Ситуацијата во Кина е стабилна, но тамошните власти стравуваат од втор бран на епидемијата, заради што тие воведоа нови мерки за цел превенција на заразата при што ќе се „промовира цивилизирано однесување“, пишува Гардијан. Во Кина во последните 24 часа се забележани само три нови случаи на заразата, при што два се увезени од странство, додека едно лице почина. Сите заболени од Ковид-19 во Вухан, од каде и пандемијата започна, се пуштени од болница, а нови случаи на зараза не се забележани.
Заради стабилната епидемиолошка ситуација кинеските власти почнаа да ги олеснуваат рестриктивните мерки воведени во борбате против коронавирусот. Така, од денес во Пекинг наставата ќе се одржува за учениците во последните години од средните училишта, за да се спремат за приемниот испит за факултет. Другите градови и провинции најавија различни датуми за отворање на училиштата.
И покрај поволната ситуација во земјата, кинеските власти стравуваат од втор бран на епидемијата, па заради тоа е најавено воведување на мерки со цел превенција на нови случаи на зараза. Тие мерки ќе „промовираат цивилизирано однесување“ како што е покривање на устата и носот при кивање и кашлање, воздржување од јадење во јавниот превоз, носење на заштитна маска во случај на болест.
Рестораните ќе мораат да сервисираат прибор за јадење за сите муштерии, а треба и да поттикнат служење на одвоени порции за јадење, за разлика од традиционалниот обичај на делење оброци со фамилијата, наведува Гардијан. Новите правила ќе стапат на сила на први јуни.