Лажен принц на Македонија и Црна Гора уапсен во Италија

Италијанската полиција соопшти дека го уапсила Стефан Чернетиќ кој се самопрогласил за принц на Црна Гора и Македонија и уште едно лице кое се претставувало како македонски амбасадор во Италија. Двајцата уапсени патувале низ Италија со возило „Mercedes“ со црногорски знаменца и амблеми на дипломатски кор и нуделе економски, културни, меѓурелигиски и други видови соработки меѓу Црна Гора и Италија.

Според италијанските медиуми, директен повод за тужбата против Чернетиќ била сметката што луксузна вила во Апулија ја доставила до амбасадата на Македонија. Другиот осомничен С.С. е италијански државјанин кој патувал со него и се претставувал како амбасадор на Македонија во Италија. Тој и претходно бил обвинет за лажно претставување. Двајцата гратис отседнале во вилата од 25 до 31 јули, 2016 година, со лажните идентитети.

Постигнале толкав успех во нивните измами што воделе официјални разговори со тамошните бизнисмени, политичари, па дури и претставници на Католичката црква. Сето тоа резултирало со медиумско внимание, но исто така го привлекло вниманието на тамошното Министерство за надворешни работи каде била отворена истрага.

Дипломатскиот кор на италијанското министерство ја известило полицијата дека извезен „Стефан Чернетиќ“ во текот на неговата последна посета на регионот Апулија користел возило „Mercedes“ со ознаки на Република Црна Гора и налепници од дипломатски кор, а не е службеник на Амбасадата на Црна Гора во Италија. Неколкумесечната истрага во која во еден период била вклучена и војската, резултираше со апсење на Чернетиќ и неговиот соработник С.С.

Двајцата се товарат за лажно претставување, користење лажен идентитет и за фалсификување документи. При претресот на „резиденцијата на принцот“ полицијата нашла разни документи што ги издавал Принцот на Црна Гора и Македонија, од пасош со грбот на неговото кралско семејство до разни дипломи и признанија.

Чернетиќ по професија е гастрономски новинар. Неговиот „кралски живот“ се сведувал на организирање хуманитарни вечери за кои гостите плаќале влезници, а тој во зависност од сумата ги рпогласувал за витези и им доделувал други признанија.

Тој успеал да ја измами и поранешната актерка, а сега активистка Памела Андерсон и да ѝ даде титула грофица на еден од неговите „кралски“ настани.  Јавно, преку социјалните мрежи, двајцата пропагирале продажба на нивните „производи“: пасоши, титули, дипломи и официјални документи.

Advertisement