Извештајот на ЕК: Бара подобра заштита на националните малцинства во Албанија правата постојат на хартија, но нивната примена останува предизвик

Заштитата на националните малцинства во Република Албанија и натаму бара дополнителни напори, особено во спроведувањето на законските гаранции и остварувањето на правата во секојдневниот живот. Ова е еден од акцентите во Извештајот на Европската комисија за Република Албанија објавен на 4 ноември 2026 година.

Во документот се нагласува дека, и покрај постоењето на законска рамка за заштита на националните малцинства, потребно е нејзино целосно и ефикасно спроведување во практиката.

Европската комисија посебно ја истакнува потребата од зајакнување на институционалните капацитети на Државниот комитет за национални малцинства, како и обезбедување долгорочни финансиски и човечки ресурси за неговото функционирање.

Дополнително, се бара поголема вклученост на локалните власти во спроведувањето на политиките за заштита на малцинските права.

Прашањето е особено значајно за припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија, но и за другите малцински заедници во земјата, кои имаат право на зачувување и унапредување на својот јазик, култура, идентитет и традиции.

Потребата од подобрување на состојбите беше истакната и во студијата на Народниот правобранител на Република Албанија, презентирана во јуни 2026 година, во која се посочува разликата меѓу законски признаените права и нивното реално остварување.

Пораката на Европската комисија е јасна: заштитата на националните малцинства не треба да остане само законска обврска, туку мора да се претвори во конкретни резултати, еднакви можности и целосно почитување на правата на сите малцински заедници.

Извештајот за 2026 година претставува дел од процесот на следење на реформите што Албанија треба да ги спроведе на патот кон членство во Европската Унија.

Прочитајте го целиот извештај – Albania Report 2026