Колумна од Проф. д-р Катерина Тодороска: “Сила преку радост”

Утринава (26. 12. 2020 год.) видов една фотографија на ФБ со коментар: „Убави времиња“, а која ме потсети на деновите на Шарената револуција. Ќе почнам со 12. 04. 2016 год., првиот ден кога се собравме 20-тина во 6 пред СЈО, кај Кузман. Верував дека е дојдено времето да се урне еден режим кој го заробуваше целото општество со помош на полтрони и некадарници на секој чекор. Верував, дека неколкугодишното чукање по вратите за решавање на криминалите во образованието и науката, мора да престане и да започнеме со казнување на криминалците. Многумина од нас, беа со истата мисла. Секојднвно, нѐ имаше сѐ повеќе и повеќе.

Летото 2016-то, безмилосно газеше, а горештините не беа причина да се откажеме од секојдневните „прошетки“ извикувајќи ја паролата „НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР“ и пораката „Шутка не ти бега Никола, Никола“.

Каква илузија било очекувањето дека со заминувањето на Груевски, ќе заврши и груевизмот, а заробената држава ќе доживее препород.

Каква илузија!

Еден ден, при нашите шарени прошетки, беше актуелна темата за тоа како груевистичката клика ги подмамува македонските граѓани со, небаре, бесплатни престои во бањите и другите одморалишта во Македонија. Со неколкумина го споделивме заедничкото мислење дека доколку Грујо толку многу сакал да му помогне на македонскиот народ, можел наместо од него диригирани, да им овозможи одмор или лечење по личен избор. Но, за тоа требаше на народот да му се зголеми стандардот т.е. народните пари да одат во џебот на народот, а не во фирми контролирани од ДПМНЕ-то. Заклучивме, не смее да се злоупотребува ниту еден народен денар за криминално финансирање на фирми, т.н. финансиери на партиите.

Живо се сеќавам дека тие денови, неколкупати со многумина го разговаравме истото „фрлање на коска“ на народот, за тој да се задоволи со глодање, додека криминалците го јадат „месото“.

Исто така, живо се сеќавам на интересот кој го побуди моето објаснување на ваквите груеви остапки. Објаснував дека во 30-тите години на 20. век, во Германија бил применет еден проект наречен “Сила преку радост”.

Имено, “Сила преку радост” е основана како дел на Германскиот трудов фронт на 27-ми ноември 1933 година. Тоа бил концепт со кој, на работниците требало да им се овозможи слободното време да го користат за задоволување на интересите на Владата. Шемата е опишана како „полско слободно време“, а Хитлер сметал дека е „потребно да се контролира не само работното време, туку и слободното време на поединецот“.

Биле предвидени различни начини за „ангажирање“ на народните маси со цел, работниците своето слободното време да го користат контролирано од Владата. Важно за напомнување е дека сите „бенефиции“ од проекот „Сила преку радост“ оделе исклучиво на адреса на членови на Германскиот трудов фронт, што значи дека другите немале никаква можност за работа или „рекреација“. Затоа, во неколкуте следни години, благодарение на проектот „Сила преку радост“ бил енормно зголемен бројот на членови на хитлеровиот Германски трудов фронт (ГТФ).

Во склоп на проектот „Сила преку радост“ биле делени еднократни средства кои населението можело да ги користи само за одредени потребштини и во одредени продавници, чии сопственивци биле членови на ГТФ.

Друг облик на стекнување на „сила преку радост“ биле спортските и културни активности. За ваши сознанија, кон крајот на 19 век, Социјалдемократската партија (СДП) и германските синдикати изградиле бројни спортски терени и објекти за пешачење. Со почетокот на хитлеровото владеење, објектите биле преземени од ГТФ и биле користени за неговите членови. Во таквите ресурси било понудено, во слободно време и со финансиска давачка достапена на многу работници и нивните семејства, тие да се рекреираат. Така, до 1934-35 година, над три милиони луѓе учествувале во „хитлеровите“ вечери за физичко образование и гимнастика. Многумина други го искористиле т.н. ефтин „тренер“ именуван од Хитлер, кој нудел рекреација во тенис, голф, скијање, едрење и други спортови за средна класа.

Сепак, најпопуларниот аспект на проектот „Сила преку радост“ бил обезбедување на субвенционирани празници. Тоа значело дека, голем дел од работната сила за прв пат добила можност да користи одмор и да летува надвор од дома. Одморот го плаќале самите работници по субвенционирани цени и тоа од една недела на планините Харц (28 марки), една недела на брегот на Северното море (35 марки) и две недели на езерото Констанца (65 марки). Бидејќи просечната плата на индустрискиот работник била околу 30 марки месечно, проектот „Сила преку радост“ им овозможил на една третина од сите работници да одат на годишен одмор.

И да не набројувам натаму.

Некому можеби овој хитлеров проект, ќе му побуди современи чувства. Можеби ќе се потсети на безумното градење на неупотребливи „детски игралишта“.  Исти, како она во село Никифорово каде нема ниту пат, ниту жители, ниту едно дете, ама има игралиште. Или, можеби ќе ве потсети на „наградните“ вработувања од Македонски шуми, или на еднократните „помошти“ лимитирани на „подобни“ граѓани, или ќе ве потсети на бањите за возрасните или на можноста за скијање за пензионерите во зимските центри на Македонија.

Можеби на тоа ќе се сетат моите „шарени“ пријатели, на кои во меѓувреме шаренилото им помодре. Па сега, ние немодрите станавме душмани, националисти, простаци без визија за иднината заглавени во историјата.

А мене? Мене пак, оваа приказна ми предивикува гнев од помош во четири пакети (во најава петти), од „субвенции“ за млади, стари, „помош“ за пазарење на вакви такви и онакви продукти, за летување со цркавица, потоа поради срамот кој го голта народот стоејќи со часови пред банките низ Македонија за „еднократна помош„ од 6.000,оо денари. Ќе раскажат платениците дека се помогнало македонското стопанство, се окуражил народот во овие тешки времиња, за кои ќе пишувам друг пат.

Сега, оние помодрените, сигурно нема да се сетат на идејата народните пари да одат во народниот џеб, а народот сам да решава што со своите пари. Не. Веројатно сега, помодрените шарени пријатели ќе се фрлат на тастаури да објаснат што значи широкоградост и љубов на владеачите кон народот. Ама нема да каже дека владеачите, во име на народот земаат  кредити, кои истиот тој народ ќе ги враќа, заедно со каматите. Секао, други платеници ќе кажуваат дека на народот му се доста 6.000,оо ден еднократна помош. Ами што без тоа?

И да заклучам. Ако забележувате колкав е отпорот на тажниве „владеачи“ во Македонија за учење на историјата, јасно ви е дека историја како учителка на животот, ви кажува како да ја проектирате иднината. Затоа, сѐ што треба да сториме сега, како народ, е да не им дозволиме да нѝ ја одземат историјата, за да не нѝ ја одземат иднината.