Лавров повтори дека Русија ќе реагира исто како и САД

 

Москва ќе го задржи правото на распоредување на ракети во која било област, како одговор на сличните мерки на Вашингтон, изјави вчера шефот на руската дипломатиоја Сергеј Лавров. Тој го цитираше рускиот претседател Владимир Путин дека Москва ќе реагира со иста мерка воочи кризата поврзана со нуклеарните ракети со среден дострел.

Претседателот нагласи дека во случај САД да се откажат од Договорот и со тоа ги отстранат препреките и почнат да користат ракети што се забранети во кој било дел од светот и Русија ќе го задржи правото, каде и да постават САД проектили, да постави свои ракети во истата област, наведе Лавров. Тој додаде дека тоа не е избор на Русија туку на САД, кои наизглед не се чувствуваат добро поради развојот на светот во кој се обликува нов неоколонијален, неимперијалистички систем на меѓународни односи без ултиматуми.

Лавров потенцира дека Русија никогаш не одбила ниту едни преговори насочени кон јакнење на стратешката стабилност. Нема да ги оптоваруваме нашите американски колеги со тоа прашање. Тие се свесни за нашите предлози, па кога доволно ќе созреат, добродојдени се, посочи Лавров. Американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар Мајк Помпео на 1 февруари изјавија дека Вашингтон ги суспендира своите обврски наметнати со ИНФ, почннувајќи од 2 февруари и оти во рок од шест месеци ќе излезе од Договорот ако Русија продолжи да не се придржува до истиот.

Рускиот претседател одговори на ист начин, истакнувајќи оти Москва ќе го суспендира Договорот од времето на Студената војна. Тој им кажа на министрите да не иницираат разговори за разоружување со Вашингтон, истакнувајќи дека САД треба да станат „доволно зрели“ за праведен и смислен дијалог. Договорот за нуклеарни ракети со среден дострел потпишан е помеѓу поранешниот Советски сојуз и САД на 8 декември 1987 година, а стапи во сила на 1 јуни 1988 година. Во 1992 година кога СССР се распадна, ИНФ стана мултилатерален договор и со поранешните советски републики – Белорусија, Казахстан и Украина, како земји наследнички.