Конференција на регулаторните тела за електронски комуникации на државите од регионот во Охрид

 

Анализа на телекомуникацискиот пазар, управувањето со Интернетот, предизвиците во широкопојасниот интернет и новите трендови, улогата на медиумската писменост, приватноста и заштитата на податоците, како и актуелната тема за воведување 5Г мрежа, се главните теми на расправа на годишната Меѓународна регулаторна конференција што во организација на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) од денеска се одржува во Охрид.

Претставници на регулаторните тела за електронски комуникации на државите од поширокиот регион, на операторите, на техничкиот сектор, експерти, на владини и невладини иституции наредните три дена ќе ги презентираат своите искуства и модели на управување во областа на електронските комуникации во изминатиот период.

На средбата во Охрид се присутни претставници на државите со кои Македонија има склучено регионален договор за сукцесивно намалување на цените на роаминг-услугите. Тоа е процес спроведен самоиницијативно, додека за натамошно намалување на цените останува на самите оператори да се откажат од нивните приходи. Всушност тука се работи за своевидна борба меѓу државата и операторите кои имаат огромни приходи од наплатата на роаминг-услугите, истакна меѓу другото директорот на АЕК, Сашо Димитријоски.

Во рамки на собирот во Охрид се одржува и третата конференција за управување со Интернетот кај државите од поширокиот простор на Југоисточна Европа (SEEDIG), иницијатива призната од Обединетите нации, предводена од Форумот за управување со интернет. Иницијативата само по себе не е тело што донесува одлуки, но претставува отворен инклузивен и транспарентен начин за собирање идеи, размисли, поставување нови проблеми и теми кои ја засегаат областа.

Она што ќе произлезе од дискусиите ќе биде сумирано во пораки кои ќе го креираат ставот на државите од регионот, што потоа ќе ја претставува официјалната позиција на регионот по однос проблематиката пред паневропските и глобалните тела што ја упредуваат областа на електронските комуникации, истакна Сорина Телеану, од извршниот комитет на SEEDIG.