
Од 2024 година, под одредени услови беше можно да се добие германски пасош по само три години. Сега т.н. „турбо натурализација“ е укината. Тоа го радува министерот за внатрешни работи Александар Добринт.
Странец кој подолго време живее во Германија и сака да добие германско државјанство, до јуни 2024 година мораше да биде прилично трпелив – најмалку осум години регулиран престој. Таквиот долг период на чекање значително го скрати тогашната влада на Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП). „Натурализација генерално треба да биде можна по пет години, а во случај на особени успеси во интеграцијата веќе и по три”, стоеше во коалицискиот договор.
Двојното државјанство и натаму можно
Ветувањето беше одржано, но поврзано со услови. За да се добие германски пасош на најбрз можен начин, апликантот мора да има доволни лични примања, да зборува добро германски и да е општествено ангажиран – на пример, во доброволната противпожарна служба. Т.н. турбо натурализација по три години, сега е укината од страна на коалицијата на конзервативни партии на ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократите, кои се на власт од мај 2025 година.
Право на државјанство со раѓање во Германија
Со промената, владата предводена од канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ) одредби од коалицискиот договор спроведува во дело, но истовремено нагласува дека „инаку стоиме зад реформата на законот за државјанство“. Тоа значи натурализација најрано по пет години. И опцијата за поседување на два пасоша, односно двојно државјанство, исто така останува на сила.
„Секако дека натурализацијата е значаен фактор“
Министерот за внатрешни работи Александар Добринт (ЦСУ) со исходот од измените кои главно тој ги иницираше, беше задоволен уште пред да бидат усвоени, имено за време на првата дебата за амандманот во Бундестагот кон крајот на јуни годинава. Тој приликата ја искористи да ги пофали многуте мигранти во однос на желбата да станат германски државјани. „Секако дека натурализацијата е значаен фактор за кохезијата во една земја“, рече тој на почетокот на својот говор. Но, потоа „турбо натурализацијата“ ја критикуваше како погрешен поттик, кој во странство го перципираат како ефект за привлекување, односно израз кој наидува на широка употреба во рекламирањето и подразбира стимулации за купување на рекламиран производ. Но, Добринт беше загрижен и за ефектот во Германија оти „бил создаден впечаток во населението дека германскиот пасош се дава како на некој вид специјална понуда“.
„Колку долго треба да се престојува во Германија?“
Јанес Јакобсен од Германскиот центар за истражување на интеграцијата и миграцијата (ДеЗИМ) во Берлин, смета дека образложението на министерот е чисто симболична политика. Зад тоа се крие прашањето „колку долго треба еден човек да има живеено во Германија пред да може да стане германски државјанин со свој пасош?“ Во разговор со ДВ експертот додава дека тоа е „културолошка војна“.
Според Јакобсен, со повторната реформа на законот за државјанство сепак само малку реално ќе се промени. „Јадрото на реформата за натурализација беше кратењето на периодот на чекање на пет години, а новата коалиција таа одредба ја остава на сила“, вели тој и нагласува дека де факто претходната влада квалитативно дури и ги подигнала пречките.
Малкумина профитирале од „турбо натурализацијата“
Клучен услов за добивање германски пасош е можноста да се издржувате без државна помош. Јакобсен наведува типични примери колку брзо тоа може да се смени, дури и додека процесот за натурализација е во тек, кога на пример засегнатото лице веќе не може да работи поради физички хендикеп, или нема лични приходи поради развод бидејќи партнерот бил единствениот кој заработувал во семејството.
И каква корист имаше од „турбо натурализација“, која траеше само 15 месеци? Ефектот не може прецизно да се измери по толку краток период, вели Јакобсен и посочува на недостиг од релевантни податоци. Познато е дека само 13 проценти од странците што живеат во Германија ги исполнувале јазичните и економски услови. А, уделот на луѓе кои преку посебен општествен ангажман се квалификувале за натурализација по три години, според него е веројатно уште помал.
„Неверојатно долго време за обработка“
Јакобсен освен тоа посочува на голем нерешен проблем по негово видување. „Само затоа што некој ќе поднесе барање за натурализација, тоа не значи оти ќе биде одобрено во најкраток рок. Во Германија имаме генерално преоптоварување на администрацијата. Имаме неверојатно долго време за обработка“, вели тој. Неговиот институт има повратни информации од службите за натурализација, дека не се во можност да се справат со зголемениот обем на апликации поради недостиг од персонал. Ако кандидатот има среќа, може по шест месеци да биде натурализиран. Баксузните мора да чекаат и преку четири години.
И ваквата ситуација тешко дека брзо ќе се промени, бидејќи недостигот на квалификувани кадри е евидентен и во германските институции. Државата во тој поглед е во трка со приватниот сектор. Пратеничката од Зелените, Филиз Полат, смета дека побрза натурализација е неопходна, како што јасно стави до знаење во дебатата за „турбо натурализација“. „Еден од првите официјални потези на оваа сојузна влада е на висококвалификуваните, добро интегрирани луѓе да им го отежни добивањето германско државјанство“, рече Полат.
Може ли да се реши недостигот на квалификувани кадри преку натурализација?
Тоа се случува во време кога Германија очајно бара квалификувани работници, наведува политичарката од опозицијата. „Од болници до детски градинки, од бизниси за занаетчии до високотехнолошки лаборатории. Не само што е неправедно, туку е и неразумно“, оцени Полат.
Истражувачот на интеграција и миграција, Јанес Јакобсен, има поинаков став во врска со причините за широко распространетиот недостиг на квалификувани кадри. За да се намали, потребни се поедноставени процедури за признавање на странски професионални и академски квалификации. Претходната влада се занимавала со темата.
Во што се согласни експертот Јакобсен и министерот Добринт
Јакобсен сè уште гледа големи дефицити. На пример, важна е разумна политика за домување. „Ако треба да се регрутираат квалификувани кадри во метрополите, тогаш мора да се обезбеди и домување по прифатливи цени – а, не само во руралните средини“, вели тој. Во тој поглед експертот од ДеЗИМ има слични аргументи како германскиот министер за внатрешни работи. Добринт укинувањето на натурализацијата по три години ја образложи со тоа што „ако треба да се регрутираат квалификувани кадри, прво е потребна просперитетна средна класа, функционална економија, атрактивни работни места, функционалност на државата, ниво на образование и образовни можности за децата – и добра политика“, рече министерот./www.dw.com/mk
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden