Јабланица ќе стане национален парк

На 116. седница на Владата ан Република Македонија беше прифатена информацијата за поддршка на иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк. Иницијативата е од месните заедници на подрачјето на планината Јабланица, како и од невладиниот сектор, а е прифатена и од градоначалниците на општините Струга и Вевчани.

Првиот чекор е изработка на студија за валоризација или ревалоризација на природните вредности на Јабланица. По изработка на студијата, постапката за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје ќе ја почне Министерството за животна средина и просторно планирање. Со тоа ќе се зголеми процентот на заштитените подрачја на национално ниво, со што ќе се исполнат и барањата на националната легислатива за заштита на природата, како и меѓународните обврски во согласност со ратификуваните конвенции и ЕУ-директивите за живеалишта и видови.

Македонското еколошко друштво (МЕД) ја поздравува одлуката на Владата да ја поддржи иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк на 116-та седница, се наведува во соопштението на МЕД.

МЕД потсетува дека планинскиот масив Јабланица – Шебеник во Албанија веќе има статус на национален парк прогласен во 2012 година и дека со прогласувањето на Јабланица за национален парк во Македонија ќе се воспостави прекугранично заштитено подрачје.

Advertisement