Ким: Правосудните реформи во Албанија нема да бидат лесни, но се неопходни

Откако со нејзино посредство партиите во Албанија ја договорија и веќе ја изгласаа изборната реформа, американската амбасадорка Јури Ким, денеска порача дека треба да се заокружат правосудните реформи, што „нема да бидат лесни, но се неопходни“.

Во објавата на Твитер, амбасадорката Ким вели дека некои сонуваат дека Националното биро за истраги (БКХ) т.н. албански ФБИ, никогаш да не се воспостави и се надеваат дека правдата никогаш нема да се оствари, но тоа нема да се случи.

Се чини дека некои сонуваат дека БКХ (Националното биро за истраги) никогаш нема да се воспостави и се надеваат дека правдата никогаш нема да дојде. Жал ми е што ве разбудив од вашиот сон, но тој ваш сон нема да се оствари. Правосудната реформа нема да биде лесна, брза или совршена, но неопходна е и ние мора да одиме напред, напиша амбасадорката Ким.

Изјавата на амбасадорката доаѓа откако опозициската Демократска партија ја обвини заменик-генералната директорка на полицијата Аида Хајнај, која се кандидира за функцијата прв човек на Бирото, дека е вмешана во еден од најголемите скандали на државната полиција, ослободување на Насер Гаши барано лице за трговија со дрога. Националното истражно биро е единствената институција за реформи во албанскиот правосуден систем која сѐ уште не е формирана.

Во трката за шеф на оваа инситуција има четворица кандидати, а кој ќе биде избран треба да се знае следната недела. Неговото име ќе го соопшти албанското специјално обвинителство (СПАК) кое во изминатите осум месеци вршеше верификација на сите пријавени кандидати и во најтесен избор се четворица. По предлогот на СПАК последниот збор ќе го има Високиот совет за правда.

По назначувањето на директорот на БКХ, СПАК ќе го започне процесот за избор на 60 агенти на оваа структура, која е идентична со американското ФБИ. Поради тоа раководството и агентите на БКХ ќе бидат на обука три месеци во акамедијата на ФБИ во Вирџинија.