Костал – Македонија достигна илјада вработени

Германскиот концерн „Костал“ за производство на делови и компоненти за автомобилската индустрија на свечен начин го одбележа ангажирањето на илјадитиот вработен во нивната филијала во Охрид. Директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, истакна дека одлуката компанијата да отвори своја филијала во земјава е плод на долготраен процес, чие преговарање траело повеќе од три години.

Охрид беше идентификуван како град со соодветна индустриска традиција, можности знаење и квалификација на вработени. Максимумот во плановите на „Костал“ во 2015-та година беше да стигнеме до 800 вработени. За помалку од пет години стасавме до илјада, и тоа вработени колеги не само од охридскиот и струшкиот регион туку од целата земја.

Сметаме дека успехот е последица на она што како концепт го нуди компанијата – технолошко развиен, напреден процес, со висока технологија, автоматика, роботика, производи што се најсофистицирани не само во рамки на „Костал Групацијата“, туку и меѓу сите странски компании во Македонија моментално, рече Мизо.

Тој смета дека дополнителните производствени капацитети што се планира да бидат отворени во регионот, за „Костал“, но и за средината генерално, ќе придонесат во формирањето кластер на технолошки напредни компании, а преку тие процеси регионот ќе се идентификува како место каде се повеќе луѓе ќе решаваат да работат, напредуваат и да ја пронајдат својата егзистенција.

Како Групација, тука во Охрид ја поседуваме најнапредната технологија. Процесите како енергетската електроника, електрониката, лиењето пластика и составувањето електронски елементи го имаме само тука во Охрид и уште во нашите капацитети во Кина, а не во Германија, САД, Ирска, Мексико, Индија, Британија.

Сето тоа оди во прилог на перцепцијата дека тука во Македонија реално е остварлив планот да достигнеме обрт до над 400 милиони евра годишно, што е мошне значајно за земја како нашата, рече Мизо.

Капацитетот за производство на „Костал“ е лоциран во Охрид, како браунфилд инвестиција во кругот на поранешниот „ЕМО“ во селото Косел. „Костал“ е семејна фирма и познат снабдувач со напредни електронски технологии, електромеханички и мехатронички производи за големи индустриски капацитети, со 38 производствени филијали во 17 земји.

Advertisement