Колумна на Проф. д-р Катерина Тодороска „Колберг“ во Македонија

Дниве се изнаслушавме и изначитавме семожни информации, кои во најмала рака, се контрадикторни. Дел од нив би ги свела на безочна пропаганда. Затоа денес помислив да напишам нешто во врска со пропагандата. Секако, сите знаеме која е улогата на пропагандата, особено ако таа е во количини како овие дниве во Македонија. Изнесувајќи го мојот став за ова прашање не значи дека вие треба да се согласите со него, што не ги исклучува и вашите аргументи за него. На почетокот, ќе ве потсетам на еден Гебелс, мајсторот на пропагандата во хитлеровиот систем на „освојување на светот“.

Во екот на Втората светска војна, кон крајот на 1944 година, кога веќе било јасно дека Германија ќе ја загуби војната, хитлеровата десна рака, Гебелс наумил да го крене моралот кај Германците. Тоа подразбирало јавна презентација на германското херојство од минатото. За таа цел била покрената пропагандната машинерија која требало да осмисли проект со кој ќе се глорифицира германскиот непокор. Така, се родила идејата за снимање на филм за историјата на градот Колберг од почетокот на 19. век. Имено, во 1806 година, кога француските војски на Наполеон биле во офанзива, градот Колберг сè уште не бил зафатен од воените дејства. На жителите им била понудена една прокламација од Наполеон, за која разговарале челниците на градот. Некои сметале дека француските победи биле позитивна работа, некои се двоумеле дали да си заминат за да ги избегнат крвавите настани, а еден од челниците Нетелбек сметал дека треба да им се спротивстават на Французите и да го зачуваат своето. Нетелбек бил прикажан како човек кој се борел против кукавичлукот, летаргијата и старомодните идеи на командантот на гарнизонот. За да го одбрани својот град од приближувањето на Французите, Нетелбек создал милиција од граѓани и, покрај најголемите напори на редовната пруска армија, собирал залихи и силно се спротивставувал на идејата за предавање. Епилогот бил херојството на Нетелбек и неговите приврзаници во одбраната на Колберг од нападите на француската армија.

Филмот се снимал 10 месеци, за потребите на снимањето од фронтовите биле повлечени 100.000 германски војници, а за неговото снимање биле потрошени енормни 7.6 милиони рајхмарки, во период кога Германија била во финансиски колапс. Премиерата на филмот била во Берлин на 30 јануари 1945 година, а неговиот пропаганден успех бил оценет како „исклучителен феномен“. Филмот, преку будење на фантазијата за германската непобедливост го кренала моралот кај населението до степен на фанатизам.

Но, она што на Германците не им било кажано бил фактот дека само во јануари 1945 година на фронтовите биле убиени 450.000 германски војници.

На тој начин, пропагандната машинерија на Гебелс му овозможила на Хитлер мобилизирање на нови контингенти војници, кои требало да се борат во име на непоколебливиот Хитлер. А со тоа, застанале, како во почетокот на 19. век, против „кукавичлукот, летаргијата и старомодните идеи“. Она што е вредно да се спомне е дека новите хитлерови „војници“ имале од 14-18 години, а нивната воена обука пред одење на фронтот, траела по неколку дена.

Многу важен елемент на хитлеровата пропаганда била проектираната надменост кај војниците дека тие се чистокрвни Ариевци и сите други се неважни ликови од пониска раса. Гебелсовата машинерија им го миела мозокот на ариевските потомци дека Русите се неспособни за техника и дека германското оружје доминирало на секој фронт. Тоа што им се сервирало, тоа голтале. Но, кога германските војници ја нападнале Русија, само за два часа виделе каква е реалната состојба. Руските тенкови Т-34 биле далеку посупериорни од нивните машини, а пропагандниот балон за техничката надмоќ се распукал на парчиња.

Сигурно ќе се прашате, како „успехот“ на оваа германска пропагандна машинерија ја рефлектирам во денешното македонско општество?

За жал, многу лесно.

Во држава, од сите страни задолжената до гуша во странски и домашни долгови, имаме расипничка власт која не се либи, за полнење на своите џебови, да го осиромашува и понижува населението кое верувало во неа. Но, благодарение на „владетелската“ пропаганда, во овој период пуштена на најјако, се разбранува фантазијата на верните „војничиња“ до степен на фанатизам.

Ова ќе го видите во секој сегмент од живеењето, а социјалните мрежи неуморно го потврдуваат тоа. Така, ќе чуете и видите досега невидни чуда во стилот „реформа во основно образование за една година“ и ќе се јават измеќари од сој, кои ќе бранат нешто неодбранливо, нешто невозможно. Но, за 21 милион евра, измеќарите не само што ќе бранат, туку и ќе зачистуваат по наредба од владетелите. Пропагандата пуштена на најјако ве убедува дека сите други, освен тие, се душмани на државата. И им помина.

После завршувањетро на едната, следната тема на пропагандната џабелебарска војска станува интернет наставата. Нешто што само човек со Dunning Kruger effect може да го смисли и спроведе, помина како подмачкано. Да, добро подмачкана платформа за учење на интернет наместо во училишта, добро поминува.

И палењето на учебник помина со „среќен“ крај. Учебник кој се користи во Македонија цели 19 години и кој „преживеал“ тројца министри Албанци за образование и наука, не ја преживеа министерКАТА на 2019 година. Повторно добро подмачкана пропагандна театровка за гладниот народ.

Кога јавноста ќе дознае дека некои од сојот на величествените „слават роденден во Мексико“, за „војниците“ тоа е нормално, иако, во државата на славениците, има жители кои го крпат секој ден. Но, тој крпен живот е неважен или невидлив за оние кои меко газат по облаците, или, уште подобро, оние на кои народот им плаќа милион евра за да снимаат „цвеќиња“ со дронови.  И тоа, помина.

На „војничињата“ не им е важно што, во државата на нивните владетели, некој треба со велосипед да собира пластични шишиња или хартија за да прехрани семејство, ама важно им е да ја одбранат партиско-пропагандната екскурзија на владетската свита со хелихоптер. Се разбира, им се може оти мислат дека никој ништо не им може. Подмачкано.

Она што за „војничињата“ е благородно е што илјадници граѓани на „нашата држава“ се упатија во соседна држава за да примат вакцина, која нивните владетели не успеале да ја донесат во државата. Но, зарем тие, владетелите од облаците, да се занимаваат со толку приземна работа како грижа за некои вакцини. Особено што коронава, многу побрзо и поефикасно вакцинира, но, кобно и безмилосно коси. Ако на тоа се додаде и изјавата на „таткото на нацијата“ дека некој производител не е заинтересиран да достави вакцини за мал пазар, единствено што ви текнува е дека оние „татковци“ со мали семејства не можат да купат леб од пекарот оти тој, пекарот има муштерии со повеќечлени семејства.

И ајде за најактуелното, за полициските часови.

Посмешно од „лошите чичковци“ кои не нѝ даваат вакцини е тврдењето дека „народот е недисциплиниран“ па затоа се шири вирусот сред граѓаните на „нашата држава“. Следствено, треба да се воведе период за полициси час. Воведоа вонредна состојба на цела територија на Република Македонија за 40-тина заболени од корона, нѐ затвораа по 80 часа, ги уништија децата со идиотска интернет настава, ама бројот на заболените расте. И што е објаснувањето? Секако, не несоодветните мерки, туку „безобразниот и недисциплиниран народ“. Се размножија соеви „свадба“, „кафич“, „парк“, итн.итн., но никако не смее да се спомне сојот „демократско гласање за еден кандидат за претседател на партија“

Еден умен професор кој се вика Ѓорги Марјановиќ, кажа една епохална вистина: „Каков народ, таква власт“. Ако оваа власт која има „недисциплиниран“ народ, прашањето е од кој народ тие произлегуваат? Или, за кој народ тие се на власт и за кој народ треба да носат мерки? Сетики, не за 20 или 200 милионска држава.

Да не должам со примери, оти сами си знаете што живеете и преживувате. Пропагандата во „нашата држава“ си го прави своето, а најлесно ги заразува оние кои немаат верба во себе, во вредноста на својот труд и вредноста на своите деца, па затоа се „поклонуваат“ на оние кои безочно скапо им продаваат магла.

Добивме фанатични „војничиња“ составени од алчни новинарчиња, јаничарски платеничиња, безмирисни измеќарчиња, до деца од 14-18 години, впрегнати во „исклучителниот феномен“ за поттикнување на пропагандна бура за покривање на вистината за македонската држава, која некако и некому, успеваат да ја продадат приказната за Колберг во Македонија.

Advertisement