Јуниорската одбојкарска репрезентација на Македонија убедливо ја совлада селекцијата на Косово

Јуниорската репрезентација на Македонија убедливо ја совлада селекцијата на Косово со 3:0 (25:10, 25:15, 25:12) во второто коло на Балканското првенство за играчи до 20 години. Откако на вчерашната премиера на турнирот во Тирана загубија од Грција во три сета, нашите одбојкарски надежи денеска ја потврдија фаворитската улога и ги освоија првите бодови на Балканијадата.

Со тоа ги задржаа шансите за освојување на првите две места во групата „А“ коишто обезбедуваат полуфинале. За да остварат таков успех, македонските одбојкари утре од 19 часот треба да го совладаат националниот состав на домаќинот Албанија. Доколку не успејат, тогаш ќе разигруваат за пласман од петтата до осмата позиција во конечното рангирање. Покрај репрезентацијата, македонската одбојка има уште еден претставник во Тирана, а тоа е Моника Јаневиќ во улога на судијка.