Копретседателот на партијата на Македониците во Бугарија, ОМО “Илинден” – Пирин, Стојко Стојков, бара македонските власти да не попуштат пред уцените од Бугарија која се заканува со блокада на преговорите со ЕУ.
„Мислам дека Бугарија се надева да ја уцени и изнуди Македонија да направи фатални и непоправливи отстапки преку заканата со блокада. Проблемот за Бугарија е што таа не е Грција и Европа не гледа со добро око кон апсурдните во секоја една смисла, претензии на Софија“, вели Стојков.
Според него тоа е видливо и од јасно испорачаното и внимателното подигнато прашањето за македонското малцинство во Бугарија, што е јасно предупредување кон Софија да се повлече.
„Тоа е ахиловата петица на Бугарија. Сѐ што треба е македонската Влада да не попушти и тоа ќе се покаже накрај како празен блеф на Софија. За жал, го прави македонското малцинство заложник на геополитиката. Но, во секој случај поставувањето на прашањето за нас е позитивно“, вели Стојков.
На прашањето колку Македонци живеат во Бугарија, Стојков вели дека точната бројка никој не ја знае.
„Бројката никој не ја знае за жал – пописите се сериозно манипулирани и секој пат има кампања со закани. Последниот попис 2011 имаше 730.000 луѓе „без етничка определба” скоро сите од малцинствата. Последниот попис на кој можеше слободно да се изјасниш како Македонец беше 1956 и тогаш беа 187.000 Македонци“, додава Стојков како што пренесува Фактор.