Коцарев за Сител: МАНУ да направи научна анализа на договорите со Грција и Бугарија (ВИДЕО)

Што направи МАНУ во изминатиот период за заштита на македонскиот идентите и јазик?

Академик д-р Коцарев: Во јули 2020 година, во МАНУ, со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, од печат излегоа четири книги: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, колективна монографија во којашто е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од IX век, па сè до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од IX до XX век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“ кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти.

Во споменатите четири книги, на повеќе од 1400 страници, ќе најдете доволно научни аргументи за македонскиот јазик, неговата посебност, и  неговиот развој од IX век до денес. Овие книги се поставени во дигитална форма на главната страница на МАНУ и се достапни до сите. Би сакал да ја издвојам и дополнителната иницијатива на МАНУ, која е во завршна фаза, за објавување научно и современо колективно издание со наслов Прилози кон историјата на Македонија и македонската култура“, кое што треба да излезе од печат во декември 2020 година.  Во книгата се поместени повеќе труда од областа на историјата, историскиот дел на книжевната наука, историјата на уметноста, археологијата, класичните студии, фолклористиката и др.

Денес сме сведоци дека идентитетски прашања не само што не се затворени туку и понатаму грубо се отвораат. Така, на пример, официјална Софија инсистира да се избегнува користењето на терминот „македонски јазик“ и настапува со критични тези за формирањето на македонската нација. Би сакал да напоменам дека денес во историјата се користат интегрални, сеопфатни, холистички пристапи. Селективното и еднострано презентирање на доказите за идентитетите пред повеќе од 120 години, без тие да се согледаат сестрано и без да се постават во контекст (контекстуализираат) во соодветниот период, не се и не можат да бидат основа за меѓусебно разбирање. Всушност, во историографијата не постојат апсолутни и конечни вистини.

На пример, христијанските просветители и мисионери браќата Кирил и Методиј, или светите Климент и Наум, се духовни лица, на кои не може да им дадете националност. Тие дејствувале во одредени држави, во Византија и во бугарската средновековна држава, меѓутоа, тоа не ги прави ниту Бугари, ниту Грци, ниту Македонци во современа смисла. Двајцата браќа Кирил и Методиј се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата еднакви со апостолите. Познато е дека во 1880 г. папата Лав 13. ги вовел во календарот на Римокатоличката црква, додека сто години подоцна, во 1980, папата Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа. Така, Денот на светите браќа Кирил и Методиј треба, по мое мислење, заеднички да го одбележуваат повеќе држави, не само Македонија и Бугарија. Заедничките чествувања се европски вредности, но тие треба да се прават на еднакви основи, со почитување на различните перцепции и без наметнување на сопствениот наратив врз наративот на другиот, и без повреда на достоинството на Македонците со условувања и уцени.

Како МАНУ гледа на преговорите кои ги води македонската Влада?

Академик д-р Коцарев: МАНУ ги поддржува напорите на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ, залагајќи се, притоа, за почитување на:

меѓународните повелби и конвенции од коишто произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен и јазичен и номинален идентитет;

достоинството на македонскиот народ;

сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, современата светска славистика и лингвистика, современата светска историска наука, и меѓународното право, според коишто:

македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години);

македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе-вековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор.

Колку науката имаше удел во договорите со Грција и Бугарија?

Академик д-р Коцарев: Пред неколку дена, поточно на10 ноември во светот се празнуваше денот на науката.  Се чини дека, за жал, науката не учествуваше доволно во пишувањето на Спогодбата од Преспа и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. По мене, МАНУ треба, што поскоро, да иницира различни активности за научна и објективна анализа на двете и Спогодбата и Договорот. Барањето од Македонците да се откажат од користењето на името Македонија или придавката македонски (или нејзино користење само во определен временски интервал и просторен домен),  на пример во: Македонска нација, Македонски јазик, Македонска Академија на Науки и Уметности, да набројам само неколку примери, е апсурдно и бесмислено.

Тоа е исто како што, на пример, Германија да го оспори и државното и националното и јазичното име на својот сосед Франција, чие има потекнува од називот „Франк“, термин кој изворно означува германска народност. Или, како што пишува неодамна д-р Игор Радев, Узбекистан, Казахстан, и Азербејџан, на пример, официјално да  побараат бугарскиот јазик да не се ословува како „бугарски“, затоа што „името Булгар е од туркско потекло, коешто првобитно означувало конкретна туркска народност, која говорела на еден од туркските јазици од огурската група, чијшто современ изданок како потомок на тој изворен бугарски јазик е чувашкиот јазик што денес се зборува на Волга, во Република Чувашија, која е во склоп на Руската Федерација“./https://sitel.com.mk

Advertisement