Лулзим Баша старо нов лидер на албанските демократи

Со добиени над 80 отсто од гласовите старо нов лидер на албанските демократи е Лулзим Баша, кој по третпат по ред ја добива довербата да биде на чело на партијата. По принципот „еден член, еден глас“ требаше да гласаат околу 75 илјади членови а правото го остварија вкупно 41.100 или 54,7 отсто. Важечки гласачки ливчиња се 40.674 . Од нив најголем број гласови доби Лулзим Баша, 32.882, Агрон Шехај 6.036, Едит Харџи 991 и Фатбард Кадили 763 гласови, информираше доцна синоќа Јемин Ѓана, претседател на партиската централна изборна комисија.

Првпат на чело на партијата Баша дојде во 2013 година, по поразот на демократите на парламентарните избори и повлекувањето на Сали Бериша. Тогаш за првпат се гласаше по принципот „еден член, еден глас“ кога освои, како и сега 80 отсто од гласовите наспроти неговиот против кандидат Сокол Олдаши. Во поразот на изборите во 2017 година Баша повторно побара гласање за доверба од членството и доби поголем број гласови од противкандидатот Едуарт Селами, еден од основачите на Демократската партија, кој долги години живее во САД.

Баша (44), дипломирал право во Утрехт, Холандија, првично работел во Трибуналот за воени злосторства во поранешна Југославија, како член на тимот за истраги на воени злосторства од српските сили. Кон Демократската партија се приклучил во 2004 година а истата година станал портпарол. На парламентарните избори во 2005 година, за првпат беше избран за пратеник за округот Тирана, кога по формирањето на владата, Бериша го именува за министер за транспорт а во 2007 година министер за надворешни работи.

За пратеник повторно беше избран 2009 година кога во владата на Бериша стана министер за внатрешни работи а во 2011 година на локалните избори беше избран за градоначалник на Тирана, кога со тесна разлика го победи Рама, кој на таа функција беше три мандати. Женет е и има две ќерки.

Advertisement