Колумна од Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права: Како го нарече?!

(внесете тука било кое навредливо име). Во тој случај со право треба веднаш да бидете осудени за расизам и ширење на омраза. Но тоа нема да се случи ако вметнете некое од навредливите имиња кои се користат за мојот народ. Всушност, може да се случи да ви честитаат затоа што со ширењето на омраза против нас сте „решиле дипломатски спор“.

Сериозно.

Сум ги слушнал сите можни навредливи имиња за нас. Ме викале и ______ и ______, а богами и ______ (и многу други имиња). Но никој не ја осудува оваа пракса. Нетрпеливоста се насочува кон нас кога ќе кажеме дека сме навредени и кога ќе застанеме да се спротиставиме на омразата.

Сето тоа затоа што еден од нашите угнетувачи успеа да ги убеди најмоќните држави во светот да ги поддржат во нивното тврдење дека самото наше постоење е „дипломатски спор“ кој треба да „се реши“.

„Решението“ кое го спроведуваат нашите угнетувачи почна со нашето масовно убивање и протерување. Сега продолжуваат со принудна асимилација, прогонство и систематско потиснување на нашето име, етнички идентитет и човекови права.

Но нели би требало угнетените, а не угнетувачите, да добијат меѓународна поддршка?

Се разбира. Но, нашиот најголем угнетувач ја има таа предност да биде необјасниво романтизиран од Западот, па се што тие ќе кажат се прифаќа без поговор.

Можеби се прашувате која е мојата етничка припадност? А јас се прашувам дали вие ќе преземете нешто (и дали воопшто ви е грижа) за да ни помогнете. Ќе ви кажам. Но, сторете нешто за мене. Осудете ја омразата, дури и ако мојот народ не е многу познат.

Јас сум Македонец. Нашиот најголем угнетувач, Грција, има таков романтичен углед на Западот што им се дозволува да поминат неказнето дури и кога вршат убиства.

Тоа им го прават на Македонците, вклучително и на моето смејетсво. Ние бевме тероризирани, бомбардирани (со поддршка од САД и Британија) и убивани затоа што сме Македонци. Зошто САД и Британија фрлаа бомби врз недолжни цивили (да, сериозно)? За да го поддржат грчкиот фашистички режим. Западната поддршка за грчката терористичка кампања против нејзините малцинства е неограничена.

А сега гледаме дека и помагаат на Грција да врши напади врз човековите права со ужасните услови во камповите за сириските бегалци во Грција. Каков одговор има од Западна Европа? Никаков. Не се осмелуваат ни да ја искритикуваат Грција. Но, за тоа има уште една, дополнителна причина – не сакаат сириски бегалци да ги поминат границите на ЕУ.

Има и други причини поради кои САД и Западна Европа повторно застана на страната на Грција против Македонија – тие сакаа да обезбедат нивниот империјализам и влијание да продолжи да се шири низ регионот. Грција најави дека ќе продолжи да става вето на приемот на Македонија во НАТО и во Европската Унија (иако на Македонија не и ни треба членство во ЕУ и НАТО, но тоа е веќе друга приказна) доколку Македонија не си го смени името, идентитетот и историајта, па така Западот интервенираше во поддршка на ентитетот што го создаде во 1830 година. Да, Грција е нивна творба.

Доктор Џорџ Накрацас го опишува создавањето на Грција и колку нереално е нејзиното полагање на право врз античкото минато: „Грција била замислена во 18 и 19 век за да служи како идеолошки арсенал во обид да се создаде модерна грчка нација за време на распадот на феудалната, теократска Отоманска Империја“.

Доктор Александар Захаропулос вака го опишува неговото искуство: „Во ретроспектива, јасно ми е дека моето 12 годишно школување во грчките училишта во 1970ите години имаше за цел во мене да всади еден став: безмалку неприкосновена верба во чистотата и единството на грчкиот народ, јазик и култура“. Тој продолжува, „Вербата во континуитетот на Грција против сите притисоци беше обезбедена така што од нас се криеа информации и се забрануваше интерпретирање. Како деца, немавме ниту капацитет ни волја да ги истражуваме различностите и ‘нечистотиите’“.

Лажното повикување на античкото минато би можело да се игнорира, но не и кога води до застрашувачки повици на „културна чистота и супериорност“ кои наликуваат на нацистичките тези, а воедно го унижуваат правото на другите етнички заедници и се насочени кон нивно потиснување. Опасните расистички политики мора да бидат осудени од сите страни. Но, во Грција, овој пристап се потпомага од САД и од Европа, поради што Грција стана првата европска држава која избрала нацисти во својот Парламент по Германија (21 нацист беа избрани во Парламентот на Грција во 2012 година).

Без оглед колку и да се смешни тврдењата на Грција, тие знаат дека ќе добијат поддршка од Запад. Пример за ова е поделбата на Македонија во 1913 година меѓу Србија (делот кој е денес независната Република Македонија), Грција, Бугарија и, подоцна, Албанија. Грција со генерации го негираше постоењето на Македонија и остро се спротиставуваше на секое спомнување на зборот на „М“. Но во 1988 година Грција одеднаш почна да го присвојува името Македонија, секако, со цел да го негира постоењето и нејзиниот прого на големото македонско малцинство кое живее во Грција. Како што рече посредникот на Обединетите Нации Робин О’Нил, целта на Грција е „Македонија да биде избришана од мапата“.

Каде се македонските политичари кои треба да не бранат од ова? Добро прашање. И ние самите се прашуваме за ова. Но од нејзината независност, Република Македонија беше проколната со корумпирани политичари без рбет кои ги слушаат наредбите на САД и ЕУ, што од страв, што од желба за своја лична корист. Ниту еден политичар во ниту една земја не е сопственик на името, идентитетот и историјата на таа земја и нема право да преговара за нив. Но на ниту една земја, освен на Македонија, не и наредиле и не и наредуваат да го прави тоа.

Иронично е тоа што кога диктаторите во земји како Русија, Саудиска Арабија и Белорусија ги кршат човековите права, Западот ги осудува. Но, не и во Македонија. Нашиот диктатор, Зоран Заев, беше донесен на власт од Западот – со цел да врши брутално кршење на човековите права во процесот на менување на името.

Да продолжиме како што почнавме – ќе ја играме западната игра „пополни ги празнините“.

Првото навредливо име во празнината од почетокот на текстот е „Скопјани“. Така многумина од Грците ги нарекуваат Македонците со цел да ја негираат нашата етничка припадност. Грчко-канадскиот политичар Џим Каријанис беше озлогласен по тоа што го користеше ова име, додека држеше лекции за тоа колку славно било погоре спомнатото бомбардирање на македонските цивили. На времето канадските медиуми и други етнички заедници во Канада го осудија Каријанис (ни недостигаат тие денови бидејќи денес нема никаква поддршка за Македонците од било каде), но немаше никакви последици за Каријанис од неговата политичка партија или подоцнежните политички соработници.

Второто навредливо име кое Грците го користеа за нас е „ФИРОМјани“ (неговата цел исто така е да се негира етничкиот идентитет на Македонците). Тоа произлегува од смешната кратенка „Поранешна Југословенска Република Македонија“ – израз кој ОН и го наметнаа на Македонија, на грчко барање, во целосна спротивност со прочуената Универзална декларација за човековите права на ОН.

Третото навредливо име кое го оставив празно на почетокот е „Северномакедонец/Северна Македонија“. Ова е најлошото од сите. Зошто? Затоа што го користи целиот свет, а не само Грција, и затоа што беше смислено и и беше наметнато на Македонија со цел да бидеме лишени од нашето име, идентитет и историја. Два скорешни „договори“ кои и беа наметнати на Макеоднија даваат се што е македонско на Грција и Бугарија, зависно од контекстот, а на Македонците им наметнуваат страници и страници документи во кои се диктира како „смееме“ да се нарекуваме себеси, што смееме да ги учиме нашите деца за нашата сопствена историја и ни се кажува дека тоа што отсекогаш сме биле – Македонци – сега е сопственост на нашите угнетувачи чија цел е да не избришат.

Замислете вакво нешто да ви се случи на вас. Замислете да ви кажат дека мора да го славите вашето уништување бидејќи со тоа „се решил дипломатски спор“.

Затоа, не ме нарекувајте ништо друго освен Македонец од Македонија. И сторете нешто повеќе од тоа. Бранете ги Македонците како што би ја бранеле (и треба да ја браните) секога друга етничка заедница. Барајте да ни се врати нашето име, идентитет и историја. Барајте да ни бидат вратени нашите основни човекови права./Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права

Advertisement