Во континуитет македонскиот народ и македонскиот јазик се предмет на негирање од страна на сите оние кои ја знаат историјата за поделбата на македонската етничка територија во 1913 година во Букурешт. Поради фактот што делови од македонската територија, при тоа распарчување на македонскиот етнички простор, им бил подарен од страна на тогашните големи сили на грчката и бугарската држава, тие останаа и најголемите поборници за негирање на македонското постоење.
Кога се појавува некој проблем, вообичајувам прво вината да ја барам во себе, а потоа и во другите. Така и овој пат. Но, за да го објаснам својот став морам да посочам на фактот дека пред многу години бев понесена од идејата да пишувам за поствоените т.н. диктатори. После многу прегледани материјали за т.н. диктатори на Балканот, решив да прегледам и прочитам информации и за најактуелната затворена држава во светот, Кореја. Меѓу многуте информации, дојдов до една за многу обожуваниот, тогаш актуелен владетел Ким Јонг Ил, во однос на прекршителите на законите во Кореја. Имено, кога одредена личност ќе направела дело казниво со смртна казна, прекршителот се стрелал, а на семејството на стреланиот му се испраќала сметка за да го плати куршумот со кој бил убиен нивниот роднина.
Од мој агол на гледање, македонската држава во тек на повеќе децении сама си го плаќа куршумот со кој се самоубива.
Секогаш низ историјата, кога во една држава се случуваат капитални промени, најмериторен е ставот на сите граѓани на таа држава. Во Македонија од 1991 година се случија неколку капитални одлуки, од кои само за осамостојувањето од југословенската федерација беше добиен позитивен став од населението. Но, оние кои ги плаќа народот и заради кој народ, комотно седат во фотелји, си дозволија да не го испочитуваат правото на изјаснување на народот, а напати и да го изгазат народниот став.
Во актуелниов момент вината повторно ја барам прво кај нас, во оние кои ја добија довербата да работат во интерес на државата, а не во интерес на нејзиното негирање.
Според сѐ што дниве се случува на темата бугарска болест во однос на Македонија, најзасегнатите теми се македонскиот народ, македонската историја и македонскиот јазик или три од четирите основни параметри за постоењето на една држава. Секако, бугарската страна со право нѐ удира со наши камења по наша глава. Нѝ говорат дека САМИ си го сменивме знамето, САМИ си го сменивме името на државата, а фактот што 30 години сме под невидена и нечовечна пресија и континуирани уцени за таквите промени, не станува збор.
Мојот гледокруг за преземените чекори во изминативе години е мој и темелен врз бројни анализи, со кој, се разбира, нема да се согласат многумина. И тоа е нормално од гледна точка на обемот на изроди, потомци на изроди, кодоши, итересџии и други индивидуи изнедрени во македонските пазуви. Се разбира, сите тие умешно пливаат, но и испливуваат на површината при секое од македонските бтранувања.
Според мене, современата историја бележи неколку моменти кои се спротивни на македонските државни интереси. Капитална грешка, во современата македонска историја, беше направена од оние кои го погазија зборот на граѓаните на македонската држава со потпишувањето на договорите за небаре добрососедски и, уште посмешни, пријателски односи.
Доколку јужните наши негатори сметаа дека нѝ се пријатели немаше да нѐ уценуваат и понижуваат пред светот со цел, небаре САМИ да си го смениме знамето и името на државата, за наше пристапување кон меѓународни институции и асоцијации. Уцените, аминувани од големите европски демократии, само го потврдија стравот на јужниот сосед дека македонската територија која ја добиле во 1913 година и Македонците протерани од своите домови во Егејска Македонија по 1949 година, претставуваат кошмар за грчките политички елити. И тоа не е сѐ. Нивните уцени јасно покажаа колку е важно да бидеш европска членка за да можеш да ги газиш сите други, дури и кога наместо демократ ти си силеџија. Да, Македонија е членка на НАТО, ама сетете се дека доколку Јужните нѝ беа пријатели, во НАТО ќе бевме во 2008 година.
Тоа е историски податок на кој треба да му се додаде долга анализа, што вам ништо не ви значи. Грција, со своето силеџиство и примена на „грчката демократија“, успеа да го избрише македонското национално малцинство кое со децении се бори за своите основни човекови права на територијата на грчката држава. И, тоа не е сѐ. Со уцени по иднината на македонската евроинтеграција, а со директна помош на молчењето на демократска Европа, успеа да наложи промена на државното име на Македонија. Борејќи се за нивното наследство добиено на подарок во 1913 година, Грците посакаа да бидат и Македонци. Така, со помош на подарокодавачите и овој пат, Грците од „демократски“ Елини, Грци станаа и Македонци. А тоа е одлично, бидејќи докажаа колкава гордост е и колку треба да се бориш за да бидеш Македонец.
И повторно, доколку зборуваме за добри соседи, после нашата беневолентност за промена на сопственото државно име, добро ќе беше грчката страна да покаже беневолентност со признавање на македонското малцинство на нејзина територија, да започне процес на враќање на имотите на присилно откорнатите Македонци од родните огништа по 1949 година и т.н. и т.н. Многу се начините да се биде добар сосед, а за тоа пред сѐ, треба здраворазумност и желба да се признае вистината.
Потоа, на ред дојдоа „ставовите“ на бугарската политика. Историјатот на оваа бугарска болест е познат и во македонската и во светската јавност. Сонот за никогаш реализираната Санстефанска Бугарија го парализира секој здраворазумен став во однос на вистината и историјата на Балканскиот Полуостров. Секако, самиот поим Бугари јасно ја оцртува бугарската историја и потеклото на бугарскиот народ. Нивните предци се Хан Пресијан Iили Персиjaн, бугарскиот владетел на Првото Бугарско Царство од Крумовата династија од 9-от век, кој бил син на Звиница, внук на хан Омуртаг и внук на хан Маламир. Дали и зошто Бугарите се срамат од тоа што се, тоа е нивен проблем. Бугарите, како и Грците, посакаа да бидат поистоветени со историјата на македонскиот народ, кој пак народ има сосема поинаков историски корен. Да чест е да видите како хановци треба да се заменат со Македонци.
За волја на вистината, во Втората светска војна Бугарите биле фашисти, а за злоделата кои ги имаат направено над македонските жители, за Ваташа, за Дабница, за присилните мобилизации и т.н., нема да зборувам. Исклучок биле членовите на Комунистичката партија на Бугарија, кои после Втората светска војна го признале постоењето на македонското население на бугарската територија. Тогаш биле отворени и училишта за македонските деца да учат на мајчин, македонски јазик за која цел од Македонија биле испратени и учители. Ама, зарем источните добрососеди би дозволиле да се учи македонска историја при немање на своја? Секако, не.
Почнале притисоци, малтретирања и понижувања на секој кој би проговорил македонски збор, секој кој ќе запеел македонска песна ота таква „не постоела“. Фризирањето на историјата стана децениска определба на источните добрососеди и стратезите му. Истите спомнати бугарски комунисти, почитувајќи ја вистината и историјата на македонскиот народ, дури и дозволија останките на Гоце Делчев да се пренесат во неговата родна Македонија. Таквите активности на комунистите кон Македонците и многу други цивилизациски придобивки, од источните добрососеди и стратезите му, биле оценети како непријателски за бугарската држава. Затоа, Народното собрание на Бугарија на 26 април 2000 година го усвоило т.н. Закон за прогласување на комунистичкиот режим за злосторнички (Државен весник бр. 37 од 5 мај 2000 година.) И така, источните нѝ добрососеди си плукнаа на комунистичките корени, од и после Втората светска војна, по што им останаа само фашистичките.
И тоа не е сѐ. Дополнителни крилја бугарските фашисти доби кога, од политички причини, успеаја да станат „европејски граждани“. Таквите крилја, сега широко ги отворија за да ја поклопат македонската иднина. Веќе видено. Останува неодговорено прашањето, зошто оние кои се декларираат како демократи од Европска Унија, повторно го поддржуваат силеџиството и уцените кои, овој пат, ги практикуваат европејските Булгари?
Доколку Бугарите сакаат да бидат добри соседи, а не само да глумат и уценуваат имаат многу начини за тоа. Првиот е да побараат да се направат ДНК тестови на Бугари и Македонци. Секако Бугарите со ханска крв, си остануваат горди Бугари. Ние знаеме која ни е крвта. Вториот потег би бил, почитување на одлуките на европските судови во однос на македонските здруженија во Бугарија, третиот признавање и давање на основните човекови права на оние жители на Бугарија кои по ДНК и по лично чувство се Македонци и т.н., и т.н.
Од нејасното европско молчење за силеџиството на уценувачите врз македонскиот народ, уште понејасно е зошто македонската држава и натаму продолжува со наводни преговори, со бугарската страна за нешто што НЕ ПОДЛЕЖИ на преговори.
Мојот став за актуелниот момент е дека го плаќаме најскапиот куршум, а тоа се официјалните Комисии „за реализирање на добрососедството“ со нашите негатори, кои реално се Комисии за убиство на македонското во Македонија. За составот и (НЕ)кредибилитет на македонскиот дел на Комисијата за образовни и историски прашања со Бугарија, сум пишувала и зборувала многу пати. А во најскоро време и детално ќе ви објаснам кои елементи го сочинуваат овој куршум, кој сами си го плаќаме.