Коцарев: Потребен е фундаментален документ изработен од МАНУ

Предизвиците со кои се соочуваме денес се од духовна и од економска сфера. На државата и е потребен фундаментален документ, којшто ќе биде изработен под водство на МАНУ, заедно со универзитетите и стопанските комори, без учество на извршната власт. Но, не е доволно само да се изработи ваков документ, туку потребна е негова имплементација во континуитет, посочи претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев.

Тој денеска во своето обраќање по повод 56 години од постоење на МАНУ, рече дека првиот предизвик што го има државата се однесува на сфаќањето на дел од македонските политичари, интелектуалци и граѓани дека нам ни треба некој однадвор за да се воспостави ред и владеење на правото, за да се имплементираат демократските принципи внатре во државата.

Предлагам и се залагам Македонија да биде дел од Европската Унија, но пристапот во кој доминираат понизноста, сервилноста, недостоинственоста, па дури и нечовечноста, што тековната Влада го избрала како единствен пат за пристапување во ЕУ, е грешен и срамен, па затоа треба веднаш да се напушти, рече Коцарев.

Во однос на економијата, рече дека светската, европската и македонската економија ги очекува период на висока инфлација, висока задолженост на приватниот и на јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување и енергетска криза. Во вакви бурни економски времиња, патот што го одбра Македонија, пат без континуитет, пат по кој секоја Влада одново се враќа на почетната позиција, е погрешен и непродуктивен и води кон пропаст, рече Коцарев.

Коцарев во своето обраќање подвлече дека МАНУ има потреба од отворање на расправа за формирање на Одделение за хуманистички науки за што, како што посочи, потребна е општа расправа во Собранието на МАНУ за овој предлог. Според Коцарев, време е МАНУ да се приспособи на современите научни текови кога станува збор за класификација на науките.

Advertisement