Република Македонија, Декларацијата ја повикува Владата на Република Македонија на проактивна и континуирана грижа за положбата, правата и слободите на македонската заедница во Република Албанија, како неотуѓив дел од македонскиот народ и културен простор. МАЕИ смета дека грижата за Македонците во соседните држави треба да биде трајна државна политика, независна од дневно-политичките промени и партиските интереси.
Истовремено, Македонската алијанса за европска интеграција јасно ја истакнува својата определба да остане неутрална во политичките пресметки и партиските натпреварувања во Република Македонија и да не зазема страна во изборните процеси. Сепак, МАЕИ останува отворена за институционална соработка со сите политички партии и државни институции во Република Македонија, врз основа на заемно почитување, транспарентност и заеднички интерес за заштита и унапредување на правата на Македонците во Албанија.
МАЕИ очекува политичките партии и државните институции во Република Македонија, во Република Албанија, да дадат принципиелна и недвосмислена поддршка на единствената македонска политичка партија во Албанија, како и на напорите за институционална заштита, афирмација и унапредување на правата, идентитетот и достоинството на Македонците во Албанија.
Дополнително, МАЕИ смета дека само преку институционален дијалог, меѓудржавна соработка и почитување на европските стандарди за малцински права може да се создадат одржливи решенија за подобрување на положбата на Македонците во Албанија, без политизација и без нивна инструментализација во внатрешно-политички цели.
XVIII. Обид за институционално гаснење на МАЕИ и негирање на македонскиот идентитет
Бугарската асимилаторска стратегија, коруптивните мрежи и судскиот притисок во Албанија
И во текот на 2025 година, еден од најсериозните предизвици со кои се соочуваше Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како и Македонците во Албанија во целина, беа континуираните активности на Република Бугарија насочени кон асимилација и негирање на македонскиот национален идентитет. Овој процес започна уште во 2017 година, кога под директен политички притисок и закана со вето врз европскиот пат на Албанија, беше признаено т.н. „бугарско малцинство“, без исполнување на ниту еден објективен, историски или правен критериум. Со тоа се отвори опасен преседан и беше создадена основа за агресивна и систематска политика на бугаризација на Македонците во Албанија.
Во оваа асимилаторска кампања, за жал, значајна улога одигра и самата албанска држава, најпрво преку недејствување и толерирање на бугарската пропаганда, а потоа и преку директно ставање на делови од локалната, регионалната и централната власт во функција на бугарските интереси. Во изминатите години беа инсталирани лица лојални на бугарската политика на различни нивоа во албанските институции, со јасна цел: институционално маргинализирање и саботирање на активностите на МАЕИ како единствен автентичен политички претставник на Македонците во Албанија.
И во 2025 година, бугарските медиуми продолжија со координирани и оркестрирани кампањи, пласирајќи невистини и конструкции со цел дискредитација на раководството и политичките позиции на МАЕИ. Паралелно со тоа, со години се спроведува стратегија за слабеење и рушење на македонската партија во Албанија, преку нејзина изолација во институциите и преку врбување поединци од македонската заедница кои, работејќи за туѓи интереси, директно дејствуваат против МАЕИ.
Дополнително загрижува фактот што истите структури и поединци кои со години беа носители на бугарската пропаганда во Албанија, успеаја да се инфилтрираат и во одредени институции во Република Македонија, од каде преку различни форми на делување се обидуваат да ја саботираат и дестабилизираат МАЕИ.
Со цел да ја згаснат МАЕИ, Бугарите, во Основниот суд во Корча, преку фондацијата „Бугарска меморија“, предводена од Милен Врабевски од Бугарија, поднесоа тужбата преку адвокатска канцеларија од Тирана, против Македонската алијанса за европска интеграција и нејзиниот претседател. Фондацијата бара од МАЕИ да ѝ надомести нематеријална штета во износ од 10.000 евра, наводно предизвикана од „клеветнички и навредливи изјави што го нарушуваат угледот“.
Покрај финансиското обештетување, фондацијата бара МАЕИ јавно да објави извинување на својата официјална веб-страница и во печатени медиуми, како и истото извинување да го достави до државните и меѓународните институции до кои претходно бил испратен дописот со, како што тврдат, „клеветнички и навредливи изјави“, како и да ги покрие судските трошоци.
Тужбата следува по дописот што МАЕИ на 24 јануари 2024 година го испрати до премиерот на Албанија, Еди Рама, највисоките државни институции и странските амбасади во земјата, со кој побара забрана на активностите на фондацијата „Бугарска меморија“ во Албанија.
Во тој допис, МАЕИ ја изрази својата постојана загриженост за положбата на македонската заедница во Албанија, која, според партијата, „се соочува со континуирани обиди за асимилација од страна на бугарските власти, користејќи го членството на Бугарија во Европската Унија“.
Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) партија, која ги претставува Македонците во Албанија, достави барање до албанскиот премиер Еди Рама, во кое ја повторува постојаната загриженост за македонската заедница во Албанија, која се „соочува со постојаните напори на бугарските власти за нејзина асимилација, искористувајќи го членството на Бугарија во Европската унија“.
-Бугарските власти користат различни средства и методи за да ја асимилираат македонската заедница во Албанија и да создадат непостоечка бугарска заедница. Забележителен пример е активноста на фондацијата „Бугарска меморија“ и нејзиниот претседател Милен Врабевски од Бугарија. Поддржана од разни бугарски структури, оваа фондација корумпира албански функционери преку донации, со цел да ги асимилира Македонците во Албанија, стои во дописот на МАЕИ.
Се додава дека оваа фондација постојано тврди и пишува дека ја има главната заслуга за започнување и организирање на целиот процес за признавање на бугарското малцинство во Албанија во 2017 година.
-Самиот овој факт зборува за вмешаноста на фондацијата во корупцијата на албанските власти. Со текот на годините, оваа фондација создаде мрежа во Албанија, инфилтрирајќи се во различни институции за да ја унапреди нивната агенда за асимилација на македонската заедница. Оваа мрежа, финансирана од фондацијата „Бугарска меморија“, е вклучена во бизнисот со бугарски пасоши во Албанија, се наведува понатаму.
Како што е веќе познато за властите но и за целата албанска јавност, се нагласува во дописот, во изминатите две години во Албанија, локалните власти за пари масовно во повеќе општини издаваат незаконски потврди за бугарско потекло за сите албански граѓани кои аплицираат за бугарски пасош, со цел да ги користат привилегиите на ЕУ.
Благодарение на телевизијата Топ Чанел и емисијата „Фикс Фаре“, наведува партијата, се докажа дека само општина Булќиза издала илјадници вакви незаконски потврди. И покрај дејствијата против службениците во општина Булќиза, оваа коруптивна практика на незаконско издавање потврди за бугарско потекло продолжува непречено во другите општини во Албанија, контролирани од мрежата на фондацијата „Бугарска меморија“.
Дополнително, според МАЕИ, оваа мрежа влијаеше на последниот попис на населението во Албанија, со инсталирање попишувачи во областите на македонското малцинство и со притисоци, закани и поткупи ги принудуваа албанските граѓани да се изјаснат за Бугари.
-Една од мерките на фондацијата „Бугарска меморија“ за корумпирање на албанските функционери и за асимилација на Македонците во Албанија, освен бизнисот со бугарските пасоши и незаконските потврди за бугарско потекло се и разните донации коишто ова фондација со поддршка на бугарската амбасада ги прави во областите каде што живеат Македонците во Албанија, претставувајќи ги Македонците како Бугари и предизвикувајќи револт кај Македонците во Албанија, наведува МАЕИ.
Во име на Македонците во Албанија, партијата ги повикува албанските власти да преземат решителна акција против „оваа криминална мрежа“ која е поддржана од фондацијата „Бугарска меморија“, што вклучува истрага за нивната улога во пописот и незаконското издавање на потврди за бугарско потекло.
-Бараме и забрана за активностите и донациите од фондацијата „Бугарска меморија“ во областите каде што живее македонската заедница, претставувајќи ги како Бугари, бидејќи овие дела претставуваат грубо мешање во внатрешните работи на Албанија и поттикнуваат етничка нетрпеливост. Македонците во Албанија се лојални граѓани кои придонесуваат за земјата преку редовно плаќање на даноците. Ја повикуваме владата да инвестира во развојот на регионите во кои живеат Македонците. Овие области, меѓу најсиромашните во Албанија, се запоставени повеќе од 30 години, се посочува во дописот.
Се оценува дека инвестирањето во областите каде што живее македонската заедница е клучно за „подобрување на условите за живот и работа и спречување на нашите сограѓани да станат жртви на обидите за негирање и асимилација од надворешни сили“.
Во 2025 година започна судкиот процес во Корча каде се оддржаа и неколку рочишта. На претходните рочишта, судијката Гентијана Шукулари понуди можност за спогодба меѓу странките. Адвокатите на фондацијата изразија начелна подготвеност за спогодба, под услов МАЕИ јавно да се извини и да престане со јавните обвинувања.
На тоа, претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, остро одговори дека „ние сме Македонци и никогаш нема да прифатиме дека сме Бугари“, додавајќи дека преку оваа тужба се врши притисок за замолчување на единствениот политички субјект што се бори за правата и идентитетот на Македонците во Албанија.
Стерјовски пред судот истакна дека фондацијата, иако се претставува како добротворна, всушност претставува „инструмент на бугарската држава за асимилација на македонското малцинство во Албанија“, нагласувајќи дека нејзините активности се реализираат во тесна координација со бугарската влада, Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарската амбасада во Тирана.
На значењето што Бугарија му го придава на овој судски процес, според МАЕИ, укажува и фактот дека на сите досегашни рочишта во Основниот суд во Корча, покрај адвокатите на фондацијата, присуствува и претставник на бугарската тајна служба ДАНС (Државна агенција за национална сигурност).
Во текот на 2025 година, повеќе бугарски медиуми, како и Виктор Стојанов, познат бугарски националист на кого му е забранет влез во Албанија по барање на МАЕИ, објавуваа тврдења дека судот во Корча ќе го казни претседателот на МАЕИ во спорот со фондацијата „Бугарска меморија“.
Бескрупулозниот притисок од бугарските структури врз единствената македонска партија во Република Албанија, беше осуден и од Европската слободна алијанса (ЕФА), политичка групација што ги претставува малцинствата во Европскиот парламент. ЕФА ја изрази својата загриженост во резолуцијата усвоена на 10 мај 2025 година, на Генералното собрание во Нант, Франција.
Претходно, претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, доби и неколку закани од Виктор Стојанов од фондацијата „Македонија“, при што последната закана беше дека ќе поднесе кривична пријава против него во Јавното обвинителство во Тирана, поради ставот дека во Албанија не постои бугарско малцинство.
И покрај сите овие притисоци, МАЕИ и во 2025 година остана цврста, принципиелна и доследна во одбраната на македонскиот идентитет, правата на Македонците во Албанија и европските вредности на демократија, правда и почитување на човековите и малцинските права.
XVIII. Заклучок
МАЕИ како столб на македонскиот идентитет во Албанија
Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) претставува темелниот и незаменлив политички столб на македонскиот идентитет во Република Албанија. Како единствена автентична политичка партија што произлегува од македонската заедница и дејствува во нејзино име, МАЕИ повеќе од две децении е носител на организираната борба за зачувување на националниот, јазичниот, културниот и историскиот идентитет на Македонците во Албанија.
Во услови на долготрајна институционална маргинализација, економска запоставеност и постојани надворешни притисоци за негирање и асимилација, МАЕИ останува главниот политички и морален штит на македонската заедница. Преку своето парламентарно, локално и вонпарламентарно дејствување, партијата континуирано ги артикулира интересите на Македонците во Албанија пред домашните институции, но и пред меѓународната заедница, инсистирајќи на почитување на европските стандарди за заштита на малцинските права.
Во текот на 2025 година, МАЕИ ја потврди својата клучна улога како фактор на стабилност, доследност и принципиелност. Партијата активно реагираше на сите појави на дискриминација, негирање на идентитетот и обиди за асимилација, истовремено водејќи правна, институционална и јавна борба за заштита на колективните и индивидуалните права на Македонците. Посебен акцент беше ставен на одбраната на правото на слободно национално изјаснување, употребата на македонскиот јазик, образованието на мајчин јазик и зачувувањето на културното наследство.
МАЕИ претставува и клучна врска меѓу Македонците во Албанија и Република Македонија, како и со македонската дијаспора ширум светот. Преку институционален дијалог, меѓународна соработка и партнерства со организации што ги застапуваат малцинските и човековите права, партијата ја интернационализира македонската кауза во Албанија и ја држи високо на агендата на релевантните европски и меѓународни форуми.
И покрај сите притисоци, медиумски напади и судски постапки насочени кон нејзино замолчување, МАЕИ останува цврста и непоколеблива во својата мисија. Партијата јасно ја потврдува својата заложба дека македонскиот идентитет во Албанија не е предмет на преговори, политичка трговија или надворешни влијанија. Напротив, тој претставува трајна вредност која мора да биде заштитена и унапредувана преку институции, закони и демократски процеси.
Со своето досегашно дејствување и со визијата за иднината, МАЕИ останува столб, глас и гарант на опстанокот, достоинството и европската перспектива на Македонците во Република Албанија.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
