
Традиционално, достоинствено и благодарствено како и секоја година и оваа година во Свештената Бигорска Обител сеќавајќи се на тие бесмртни Илинденци и на сите нивни сродници по дух, беше одбележан споменот за легендарното „Црешово топче“, симболот на борбата на нашиот народ за слобода.
Група млади родољубиви луѓе, организирани од здружението „Патот на Црешовото топче – Бигорски Манастир“ од Гостивар, облечени во комитски носии, дојаваа синоќа во Бигорскиот манастир, каде некогаш од страна на монасите биле изработени неколку црешови топчиња за Илинденското востание.
Утрово, комитите-коњаници: Виктор, Никола, Игор, Ристе, Александар, Стефан, Анастасиј, Сашо, Христијан, Гоце, Кристина, Александра, Перо, Јорго, Душко, Росе и Бојан, најпрво зедоа молитвено учество во светата богослужба во храмот на Свети Јован Крстител.
Од страна на нашиот собрат, Архимандрит Доситеј, а по благослов на нашиот старец и владика, епископот г. Партениј, со молитва за добробит на Татковината и за успешен пат, беа благословени во нивниот подвиг, полн со љубов кон Бога и кон Татковината, како и со светло сеќавање за нашите пожртвувани, богољубиви предци.
Потоа коњаниците, пред Светото Писмо, револвер и кама дадоа заклетва за верност кон револуционерното ослободително дело – онаа иста заклетва што некогаш морале да ја положат сите членови на Македонската револуционерна организација.
На овој свечен чин претседателот на здружението „Бигорски манастир – Патот на Црешовото топче“, г. Манојил Јаковлески, се обрати до присутните со кратко благодарствено слово и упати посебна благодарност кон нашиот старец и братството за неуморната родољубива дејност и несебичната поддршка за остварување на манифестацијата „Патот на Црешовото топче“.
Нека ви е честито и од Бога благословено патувањето за нашето славно Крушево, и нека споменот за тоа Крушево и за Востанието, остане засекогаш силно врежан во нашите срца!
26 јули 2022 вторник :
Коњаниците ќе тргнат од с. Зубовце, с. Тумчевиште и Гостивар кон Бигорски Манастир и Крушево, по патот по кој било пренесено првото црешово топче како поддршка на илинденските востаници.
27.07.2022 среда:
10.00 часот Бигорски Манастир: Литургија ,Благослов и Заклетва.
11.00 часот Коњаницата по благословот во Бигорскиот манастир тргнува на пат за Јанче.
12,00 часот Пристигнување во с. Јанче, коњаницата од с.Јанче патува кон с.Галичник.
13.30 часот пристигнување во с.Галичник.
15.30 часот Коњаницата од селска ливада во Галичник тргнува за бачило Салтаница.
20.00 часот Пристигнување на коњаницата во бачило Салтаница.
28.07.2022 Четврток:
07.00 чацотТргнување на коњаницата од бачило Салтаница и патува покрај бачилото Сулумуница.
11.00 часот пристигање на бачило Раштанец, по мала пауза коњаницата тргнува кон Кнежињо.
16.00 часот Пристигнување во Манастирот – Кнежино.
29.07.2022 Петок:
07.00 часот Тргнување од Манастирот во Кнежињо кон Крушино.
09.00 часот Пристигнување во Крушино.
10.00 часот Коњаницата влегува во Кичево на раскрсница кај борова шума -Коњаницата се упатува кон црквата во Кичево..Коњаницата после благословот од црквата се упатува кон с. Врањешница.
12.00 часот Коњаницата се упатува спрема општа болница во Кичево и излага на магистрален пат за с. Србјани. Коњаницата се упатува по селскиот пат Староец.
11.00 часот коњаницата влегува во с. Врањешница во црква Свети Илија.
30.07.2022 Сабота:
11.00 часот Коњаницата тргнува за пат за Цер.- По патот за сел Цер коњаницата поминува низ Турла и с.Црцко.
15.00 часот пристигнување во с Цер.
31.07.2022 Недела:
9.00 часот Коњаницата од село Цер по патот за Крушево поминува низ с. Пуста Река покрај С, Долно Дивјанци и покрај Арилево
14,30 часот пристигнуване на езерото во Крушево -кампот на коњаницата Бигорски Манастир патот на црешовото топче.
Коњаницата „Патот од црешовото топче“ по 13-ти пат на марш во чест на Илинден, ќе учествува на прославата 10 дена Крушевска Република.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden