Константната константа

Пишува: Проф. д-р Катерина Тодороска

Кога зборуваме за историјата на еден народ, упатно е да не се повторуваат многу познатите факти со излитени и стереотипни фрази.

Тргнувајќи од тоа, решив, да скратам познати нешта и да искористам помалку познати и непознати податоци. Верувам, интересни за јавноста.

Почетокот му го отстапувам, на еден исклучителен руски интелектуалец Николај Николаевич Дурново (23 октомври/4 ноември 1876, Москва – 27 октомври 1937, убиен во Сандармох кај Медвежјегорск).

Кон крајот на 19. век, во Москва се појавува книгата за бугарската пропаганда во Македонија и македонскиот јазик, на Николај Николаевич Дурново во која тој пишува „Бугарите немаат право на неа и се потпираат само на правото на посилниот. Тие се надеваат дека и тука ќе можат да ја излажат Русија, за да им помогне да ја заграбат Македонија. Но, во Русија од пред неколку години веќе се убедија дека етнографските податоци што ги даваат Егзархијата и бугарските шовинсти за Македонија, се груб фалсификат, со што веќе четириесет години ја заблудуваат руската и европската општествена јавност“. (Н. Д., Болгарская пропаганда в Македонии и македонский вопрос. М.: тип. И.А. Баландина, 1899. Повеќе за Николај Дурново на https://dic.academic.ru/dic.nsf/ruwiki/216986.).

Но, она што мислам дека е интересно за јавноста е ставот на Дурново дека „Ако се признае дека во генетската врска со говорот на Првоучителите (Кирил и Методиј-К.Т.) се не сегашните јужномакедонски, туку сегашните северомакедонски говори, тогаш треба да се претпостави дека првичниот солунски говор со текот на времето бил истиснат од својата претходна територија со бугарските говори“ (Nikolaj Durnovo, Мысли и предположения о праисхождении старославянского языка и славянских алфавитов, 58, ф. 1. Архив на МАНУ, Фонд „Блаже Конески“, варија). Заклучокот кој го нуди оваа констатација е несфатлив само за зацементирани умови.

Кон сето ова не е на одмет да се презентира и мислењето на еден исклучителен светски славист. Д-р Илма Инголд-Ракуса во писмо испратено до Блаже Конески пишува: „Македонскиот јазик, фактички, се јавува како најстар словенски јазик, така како што на тој јазик уште пред 1.100 години говореле творците на словенската азбука – Кирил и Методиј. Но наместо тоа тој се смета за најмлад од словенските јазици, и  поради тешките историски настани и вековното ропство, Македонците успеаја дури после Втората светска војна, во социјалистичка Југославија, да го спроведат своето право на слободно развивање на националната култура, на мајчиниот јазик“ (Архив на МАНУ. Ф. „Блаже Конески“, варија. Писмо од Dr. Ilma Ingold-Rakuza, Emmat, CH-813 Esslingen од 2 септември 1976 год.).

Кога веќе пишуваме за бугарските илузии, не е на одмет да проговориме и за времето кога српската пропаганда била оптоварена со растот на свеста кај Македонците дека не се ниту Срби, ниту Бугари, ниту Грци и покрај огромните средства што ги вложувале пропагандистите за претопување на македонското население.

… „Зимоска гостуваше во Београд и уште во некои градови на Кралството Србија македонската театарска трупа под управа на Црнодримски. Таа прикажуваше на македонски јазик оригинални македонски драми. Со еден збор, имавме увид во нова духовна култура – книжевност и уметност – македонски. Не треба да се лажеме. Она што Црнодримски го покажуваше не беше жаргон туку проба на туѓа култура во другиот свет… Да го оставиме на страна тоа што Црнодримски има за своите дела две редакции – за Софија и за Београд – туку самата таа појава на неговата македонска продукција кажува дека стоиме пред зачетоците на нова, четврта, книжевност на Словенскиот Југ. И ние на тоа ракоплескавме“. (Курзивните делови во текстот се идентични како во оригиналот –К.Т.). (Бранково коло. Забаву, поуку и књижевност. Власник и уредник Паја Марковић Адамов, у Ср. Карловцима, 29 априла (12 маја) 1904, 515).

Секако, вакви загрижувачки текстови биле секојдневие и во српските, како и во бугарските неделници и списанија од почетокот на 20. век.

Она што секогаш било проблем за македонското население бил интересот на секоја од т.н. Големи сили за заграбување на поголем дел од неговата територија. Така, во 1913 година, според желбите за поголеми интересни сфери од страна на Големите, етнографска Македонија била искасапена. Жедтта на соседите била задоволена, како и на нивните ментори. Тоагаш, едниот освојувач бил заменет со други, овојпат повеќе од било кога претходно.

Во текот на Втората светска војна, македонскиот народ се бори против окупаторите, кои според некои денешни изјави, не биле многу, ами малку фашисти. Победата над нив, им овозможила на Македонците да го реализираат сонот на многуте претходни генерации, сонот за слободна македонска држава, што била рамноправна членка на југословенската федерација.

Иако непосредно после војната, во Бугарија на македонското население во Пиринска Македонија му било дозволено да учи на својот мајчин македонски јазик, многу брзо тоа се сменило. Зошто? Затоа што Бугарија како креација на руската политика, секогаш кога Русија/СССР се „лутела“ на Југослаивја, на Бугарија ѝ било „дозволено“ да ги малтретира Македонците во Бугарија, но и општо, да го оспорува македонскиот јазик и македонскиот народ.

Тоа се случило, првично, поради ИНФОРМБИРОТО од 1948 година, кога од страна на руската политика биле воведени семожни забрани за соработка со Југоставија. Но,  таквата политика не влијаела врз трудовите на научните работници во СССР.

Според еден документ: „Во второто издание на Големата советска енцикопедија (ГСЕ), печатена во периодот на Информбирото (50-тите години) во одредниците „Бугарија“ и „Грција“, недвосмислено се говори за постоење на Македонци во Бугарија и Грција.

Во книгата – учебник „Историја на јужните и западните Словени“, објавена во 1969 година како труд на славистичката катедра на Московскиот универзитет објективно е прикажана историјата, културата и јазикот на македонскиот народ.

Под притисок на Бугарите и во зависност од политичките потреби, советската страна набрзо ја забранила продажбата како и употребата на оваа книга на Московскиот универзитет (и покрај противењето на авторите на оваа книга – професори на универзитетот)“. (Секретаријат за односи со странство на ИС на СРМ Стр. Дов. број 125/1 од 15. IV 1974 г. л.1).

Следното сериозно реметење на односите на СССР и Југославија било поради кризата во Чехословачка во 1968 година. Имено, јавно било искажано несогласувањето на Југославија со политиката на СССР и нејзината осуда на воената интервенција, со што бил отстранет секој сомнеж за независноста на југословенската надворешна политика.  Во југословенските соседски односи, тоа „ја поттикнало Италија да ја промени својата политика кон официјален Белград, која дотогаш беше обележена со резерва и недоверба. Понатаму, Италија започна да ги разгледува односите со Југославија од гледна точка на сопствената безбедност. … По августовските настани во Чехословачка и опасноста СССР воено да интервенира и во Југославија, Италија почна да му дава поддршка на официјален Белград преку бројни јавни и тајни изјави на нејзините државни функционери“. (Билјана Мишић Илић, 1968 – четрдесет година после, Институт за новију историју, Београд 2008).

И додека соседските југословенско – италијански односи се подобрувале, истовремено СССР се погрижил да ги заостри југословенско-бугарските односи. Според тоа, негодувањето на југословенските политичари кон одлуките на СССР имале своја цена, која овој пат, не ги одминала ниту научните работници. Имајќи ги предвид апетитите на Бугарија кон македонската историја, во овој период советските политички кругови нескриено ја хранеле бугарската ненаситност.

„Советските ставови кон македонската нација до сега главно биле одредени во зависност од политичките потреби на СССР, при што, по правило, советската страна строго водела сметка за ‘интересите‘ и ставовите на Бугарија по ова прашање.

Во третото издание на ГСЕ (октомври 1970) во одредницата „Бугарија“ стои дека ‘основниот дел од населението го чинат Бугари‘. Се наведува дека во Бугарија, исто така, живеат многу националности, но меѓу нив не се спомнуваат Македонци.

Во седмиот том на ова издание (декември 1971) у одредницата ‘Грција‘ повторно не се спомнуваат Македонците, додека по име се наведуваат сие други националност, вклучително и Бугари.

Во десеттиот том на третото издание на ГСЕ (декември 1972) се наведува дека после прогласувањето на Крушевската република на чело на привремената револуционерна влада бил ‘бугарскиот социјалдемократ Н. Карев‘, а дека Илинденското востание е востание на ‘народите (во множина) на Македонија‘ (за разлика од Второто издание на ГСЕ од 50-тите години, во кое Н. Карев се спомнува како ‘македонски револуционер‘, а Илинденското востание како ‘востание на македонскиот народ‘.)

После првите реакции на нашата интервенција во Москва, Советите истакнуваа дека се работи за ‘пропуст кој може да се исправи‘ дека тоа може да се среди при објавување на материјалот под буквата ‘М‘, дека ќе ги прифатат нашите материјали за оваа проблематика и дека се согласуваат ние, пред објавувањето, да го погледнеме тексот. (Ние не прифативме да им доставиме материјали и да го прегледаме текстот за да не направиме преседан за евентуално слично барање од советска страна, туку ги упативме на користење на веќе објавени книги и други научни текстови за оваа материја.

Од подоцнежните реакции, меѓутоа, посебно од разговорот со подпретседателот на Научниот совет на ГСЕ (11 мај 1973), произлегува дека советската страна не беше подготвена суштински да го промени својот став.

Паралелно со интервенцијата во Москва, на советската Амбасада во Болград, во неколку наврати во ССИП (ПСС Р. Диздаревиќ – на амбасадорот Степаков, шеф на одделот за СССР – советник на амбасадорот Попов) укажано му е неодржливоста и неадекватноста на презентирањето на македонската нација во ГСЕ и штетноста на ваквата постапка за нашите односи.

Во врска со овие наши забелешки советските функционери во различни прилики изнесуваа:

Кириљенко, член на ПБ ЦК КПСС во разговор со другарот Т. Влашкапиќ за време на неговата посета на СССР (мај месец 1973 година) приговорил дека ‘не треба да се тарашка по историјата, бидејќи имаме поважни проблеми‘.“ ……. (Секретаријат за односи со странство на ИС на СРМ Стр. Дов. број 125/1 од 15. IV 1974 г. л.1-2).

Патем, ова бил еден од начините за политичко дестабилизирање на југословенските односи со соседите и поттикнување на бројни непријатности за југословенската федерација.

Бугарските нескриени аспирации кон македонската историја, се забележуваат и во едно писмо од 8 јануари 1972 година, испратено од претседателот на Бугарската академија на науките до претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, во кое се бара заедничко чествување на 100 годишнината „од раѓањето на видните дејци на националноослободително движење против османскиот јарем во Македонија и Тракија, Дамјан (Даме Груев), Гоце Делчев и Јане Сандански.

Бугарската академија на науките реши да ги одбележи тие годишнини со редица настани, со кои да се потцрта забележителниот придонес на тројцата револуционери во борбата за ликвидирање на османскиот феудализам на Балканот и за ослободувањето на Македонија. Нивното дело е сврзано со социјалистичкото движење и со желбите на народните маси за живеат во мир и дружба, во заедничка соработка да ги изградат своите благосостојба и прогрес. (Архив на МАНУ, ф. „Блаже Конески“, Българска академия на науките. Председател. София, 8 януари 1972 г., л .1)

Документот има две страни, со потпис на претседателот на БАН, акад. А. Балевски, а во МАНУ е примен на 17. јануари 1972 година. Во него во ниту една конотација ја нема онаа нападност дека станува збор за БУГАРСКИ револуционери. Секако, Бугарите би рекле дека тоа се „подразбира“, само по себе. И доколку е така, што ќе им било потребно на Бугарите да слават заедно со Македонците. Забележително е дека во ова писмо е направен еден превид, бидејќи Дамјан Груев не е роден во 1872 година, туку во јануари 1871 година. Но, нејсе.

Денес се осилија потомците на „полициските и воените формации на бугарската монархо-фашистичка власт (изразот е земен од чл. 1 на Конституцијата на НР Бугарија од 1947 г.)“. (Архив на МАНУ, Фонд „Блаже Конески“, За македонскиот јазик, Варија, материјали добиени 2005-2006 година). Овој пат, под закрила на Европа, Бугарите „со маглата, продаваат друга историја“ во својство на уценувачи и одработувачи на смртната пресуда за македонскиот народ подготвена од нарачителите. Та нели таа работа, на нивниот идол Ванчо Михајлов, и ним им е во крвта.

И така, можеме да си пишуваме до недоглед, бидејќи руската/советската поддршка за бугарските аспирации станале поттикнување на бугарско аздисување во однос на македонската историја, култура, јазик, традиција. Сега пак, и територија. И тоа е константната константа овозможена од бугарскиот создател, но денес душман. Оти нели, Бугарите си најдоа нов заштитник во милата им Европа.

Или, пак, само измеќарот го смени чорбаџијата?