Колумна „Култура за никого во Македонија“

 

Во екот на крвавата Втора Светска војна, соочени со тешки материјални и човечки загуби официјалните лица во Лондон го кројат буџетот за претстојната година. Владиниот советник за финансии отишол кај тазе избраниот британски Премиер Винстон Черчил да го извести за состојбата со финансиите и да му сугерира дека буџетот за култура би требало да биде пренасочен за воените потреби. Черчил категорично наредил буџетот за култура да не се крати, со образложение: „ што ќе им е на Британците да ја добијат војната ако ја изгубат културата“ . Черчил воедно бил и историчар, писател и артист но и единствен светски лидер кој има добиено Нобелова награда во областа на литературата.

Особено важно за нас Македонците е да се напомене дека  македонскиот Черчил, Гоце Делчев ја разбрал моќта на културата многу порано (пред околу 120 год.) и се обидел на неговите соборци и современици да им посочи дека војната се добива ако ја негуваш националната култура! Затоа неговиот мега – цитат “Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите” претставува длабока културолошка, антрополошка и филозофска премиса по која модерна Македонија има обврска но и привилегија континуирано да биде дел од  најконкурентниот натпревар на светот – културата! Во светот државите односно градовите согласно нивните културолошки достигнувања покрај своите официјални имиња се викаат уште и „ културни престолнини “. Светот е горд  на тоа и е во константна трка своите „ културни престолнини “ да ги конзервира, доизгради, подобри и промовира  во „глобалниот натпревар“ меѓу народите. Светот и културната историја не препознаваат политиканти но многу добро ги знаат Пикасо, Моцарт, Гауди, Симон Трпчевски, Шекспир,Стефановски, Операта во Сиднеј, Лувр во Париз, Пергамон во Берлин, Ермитаж во Санкт Петербург..

Македонија е на прагот на нови парламентарни избори и време е да  направиме резиме на тоа што се случуваше со културата во изминативе 3 години и дали барем за нијанса успеавме да ја надградиме и подобриме. Имено, новата Влада на Република Македонија беше избрана во Јуни 2017 година и веќе во Октомври 2017 год.  првиот македонски мјузикал „ Тајно моја “ посветен на Тоше Проески само што беше промовиран пред македонската публика, веднаш беше запрен, а неговата регионална турнеја откажана. Сиот труд и средства паднаа во вода, сите оние прекрасни млади уметници во истиот беа лишени од своето дело! Еден месец подоцна Министерот Алаѓозовски ја укина финансиската поддршка за домашната музичка продукција, бидејќи ефектите од ова биле недоволни. Претходната Влада секоја година финансираше создавање на 200 нови композиции, од кои 150 се од областа на забавната и народната музика и 50 детски композиции! Само неколку месеци подоцна, на почетокот на 2018 година, Законот за национален уметник на Република Македонија беше згаснат, Владата сметаше дека  на државата не и требаат македонски уметници -амбасадори кои ја промовираат македонската култура и уметност во светот! Во исто време за директор на македонскиот културен центар во Истанбул Владата го назначи разрешениот оџа Рамадан Рамадани!

Септември 2018 година, она што посебно не шокираше беше забраната за прикажување и промоција на филмот „Ругање со Христос“ од страна на македонското Министерство за култура и посебно судскиот прогон што го преживуваше авторот на филмот, режисерот Јани Бојаџи! Неговиот коментар по излегувањето од судско рочиште беше од денеска во Македонија владее шеријатското, наместо континенталното европско право“. Декември 2018 година Владата го затвори  „Институтот за филм – Филмска академија“ во Охрид која беше отворена во Ноември 2015 година во соработка со многу реномираната Академијата за филм (ФАМУ) од Прага. Студентите од САД, Мексико, Индонезија, Ирска, Балканот, Индија, Турција, Македонија…, кои дојдоа да студираат за филмот и да учат од познати професори на ФАМУ си заминаа од Охрид.  Владата го забрани доделувањето на Државната награда за наука „Гоце Делчев”, непосредно пред одбележувањето на  денот на раѓањето на Гоце Делчев. На почетокот на следната година (2019 год.) наследникот на Алаѓозовски, Министерот за култура Асаф Адеми ја донесе најскандалозната годишна програма за култура на министерството.

При тоа традиционалната манифестација “Денови на македонска музика“ која се одржува повеќе од четири децении, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, како и реномираниот Скопје Џез Фестивал  ги немаше во новата објава на министерството. Операта„ Скендербег“ и 12 годишно дете со песни  за УЧК добија субвенции од Министерство за култура. Уметниците, фелата и јавноста згрозени бараа комплетна ревизија на програмата. Ноември 2019 година, Министерството за култура дозволи навивачите на Шкупи да го демолираат овој храм на култура и уметност, дом за највисоките културни достигнувања, театар кој е посебен, модерен, преубав и на кој му завидува цел Балкан! Во 2019 година изградбата на зградата на Драмски театар во Скопје е стопирана, посетата на театарот е живото- загрижувачки за секој еден посетител. Народниот Театар „Антон Панов  во Струмица е во очајна клиничка состојба.

Договор за изработка на проект за реставрација на  театарот во Струмица беше потпишан но до денешен ден ништо не е почнато! Штипскиот театар е во коматозна состојба. 2020 година нова Универзална сала во Скопје нема, турски, албански театар нема, Охрид – градот култура е пред губење на својот статус заштитен од УНЕСКО а развојот на културните индустрии како најбрзо растечки индустрии (ликовната, издавачката дејност, архитектура, дизајн,визуелни уметности, занаети, танц,туризам, фестивали, медиуми…) воопшто не се тема! Културните споменици секојднево се руинираат, еднинствен споменик изграден во овие 3 години беше на бугарскиот полковник Константин Карванлиев подигнат кај Дојран и тоа на иницијатива на бугарскиот премиер Бојко Борисов. Во меѓу време „ реформската Влада“ придавката „македонски“ја збриша од  културните институции во државата.

 Во Македонија никој веќе не зборува за културата, за извоз на култура, приходи од културата, инвестиции во културата, културни достигнувања, културна промоција, културна критика..! Културата е нешто посебно, ресор по кој се мери степенот на цивилизираноста или примитивноста на едно општество, оваа гранка не познава политика! Проблемот секако настанува тогаш кога  политиката не познава култура, тогаш добивате  цивилизациска деволуција, културна и морална дисторзија, тотална општествена деструкција, изгубени културни вредности, изгубени млади генерации и полека но сигурно станувате плен на подоминантните култури и цивилизации, станувате културно асимилиран! Тогаш спортските обложувалници „ Моцарт“ се новиот реквием и единствена културна асоцијација на младите Македонци а казината се нашата нова Филхармонија.  Таа Влада што се грижи за културата и уметноста во општеството е успешна Влада а тоа општество е среќно и ценето во кое живеат и работат креативни, исполнети и прогресивни луѓе. Денешнава Влада дефинитивно никогаш не била толку далеку од една таква Влада а македонскиот народ никогаш не бил толку несреќен и понижен./Ахил Големов

Advertisement