Конференција на министрите за внатрешни работи на земјите од Западен Балкан во Тирана

На тема „Соработка за безбедност и миграциски текови низ Западен Балкан“ денеска во Тирана се одржува конференција на министрите за внатрешни работи на земјите од Западен Балкан, со присуство и на претставници на меѓународни органзации.

Отворајќи ја конференцијата, домаќинот, албанскиот министер за внатрешни работи, Таулант Бала порача дека е многу битно да се има поширока регионална соработка во борбата против организираниот криминал и посилна поддршка од ЕУ.

Во септември 2023 година кога се собравме во рамките на Берлинскиот процес се договоривме да преземеме посилен пристап кон управувањето со границите. Денеска да ги потврдиме напорите за постабилен регион и за подлабока соработка. Заедно можеме да изградиме иднина каде безбедноста и просперитетот се гаранција за нашите граѓани, рече Бала.

Додаде дека постојаниот ангажман на меѓународните партнери влева доверба дека со заедничка работа како регион, можеме побрзо и посилно да напредуваме во нашата амбиција да се приклучиме на Европската унија, споделувајќи ги принципите на владеењето на правото заедно како регион.

Констатира дека „ако има некое посебно прашање каде што сите можеме и тесно ќе соработуваме, тоа е управувањето со миграциските текови“.

Последниве години Албанија, заедно со другите земји во регионот, ги бранеше вредностите и практиката на регионалната соработка, постигнувајќи опипливи резултати за нашите граѓани, како што се договорите со Косово  Македонија за слободно движење, како и справување со миграциските текови, преку спречување на нерегуларна миграција со фокус на граничната безбедност, но и почитување на човечкото достоинство на мигрантот, рече Бала.

Тој рече дека соработката со ФРОНТЕКС е еден од главните столбови на стратегијата за управување со границите и борбата против нерегуларната миграција.

Преку партнерството со ФРОНТЕКС, успеавме значително да ја зголемиме ефективноста на граничните операции, да го обучиме нашиот персонал и да ја модернизираме опремата и методите за гранична контрола. Оваа соработка овозможи не само подобро набљудување на границите, туку и побрз и покоординиран одговор на секое сомнително движење, рече Бала, нагласувајќи дека годинава е забележано намалување на случаите на незаконски активности во областа на емиграцијата.

Амбасадорот на ЕУ во Албанија, Силвио Гонзато, меѓу другото даде гаранција дека „ЕУ е покрај вас и е подготвена да ве поддржи во спроведувањето на стратегија за справување со миграцијата“.

Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан останува клучна рамка за политика за имиграција, азил и управување со границите. Тоа е рамка за соработка не само со ЕУ, туку и со земјите од регионот со цел да се соочиме со миграциските и безбедносните предизвици. Имплементацијата на оваа рамка донесе резултати во намалување на миграцискиот притисок за најмалку 1/3 во коридорите на Западен Балкан во текот на 2023 година, во однос на 2022 година, изјави тој.

Ова, според Гонзато е овозможено со силната посветеност на сите партнери во регионот и зголемената поддршка, без разлика дали е финансиска или техничка, од ЕУ и нејзините агенции, што „ја одразува нашата заедничка работа“.

Advertisement