Јапонија набавува носачи на авиони прв пат по Втората светска војна

Јапонската влада денеска го одобри петгодишниот план за одбрана, кој вклучува и набавка на два носачи на авиони, прв пат по завршувањето на Втората светска војна. Токио го правда тоа со сè поголемото воено присуство на Кина во регионот.

Два брода, првично наменети за хеликоптери, ќе бидат модифицирани за да се овозможат кратки полетувања и вертикални слетување на авиони. Министерството за одбрана соопшти дека тие бродови нема да ги имаат сите капацитети на конвенционалните носачи на авиони, пред сè зашто авионите нема да бидат стационирани на нив.

Јапонската влада за наредната деценија планира набавка на 42 стелт авиони компатибилни со тие бродови, најверојатно Ф-35Б, како и 105 авиони Ф-35А, што донекаде ќе го задоволи барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за намалување на американскиот дефицит во трговијата со Јапонија.

Токио има добро опремена армија од 250 илјади луѓе. Петгодишниот план за одбрана, кој опфаќа и мерки за сајбербезбедност и вселенско набљудување, предвидува трошоци од околу 215 милијарди евра до март 2024 година.